Големиот број на петиции, барања за состаноци, иницијативи и протести не успеаја да го сопрат градењето на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар низ парк шумата Водно и околните падини. Веќе речиси година во градежните активности и гасоводот го добива својот изглед особено низ делот на Водно. Без разлика што инвеститорите и Владата тврдеа дека новата траса е намалена и стеснета, сепак на терен веќе се видливи трајните промени што овој објект непотребно ги нанесе на оваа скопска планина.

Моментално сѐ уште се минираат делови на северните падини на Водно, под врвот Кале кон кањонот Матка, а во погорните делови на трасата веќе физички се поставуваат цевките и се уредува околината. За потребите на гасоводот и уште поважно за полесно движење низ трасата се пробиени неколку патишта кои грубo ја сечат и уништуваат шумата. Некои делови од стазата се речиси 20-тина метри широки, а градежни возила, истурено масло, гуми, градежни материјали и друг цврст отпад може да се сретнат насекаде низ трасата и во шумата.

Со изведба на овој гасовод речиси целосно се уништи природноста на една од најпопуларните мали трансверзали, Водно – Матка. Оваа стаза нуди одлична можност за целосно запознавање со планината Водно и движење низ старите шумски насади, а завршува со спуст кон Споменикот на природата Матка. Ова е типичен пример за тоа како две заштитени подрачја Водно и Матка може да се поврзат, а со тоа и да се заштитат. Географската оддалеченост на стазата од урбаните средини нудеше многу повеќе од само прошетка и престој во природа, туку таа претставуваше и биокоридор користен од животинскиот свет на планината. Сега овој систем е засекогаш нарушен.

Во првите пролетни месеци се одвиваше процесот на поставување, сечење и заварување на цевките од гасоводот низ Водно. Бучавата која се создавање од сечењето на цевките го надгласуваше пролетното црцорење и пеење на птиците, а километарските метални цевки како ксилофон го пренесуваа звукот и вибрациите низ целата планина. Загадувањето со бучава може е непозната појава, но многу влијае врз биодиверзитетот. Бучавата влијае врз квалитетот на животот на животните, животинската комуникација, процесот на парење и исхрана.
Досега инвеститорите не понудија никаква добра аргументација за уништувањето на Водно. Одржувањето на енергетските ресурси е важно за стабилноста на државата, но изведбата на гасоводот низ Водно делува како полесната опција, со цел спречување на административно-политичките проблеми на сметка на природата.

Литература:

https://toxtown.nlm.nih.gov/sources-of-exposure/noise-pollution

https://environmentalevidencejournal.biomedcentral.com/articles/10.1186/s13750-019-0146-6

https://www.ecology.com/2012/01/26/noise-pollution-biodiversity/

https://study.com/academy/answer/how-does-sound-pollution-affect-biodiversity.html