На самиот влив на реката Пчиња во Вардар се наоѓа Кожле, локалитет со исклучително биолошко значење. Кожле се наоѓа во близината на селото Кожле, лоцирано во областа Блатија близу автопатот Е- 75. До селото се доаѓа преку тесен локален пат кој води од Катланово. Селото е речиси иселено.

Според Просторниот план и секторска студија за заштита на природно наследство, локалитетот е заштитен и влегува во категоријата предел со посебни природни карактеристики. Oва се должи на големиот диверзитет на загрозени растителни и животински видови кои може да се сретнат на ова мало, но уникатно подрачје. Релјефната изолираност, малата урбанизација и течението на Пчиња и Вардар покрај овој локалитет го прават Кожле една мала тврдина на националниот биодиверзитет. Ова симболично се поврзува и со малиот средновековен кастел што се наоѓа во близина на селото, на левиот брег на Пчиња.

Во Кожле може да се сретнат неколку значајни растителни видови кои се наоѓаат на Меѓународната црвената листа на видови или пак се прогласени за строго заштитени видови на националната листа. Изолираноста на пределот и специфичната растителност се причина за голема разновидност на пеперутки и влекачи. Бреговите на двете реки кои го опколуваат подрачјето нудат живеалишта и на голем број видови птици.
Според истражувањето на Меловски и соработници подрачјето Кожле-Бадар е прогласено за значајно растително подрачје. На местото викано Корија кое е највисоката точка на локалитетот се наоѓаат и состоини од фоја (Juniperus excelsa).

Студијата за ревалоризација на споменикот на природа Катлановски предел предлага Катлановската Бања, Катлановското Блато и Кожле како најзначајни делови на овој предел да се вклопат во едно помало зонирано заштитено подрачје Долна Пчиња. Границата на заштитеното подрачје се предлага да ја опфати Клисурата на реката Пчиња од Катлановска Бања до вливот на Пчиња во Вардар. Во склоп на ова ново подрачје би се зонирало посебно помало подрачје ,,Питома фоја” јужно од селото Бадар. Речиси целиот локалитет Кожле би се наоѓал под зона на строга заштита, не вклучувајќи го селото Кожле и околината.

До локалитетот Кожле постои планинарска патека која се движи во правец с. Кожле - с. Карабуниште. Патеката се движи по сртот на ридот Прнар, се спушта кон брегот на Вардар и преку пешачки мост на кабли, продолжува кон Карабуниште.

Литература:

Студијата за ревалоризација на споменикот на природа Катлановски предел

http://www.mes.org.mk/PDFs/Other/IBA_IPA_%20PBA_vo_RM.pdf

http://gis.katastar.gov.mk/arec