fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
diviot svet i prolet featured

Дивиот свет и пролетта

На Северната Хемисфера според астрономското сметање пролетта започнува со пролетната рамноденица на 20 март. Сепак, дивиот свет не поседува календар и промените кои настануваат со заминувањето на зимата се многу посуптилни и независни од фиксни датуми. Фенолошките и еколошките дефиниции за пролетта се врзани за биолошки индикатори како цветањето на одредени групи растенија, „будењето“ на голем број животински видови како и мирисот кој почвата го оддава кога ја достига температурата за „цветање“ на микрофлората, токму оној мирис кој заедно со поленот во воздухот ја дава карактеристичната арома на пролетта.
Пролетта претставува нов почеток за речиси сите животински и растителни видови. Одеднаш животот се буди а со тоа и стануваат многу поочигледни сите комплексни интеракции помеѓу живите организми во екосистемот.

Блатна желка (Emys orbicularis)

Блатна желка
Блатната желка е жител на стагнантните (стоечки) слатководни живеалишта во Македонија. Според македонската црвена листа на влекачи и водоземци, блатната желка се смета за ранлив вид (VIU) главно поради деградација на соодветните живеалишта. Како и сите други желки, така и оваа е поикилотермна (ладнокрвна), што значи дека сама по себе не е способна да ја регулира телесната температура, туку мора постојано да ја одржува преку изложување на сонце во ладните часови и криење во сенка кога е претопло. Зимото го поминува во фаза на хибернација закопана во кал. За време на „зимскиот сон“ дишењето и пулсот драстично се успоруваат заедно со сите други метаболички функции. На пролет, со затоплувањето на времето, желките излагаат повторно на површината каде што продолжуваат со својот секојдневен живот.

Богомолка (Mantis religiosa)

Богомолка
Веројатно сте запознаени за половиот канибализам кај богомолките, односно дека многу често после парење женките ги конзумираат своите партнери. Веројатно помалку сте запознаени со фактот дека овие извонредни инсекти не ја преживуваат зимата. Женките во есента ги положуваат своите јајца во групации од околу 100-200 и набргу умираат од ниски температури и недостиг на храна. На пролет, температурата и влажноста го диктираат периодот кога ларвите се изведуваат од јајцата и нивната авантура започнува. Ларвите наликуваат на црви и се задржуваат како такви се до првото преслекување (отстранување на старата обвивка) кое настанува релативно брзо. Следната фаза е стадиумот на нимфи каде младите богомолку веќе се речиси идентични на возрасните само десет пати помали. Но тука е само почетокот на нивното патешествие. Само 10% од младите го преживуваат првото преслекување, додека за возрасни се сметаат после осум преслекувања кога веќе имаат развиени крилја и се полово зрели. Богомолкуте се предатори кои ловат од заседа, а се хранат со сите инсекти кои не се преголеми за да бидат фатени.

Ждрепка (Elaphe quatuorlineata)

Ждрепка
Како сите други змии, и ждрепката ја поминува зимата во хибернација. Како засолниште користи напуштени канали од глодари каде може и да презими заедно со повеќе други единки. На пролет ждрепките ги напуштаат дупките и почнуваат да водат солитарен начин на живот, а се групираат само за парење кое се одвива помеѓу април и мај. Одличен качувач по карпи и дрвја. Ждрепката може да се сретне и на речиси вертикални карпи како ползи во потрага по храна. Се исхранува со цицачи, птици, и други помали влекачи.

Ѕидна гуштерица (Podarcis muralis)

Ѕидна гуштерица
Ова е широко распространет вид во Македонија. Го има во многу локалитети и е еден од видовите кој најуспешно прилагоден на човечки живеалишта. Може да се најде на многу живеалишта, како што се карпести области, грмушки, листопадни и зимзелени шуми, овоштарници, лозја, полиња, камени бедеми и на згради. Тој е еден од видовите кој е најуспешно прилагоден на човековите живеалишта. Овој гуштер не хибернира во вистинска смисла на зборот туку само ја успорува активноста и чека температурата да надмине 10˚С за повторно да се активира. Сепак, доколку температурата повторно опадне со задоволство се враќа во дупките каде што презимува и чека вистинска пролетна клима.

Глувчар (Buteo buteo)

Глувчар
Глувчарот е една од најчестите грабливи птици во Македонија. Широко распространет е низ целата држава, а особено е љубител на отворени предели каде може лесно да лови. Се храни со мали цицачи, влекачи па дури и без’рбетници. Не е преселна птица во вистинска смисла на зборот и често пати зимата ја поминува во околината на територијата каде гнезди. Сепак, оние единки кои живеат во Северна Европа често мигрираат јужно кога зимите стануваат сурови. Во доцна зима овие птици се припремаат за гнездечката сезона со тоа што стануваат територијални и своите територии ги чуваат и обележуваат со воздушни акробации и огласувања. Почетокот на гнездечката сезона варира според географската широчина но најчесто трае од март до јули.

Леопардов смок (Zamenis situla)

Леопардов смок
Извонредно убава змија која населува прилично суви, каменести живеалишта како што се ѕидови од сув камен или стари урнатини; може да се најде и по топлите шумски рабови. Дневен вид, но за време на потоплите делови од годината може да биде ноќно активен, честопати привлечен од топлите камени површини или асфалтни патишта. Како и другите змии, леопардовиот смок се буди од хибернација со почетокот на пролетта користејќи ги првите покачувања на температурите за да се згрее и активира. Парењето се одвива помеѓу март и мај и женката обично положува една група од осум јајца во јули.

Ливадска гуштерица (Podarcis tauricus)

Ливадска гуштерица
Ливадската гуштерица е релативно чест жител на отворените површини со тревеста вегетација на песоклива подлога, па дури и на земјоделските површини. Сепак, таа не е толку застапена како нејзините блиски „роднини“. Зимата ја минува под земја, додека парењето се одвива помеѓу март и јуни. Женките положуваат две до десет јајца, понекогаш и во две легла. Според Националната црвена листа на Македонија, ливадската гуштерица е класифицирана како близу засегнат вид (NT).

Поскок (Vipera ammodytes)

Поскок
Поскокот се смета за најотровната змија во Европа. Сепак, по природа овие змии воопто не се агресивни и речиси по секоја цена ќе се обидат да избегнат ситуација каде би морале да каснат човек. Поскоците се мошне латарчични и спори змии и единствениот начин каде би можеле да му наштетат на човекот е при значително вознемирување. Оваа змија ја пратат голем број народни верувања и суеверија кои во голема мера се грешни, додека најголема штета од ваквите преданија трпат самите змии. Поскоците се исклучително убави змии кои можат да пораснат до најмногу 95 cm, иако најголемиот дел не надминуваат 85 cm. Ромбоидните шари и рогот кај носот се најкарактеристичните визуелни одлики на оваа змија. Поскоците како и речиси сите други влекачи зимата ја минуваат под земја додека парењето се одвива во мај. Мошне интересно за овие змии е што тие се овививипарни, односно јајцата не ги положуваат во земја како повеќето други змии туку ги чуваат во себе се додека младите не се изведат, а потоа мајката „раѓа“ помеѓу 4 и 15 млади. Овој вид се поврзува со карпести области, но може да се најде и на други живеалишта. Се среќава во суви, честопати карпести живеалишта, вклучително и отворени шумски површини и грмушки, песочни дини, ридови, шуми, традиционално култивирано земјоделско земјиште, градини и лозје. Наместо предизвикување паника и страв, средбата со оваа змија треба да биде привилегија. Во никој случај таа нема да се обиде да ве касне доколку вие први не ја нападнете. Најголемиот број напади од овие змии се предизвикани како резултат на човековата агресија врз нив.

Селска ластовичка (Hirundo rustica)

Ластовичките заедно со штрковите се можеби најомилените птици кај луѓето. Веројатно е и најголем симбол на пролетта. Ластовичките се извонредно добро адаптирани за соживот со луѓето и можат да се сретнат речиси во секоја населба, без оглед колку е урбанизирана. Во Македонија се среќаваат пет вида ластовички додека селската е најчеста во руралните населби а се повеќе ја има и во градовите. Овие птици се хранат исклучиво со инсекти кои ги фаќаат во лет. Една ластовичка јаде околу 60 инсекти во еден час, односно околу 850 инсекти во текот на денот, што значи дека без ластовичките летните ноќи би биле далеку понеподносливи со комарци. Хранењето со инсекти прави овие птици да мораат да мигрираат и зимските месеци ги минуваат во Централна и Јужна Африка. Кај нас почнуваат да се појавуваат најрано во февруари, но поголемиот дел пристигаат во април.

Сколовранец (Sturnus vulgaris)

Сколовранец
Сколовранецот е многу чест жител во Македонија. Распространети се речиси секаде освен на високопланинските предели. Зимите ги поминуваат групирајќи се во огромни јата кои можат да бројат и десетици па понекогаш и стотици илјади птици. Волкав број птици и волку усти за хранење значи дека често може да предизвика штети на посевите и затоа многумина овој вид го сметаат за „штетник“. Сепак, сколовранците во голема мера се хранат со инсекти и други членконови па така и всушност вршат еден вид контрола на штетниците. На пролет, големите јата се растураат а птиците добиваат многу поубаво обојување и со тоа го означуваат почетокот на сезоната за гнездење. Гнездат во дупки од клукајдрвци, пукнатини од дрва, бандери, улични светилки, кровови, дупки во ѕидови, куќарки за птици и буквално на сите груги места каде што можат да се засолнат. Неспарените мажјаци ги прават гнездата и ги украсуваат со цветови и свежа трева, а потоа пеат за да привлечат женки. По извешената инспекција од страна на женката таа одбира дали е „доволно добро“, по што ги уништува сите орнаменти а потоа двајцата го доградуваат гнездото. Иако најесто моногамни, мажјаците не ретко се парат и со други женки додека нивната партнерка ги инкубира јајцата. Двајцата родители се грижат за младите иако некогаш се случува да парот има и трета птица која помага со хранење на младите. Гнездечката сезона започнува на пролет меѓутоа многу често се случува да истиот пар направи и по две или три легла во годината.

Црвеноклун лебед (Cygnus olor)

Црвеноклун лебед
Црвеноклуниот лебед е еден од трите европски лебеди и единствениот кој гнезди во Македонија. За време на зимата умеат да се групираат во јата меѓутоа со почетокот на пролетта јатата се растураат и секој пар се упатува кон своето гнездо. Лебедите се исклучиво моногамни и гнездат заедно се до смртта на еден од партнерите. Гнездата ги градат од трски, гранки, трева обвиени со почва и кал. Тие достигнуваат огромни димензии и гниењето и распаѓањето на органската материја во гнездата оддава топлина која лебедите ја користат за инкубација на јајцата. Мајките несат четири до десет јајца а инкубацијата трае малку повеќе од еден месец. Младите лебеди не можат да летаат првите 120 до 150 дена, а ова следствено и ја ограничува нивната дистрибуција во северните области затоа што младите мораат да пролетаат пред времето да стане ладно и малите бари да замрзнат.

Лиска (Fulica atra)

Лиските се чести водни птици кај нас а уште почести во зимските месеци кога се приклучуваат и единките кои гнездат во северните делови на Европа. Како и голем број други видови птици, лиските во зима се групираат во јата кои понекогаш достигаат и до неколку илјади единки. За разлика од зима, со почетокот на гнездечката сезона на пролет лиските стануваат многу територијални и двата родители со голема агресивност кон други птици ја бранат својата територија. За разлика од нејзините „блиски роднини“ лиските не се толку елузивни и можат да се забележат како пливаат на отворено. Гнездата ги градат од гранки, трски и листови во плитка вода близу бреговите, најчесто сокриени во густа вегетација. Леглото брои помеѓу шест и десет јајца а двата родители се вклучени во инкубацијата. Лиските се омнивори, меѓутоа преферираат растителна храна. Во некои случаи се хранат и со ситни животинки како и со јајца од други водни птици.

Пролетта е годишното време на љубовта. Благопријатните услови овозможуваат да повеќето животни го започнат својот циклус на размножување токму тогаш. Сепак, во животинскиот свет време за разонода нема. За час условите ќе се променат и на сила ќе стапат големите горештини и сушните периоди кои летата ги носат со себе. Во оваа смисла, покрај тоа што пролетта е период на изобилство, во исто време е и момент кога сите се тркаат да зграбат соодветно живеалиште и обезбедат сигурни услови за периодот кој следува.

Автор на текст: Ненад Петровски, Македонско еколошко друштво
Автор на фотографија: Андреј Михајлов, Истражувачко друштво на студенти биолози

Сподели