автор: Лаура Паркер (Laura Parker)

Поголем дел од планетата Земја ‘плива’ во отпадна пластика која е штетна за животните а веројатно и за човековото здравје. Можеме ли да ја исчистиме?

Загадувањето со пластика денес е едно од најгорливите прашања кога станува збор за животната средина, поради фактот што забрзаното производство на пластични производи кои потоа се фрлаат е поголемо од капацитетите за справување со тие производи на светско ниво. Ваквото загадување е највидливо во земјите од Азија и Африка, каде или не постојат системи за собирање на отпадот, или истите се неефикасни. Но, ако го погледнеме и развиениот свет, особено земјите со ниски стапки на рециклирање, ќе забележиме дека и таму има проблем со соодветното собирање на отпадната пластика. Пластичниот отпад стана толку актуелен што доведе и до активности за изготвување и на глобална спогодба за овој проблем, која ќе се преговара на ниво на Обединетите нации.

Zagaduvanjeto so plastika kako svetska kriza osnovni informacii vnatre

Како дојде до оваа ситуација?

Пластиката направена од фосилни горива е изум стар малку повеќе од еден век. Производството и развојот на илјадници нови пластични производи значително се забрза по Втората светска војна и го трансформираше начинот на живеење – животот без пластика денес би бил непрепознатлив. Пластиката воведе револуција во медицината со уреди кои ги спасуваат животите на луѓе, овозможи да се патува во вселената, ги направи возилата и воздухопловите многу полесни (заштеда на гориво и помало загадување) и го заштитува животот благодарение на кацигите, инкубаторите и опремата за чиста вода за пиење.

Погодностите кои ги нуди пластиката сепак доведоа до култура на „употреби и веднаш фрли“ а тоа ја изнесе на површина и темната страна на овој материјал: пластиката за еднократна употреба учествува со 40% во вкупното количество на пластика кое се произведува секоја година. Голем дел од овие производи, како што се пластичните кеси и амбалажата за храна, се користат само неколку минути или часови, а во животната средина можат и понатаму да останат со стотици години.

Пластиката низ бројки

Неколку основи факти:

  • Половината од целата пластика произведена досега е произведена во последниве 15 години.
  • Производството се зголеми експоненцијално – од 2,3 милиони тони во 1950 година, на 448 милиони тони до 2015 година. Производството се очекува да се удвои до 2050 година.
  • Секоја година, околу 8 милиони тони пластичен отпад успева да „избега“ во океаните а потекнува од државите кои имаат излез на мора или океан. Тоа е исто како да поставиме пет полни кеси со ѓубре на секоја стапка од крајбрежјето на целиот свет.
  • Пластиката често содржи и адитиви за да биде појака, пофлексибилна и потрајна, кои потоа, кога пластиката ќе стане отпад, стануваат проблематични. Проценките се дека на пластиката ѝ требаат најмалку 400 години за да се распадне.

Како пластиката се движи низ светот

Повеќето од пластичниот отпад во океаните потекнува од копното. Поголемите реки се тие кои отпадот во океаните. Во суштина, реките делуваат како еден вид на бесконечна лента – постојано собираат нови и нови количества отпад по својот тек и, кога ќе дојде до морето, повеќето од пластичниот отпад останува во крајбрежните води. Сепак, кога ќе го зафатат океанските струи, овој отпад може да се разнесе низ целиот свет.

На Островото Хендерсон има еден ненаселен атол, во групата на Питкаирн, кој е поставен изолирано на половина пат помеѓу Чиле и Нов Зеланд. На него, научниците имаат пронајдено пластични производи од Русија, Соединетите Држави, Европа, Јужна Америка, Јапонија и Кина. Тие се донесени од кружната океанска струка на Јужнопацифичкиот океан.

Микропластика

Кога ќе се најде во морето, изложен на сонце, ветар и бранови, пластичниот отпад се разбира на помали честички кои се поситни и од пет милиметри. Тие се нарекуваат микропластика и патуваат низ водните текови. Пронајдени се во секој дел од светот – од Монт Еверест (како највисока точка) до Марианската бразда (како најдлабока точка).

Микропластиката дополнително се разбива на уште помали и помали делчиња. Пластични микровлакна се пронајдени во системите за вода за пиење и како лебдат во воздухот.

Штетно за дивиот свет

Пластиката секоја година убива милиони животни – од птици и риби до други морски организми. Од неа се засегнати речиси 700 видови, вклучувајќи ги тука и загрозените видови. Речиси секој вид на крајбрежни птици јаде пластика.

Повеќето од угинувањето на животните е предизвикано поради заплеткување или изгладнување. Фоките, китовите, желките и другите животни се заглавуваат во фрлените риболовни мрежи, риболовна опрема или во отпадните пластични прстенести држачи за лименки (пакувања по 6). Микропластиката е пронајдена кај повеќе од 100 акватични видови, како што се риби, ракчиња и школки кои и ние ги користиме за наша консумација. Во повеќето случаи овие ситни парчиња поминуваат низ дигестивниот систем и излегуваат од телото без последици, но имало случаи кога пластиката го има блокирано дигестивниот тракт или ги пробила органите, што довело до смрт. Желудникот во кој има пластика ја намалува потребата од јадење што доведува до изгладнување.

Пластиката ја консумираат и копнените животни, како што се слоновите, хиените, зебрите, тигрите, камилите, добитокот и другите големи животни, што во некои случаи доведува и до смрт.

Тестови исто така имаат потврдено и случаи на оштетувања на црниот дроб и на клетките, како и попречување на репродуктивните системи, поради што некои видови, како што се остригите, да несат помалку јајца. Новите истражувања покажуваат дека рибите кои се во стадиум на ларви јадат нановлакна во првите денови од животот, што покренува нови прашања за влијанието кое пластиката го има на популацијата на рибите.

Справување со плимата од пластика

Откако ќе влезе во океаните, пластичниот отпад е многу тешко да се извади оттаму (дури и невозможно). Механичките системи, како што е Mr.Trash Wheel кој има улога на пресретнувач на пластичниот отпад во пристаништето Балтимор во Мериленд, може да биде ефикасен за собирање на поголеми парчиња пластика, како што се амбалажа од храна или чаши од пластика и стиропор, но откако пластиката ќе се распадне во микропластика и ќе биде однесена кон отворениот океан, таа е речиси невозможно да се собере.

Решението е во тоа да се спречи пластичниот отпад да дојде до реките и морињата. Ова е став на голем број научници и конзерватори, како и на National Geographic Society. Ова може да се оствари со подобрување на системите за управување со отпад и со рециклирање, потоа со подобар дизајн на производите кој ќе ги земе предвид краткиот животен век на амбалажата и со намалување на производството на непотребната пластика за еднократна употреба.