Бранко Прља

Во Македонија сме соочени со макропроблемот на несистематско селектирање и нерегулирано рециклирање, така што микропластиката ни се чини како безначаен проблем, но што порано почнеме да размислуваме за ситните нешта, полесно ќе стигнеме до крупните.

Кон средината на минатиот век пластиката била чудотворен изум кој ја сменил индустријата и секојдневниот живот на човекот и верувам дека научниците кои учествувале во нејзиното пронаоѓање биле водени од искрена желба за напредок. Влијанието кое го извршиле врз човештвото било револуционерно, но истовремено и уништувачко врз живиот свет и околината. Дали има решение за „„пластичниот проблем“ и особено за проблемот со микропластиката, која е се  посеприсутна, останува да видиме. Во Македонија сме соочени со макропроблемот на несистематско селектирање и нерегулирано рециклирање, така што микропластиката ни се чини како безначаен проблем, но што порано почнеме да размислуваме за ситните нешта, полесно ќе стигнеме до крупните.

Пластична облека

На оние родени во седумдесеттите им е позната песната „Пластика“ од Идоли во која има еден стих „Јас носам пластична облека, а можеби сум пластичен и јас“. Тоа на времето ни се чинеше  како хумористична песна, но она што го зборуваше  е една еколошка вистина. Да, ние носиме пластична облека. Но, зошто?

Некогаш одамна облеката била правена од природни ткаенини како памук, свила, коноп и слично, но денес не е веќе така и во нашата облека има повеќе пластика отколку природни влакна.

Историјата на пластиката е фасцинантна колку и нејзините разни начини на употреба, но фокусот на текстов ќе бидат пластичните влакна. Првите истражувања на полимерите и синтезата на ПВЦ (поливинил хлорид) била направена во Германија во 1913 година, а првото синтетичко влакно бил најлонот, произведен од хемиската компанија DuPont (McIntyre, 2004). Историјата на лозата Дупон е интересна и може да се чита како криминалистички роман, и тоа не само настаните поврзани со Џон Дупон опишани во филмот Foxcatcher, туку и многу порано. Компанијата Дупон билa во центарот на индустријата на хемикалии. Во американската индустрија моментално се користат околу 50.000 хемиски соединенија а 25.000 се на пазарот. Повеќето ги вовела компанијата Дупон без тестирање за долгорочните ефекти врз живите суштества и врз околината (Colby, 2014).

Волис Каротерс (Wallace C. Carothers), научникот кој потрошил 10 години од својот живот за пронаоѓање на првото комерцијално употребливо вештачко влакно за Дупон - најлонот, не добил никаков надомест и се самоубил во 1937 година, со повеќе од 50 изуми за Дупон (Colby, 2014). По 1950-тите употребата на најлонот се проширила од првичната за женски чорапи, на гуми, ремени, теписи, чаршафи, кошули, завеси за туширање, четки за коса, четки за заби, музички жици, или како ликра (во комбинација со еластин) за спортска облека, костими за капење, скијачка облека итн.

Подоцна настапила ерата на полиестерот кој до крајот на векот опфаќа  60 отсто од пазарот на сите други синтетички влакна, додека најлонот само  13 отсто. (McIntyre, 2004) Полиестерот е евтин, едноставно се произведува, лесен е, лесно се бои, не се тутка и лесно се пере. Се употребува во сѐ што содржи и текстил, облека, мебел, теписи, филтери, каиши за автомобили, шатори итн. Од тогаш до денес синтетичките влакна сѐ повеќе се произведуваат, а потребни се 4 тони нафта за да се произведе 1 тон најлон или полиестер.

Мали нешта, големи проблеми

Од моментот кога човекот пред околу 100 години пронашол начин од темната смрдлива супстанца наречена нафта да прави различни предмети, таа револуција не престанала. Тоа што е многу отпорна на секакви влијанија ја прави добра за индустријата, но лоша за природата, зашто и по 1.000 години сѐ уште ќе биде тука! Научните истражувања се децидни: биодеградацијата на памукот е 50-80 отсто, а на полиестерот помалку од 20 отсто (Li et al., 2010).

Сепак, од облеката не можеме да се откажеме. Се облекуваме за да не ни студи, за да се заштитиме од различни штетни или непријатни агенси и влијанија, но во модерното општество биолошките функции се заменети со социолошки. Денес облеката претставува мода и социјален статус, доказ за тоа колку сте во тренд и колку ги следите светските случувања. Но, ако сакаме да ги дознаеме одговорите за суштинските прашања во животот мораме да се погледнеме вистински, зад облеката, и да се видиме онакви какви што сме.

Можеби нема да ни се допадне тоа што ќе го видиме и затоа ги врзуваме очите и влегуваме во трката наречена живот, за повеќе пари, предмети, облека и материјални поседи, не мислејќи притоа колку ѝ наштетуваме на околината, на нас самите и на нашите потомци.

Навистина, не е пријатно да се биде под лупа. Никој не сака да биде под микроскоп, секако ниту планктоните немаат интерес од тоа, но научниците ги насочиле нивните микроскопи кон нив и што виделе? Микропластика, поточно микроскопски нишки од пластика. Како таа пластика се нашла таму? Ако мислите дека шишињата и најлонските ќеси се виновници, се лажете. Најголем дел од тие влакна потекнуваат од вашата облека, од нејзиното производство и одржување (пред сѐ перење), како и од другите „пластични текстили“ како што се теписи и слично.

Ако се прашувате каква врска имаат планктоните со вас, размислете уште еднаш, зашто рибите ги јадат планктоните, а вие јадете риби. Всушност, микропластиката е толку присутна во целиот морски свет што е невозможно да јадете морска храна, а да не изедете и малку пластика. Две третини од вкупниот текстил кој се произведува во светот е од синтетички влакна, а една третина од вкупната микропластика во океаните потекнува од тие влакна (Henry et al., 2018).

Ако мислите дека избегнувањето таква храна ќе ве спаси, се лажете, пластиката ја има насекаде, во секој материјал кој ве опкружува, во теписите, каучите, прекривките и слично. Всушност, микропластиката ја има во водата за пиење, 83 отсто во таа од чешма, 93 отсто во таа од шишиња (Kosuth et al., 2017), но и во воздухот кој го дишете, особено во затворените простории. Би советувале да излезете надвор, но воздухот таму не е ништо подобар. Освен стакленичките гасови и ПМ честичките, во отворените средини ветрот дува парчиња микропластика во воздухот од фрлената облека на депониите (Barnes et al., 2009).

Но, тоа не е сѐ. Постои проценка дека 50 отсто од отпадните води се користат за земјоделството ширум Европа, а тоа е 125 до 850 тони микропластика ослободени годишно на 1 милион жители. (Nizzetto et al., 2016) Во Кина состојбата е уште полоша, 100% од земјоделските примероци во југозападна Кина содржат микропластика, а изворот бил пред сѐ од перењето алишта. (Во Zhang and Liu, 2018, според Henry et al., 2018). Состојбата е слична и во светот и постојат многу статии кои може да се најдат на интернет на таа тема, како на пример оваа. Ако тоа не е доволно, микропластиката е пронајдена и во храната и пијалоците, како во солта, шеќерот, пивото итн. (според Rist et al., 2018 во Henry et al., 2018)

Заклучокот (не) е едноставен

Пластиката е проблем. На локално ниво сме соочени со нерегулирано и нецелосно селектирање и рециклирање, но пред да ги решиме тие проблеми треба да се посветиме на намалена употреба (помалку купување) и реупотреба (подарување на тоа што не го користиме на тие кои имаат потреба). Постојат доволно начини на кои можеме да го оствариме тоа, преку меѓународни и невладини организации или здружувања на граѓани преку социјалните медиуми (како на пример активноста која ја правиме преку групата „Дај, не фрлај“ во која се подаруваат користени работи, а во голема мерка и облека, што може да се види преку оваа статистика), но потребно е и државата активно да се вклучи во овој процес. Преку нејзините механизми на едукација, јавни дискусии, акции и мотивации може да се гради свеста и да се поттикнуваат акции за решавање на овие проблеми. Сите заедно треба да работиме на малите (пластични) проблеми пред тие да станат преголеми.

Бранко Прља дипломирал на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“, преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.