На југот на Македонија, на крајот на Тиквешијата се наоѓа Демиркаписката Клисура, која претставува една од најинтересните природни реткости на Балканот. Демиркаписка Клисура е најмаркантната клисура на реката Вардар. Таа започнува од утоката на реката Бошава и се протега до селото Удово во должина од 19,5 km. Клисурата е всечена меѓу разграноците на Конечка и Градешка Планина на исток и разграноците на Кожуф, односно Маријанска Планина на запад. Нејзините страни се високи 500-600m и на некои места доста стрмни, особено во почетниот дел кај Демир Капија, каде што се речиси вертикални. По дното на клисурата има големи напласти на алувијален нанос од реката Вардар и од локалните притоки. Затоа има појава и на неколку мали речни острови, од кои најголем е Демиркапискиот Остров. Почетниот дел од клисурата е краткиот, но типичен кањон на Иберлиска Река (лева притока на Вардар), со вертикални варовнички страни длабоки 250-300 m.

Демир Капија се смета и за природна граница помеѓу континенталната и медитеранската клима кај нас. Во овој дел владее изменето-медитеранска клима, која е карактеристична за Гевгелиско-валандовската Котлина до Демир Капија и Дојранската Котлина.

Карактеристичните геолошки форми и геолошката историја придонеле во овој дел да се појават голем број на пештери и јами. Најинтересна е пештерата Бела Вода, која се наоѓа покрај стариот пат за Гевгелија. Вкупната должина на пештерските канали изнесуваат 955м. Дното на долниот канал постепено се издига и на места се проширува во галерии, а во дел од галериите има урнати карпи од таванот, кој го одделуваат долниот од горниот канал. Долниот канал нема пештерски накит, бидејќи е млад по својот постанок, а по дното има песоци, што укажува на повремен водотек низ пештерата. На крајот на каналот е езерото Маргаритино со пречник 8 х12 м и различна длабочина од 4 до 8 м. Горниот канал на некои места има пештерски накит.

  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-1
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-10
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-2
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-3
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-4
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-5
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-6
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-7
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-8
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-9
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-1
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-10
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-2
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-3
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-4
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-5
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-6
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-7
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-8
  • Demirhisarska-Klisura-makedonskata-porta-kon-Mediteranot-9

Демиркаписката клисура е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици: белоглав мршојадец (Gyps fulvus), египетски мршојадец (Neophron percnopteruc), златен орел (Aqyila chrscaetos), орел змијар (Circaetus gallicus), лисест глувчар (Buteo rufinus), разни соколи (Falco peregrinus, Falco naumanni), како и други ретки видови птици . Поради ова локалитетот е прогласен за Значајно подрачје за птици (ЗПП). Според Националната стратегија за биолошка разновидност, Демир Капија заедно со Преспанско и Тиквешко Езеро се неколкуте подрачја кои се под целосна законска заштита, но без било какви конкретни мерки. Овој локалитет е значен и од растителен апспект односно тука може да се сретнат многу ретки и ендемични видови растенија (Colladonia macedonica, Lilium heldreichii, Lilium martagon, Kitaibelia vitifolia etc.).

Дрвото платан од кое има цели насади тука, е заштитено со Законот за шуми како природна реткост на дрвните видови кое расте на одредени површини. На Демиркаписката клисура се наоѓа и шумската заедница Phillspeo-Juniperetum excelsae (дива фоја), која често ја зафаќаат шумски пожари. Поради сите овие биолошки и геолошки вредности Демир Капија е прогласена за Споменик на природата во 1960 г. Потоа, во 1963 како „Индивидуални растителни животински видови надвор од природни резервати” е заштитена шумата од источни платани ( Platanus orientalis ) во тесното корито на Иберлиска ( Челевечка ) Река со површина од 25 ха.

Поради градежните зафати за изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица, Демир Капија и клисурата беа во опасност од целосно уништување. Градежните зафати и минирањето на геолошката подлога придонесоа кон делумно менување на текот на реката Вардар. Овие градежни зафати се веќе завршени, но сѐ уште нема анализи со кои ќе се утврди влијанието на овој процес на животната средина, особено на биодиверзитетот.

Овој Споменик на природата сѐ уште не го добива вниманието кое го заслужува и кое му е потребно. Во Локалниот еколошки акционен план на општината Демир Капија, не се наведени потребите околу зачувувањето на овој локалитет, освен неговите туристички потенцијали. Засега од аспект на проширување на мрежата на заштитени подрачја во овој регион како предлози стојат: Природни резервати за научно истражување: Клисурска река и Студена глава - Рид Трнка, како и потенцијалните Споменици на природата: Краставец, пештерата Бела Вода, Штудер и Црни ореви.

Литература:

http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2016/12/STUDIJA_PRIRODA.pdf

http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2015/01/Nacrt-NBSAP-20.01.2015-za-MZSPP-so-tabela-2.pdf

http://www.bregalnica-ncp.mk/wp-content/uploads/2016/12/Nacrt_nacionalna_strategija_za_zastita_na_prirodata.pdf

http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/10/Studija%20za%20OVZS%20_E%2075_Demir%20Kapija%20_Smokvica_Koridor%20X_del%201%20od%204.pdf

http://opstinademirkapija.gov.mk/wp-content/uploads/2018/10/leap-demir-kapija.pdf