fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
endemichni vidovi pred isceznuvanje nema monitoring featured

Ендемични видови пред исчезнување, нема мониторинг на рибниот фонд

Најмалку три ендемични видови риба во Македонија може да исчезнат, а тоа никој да не го примети. Нашата држава дваесет години доцни со воспоставување систем за постојан мониторинг на рибниот фонд, што е обврска од европската Директива за води. Истовремено, не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет за континуирани истражувања на состојбата со рибниот фонд и доколку не би биле странските донатори и повремените проекти не би располагале со нови податоци за состојбата со рибите во земјава.

Во Македонија има 85 видови риби

Според податоците од Националната стратегија за билиошка разновидност 2018-2023 во Македонија има вкупно 85 видови риби од кои 66 се автохтони, а 19 се алохтони.

„Проценката на вистинската бројност на видови во ихтиофауната на Македонија е отежната поради мноштво на нерешени таксономски проблеми, посебно помеѓу
пастрмките (Salmonidae). Фауната на рибите во Македонија арбитрарно брои 85 видови (19 интродуцирани), кои припаѓаат на 15 фамилии. Најбогато со ендемични видови риби се Преспанското Езеро (8 од 11 автохтони видови се ендемични) и
Охридското Езеро со 8 ендемични видови од 21 автохтон вид. Ихтиофауната на овие две езера е сериозно загрозена со внесување на алохтони видови (12 во Преспанското и 7 во Охридското Езеро). Ихтиофауната на Дојранското Езеро брои 14 видови, од кои само еден е ендемичен, а два вида се интродуцирани“, пишува во документот.

Се додава дека од автохтоните видови, три се сметаат за критично загрозени (Acipenser sturio, Anguilla anguilla и Alburnus macedonicus), два се загрозени (Pelasgus prespensis и Salmo peristericus), 10 се чувствителни, еден е близу засегнат и 10 се без доволно податоци за нивниот степен на засегнатост (IUCN 2014). Согласно националното законодавство, 10 видови риби се строго заштитени, а 20 заштитени (два вида се вклучени во двете листи).

endemichni vidovi pred isceznuvanje nema monitoring 1

Европската јагула (Anguilla anguilla) еден од најзагрозените видови риба во македонските води

Риболовни основи

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека согласно член 76 од Законот за рибарство и аквакултура следењето на состојбите во рибарството, процени на сосотојбата со рибите, предлагање на мерки за заштита и унапредување на риболовот вршат овластени установи од областа на рибарството.

„Овластените установи изработуваат и стручни студии – риболовни основи за секоја риболовна вода во Република Северна Македонија. Риболовните основи претставуваат стручни студии за начинот на стопанисување со рибите во одредена риболовна вода.

Сите риболовни основи се објавуваат во Службен весник. “, велат од Министерството.

Последните риболовни основи се изработени за периодот 2017-2022 година и во нив се дадени прецизни податоци за видовите риби во реките, природните езера и вештачките акумулации.

Забрането е внесување алохтони видови во Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро и водите во националните пракови

На прашањето дали во водите во земјава можат да се сретнат риби кои се донесени од странство односно коишто не се автохтони и како тоа влијае врз рибниот фонд, од Министерството велат дека согласно Законот за рибарство и  аквакултура во водите и природниот слив на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро и во водите кои припаѓаат на териториите на националните паркови забрането е внесување на алохтони видови риби. Внесување на нови виодови риби во останатите риболовните води е дозволено со одобрение и обезбедено позитивно мислење од овластена установа.

Од Министерството додаваат дека овластени установи за оваа проблематика се УКИМ Институт за сточарство – Скопје и  ЈНУ Хидробиолочки завод – Охрид.

Државата не одвојува пари за истражувања

Од двете научни установи потенцираат дека главен проблем е што државата не одвојува пари за континуирани научни истражувања и воспоставување системски мониторинг на рибниот фонд.

Проф. д-р Васил Костов од УКИМ Институт за сточарство – Центар за рибарство вели дека истражувања на рибниот фонд во нашата земја се вршат секоја година, но дека институциите кои би требало, не одвојуваат средства за научно-истражувачки проекти.

„Последните истражувања кои ние како екипа составена од истражувачи од УКИМ Институт за сточарство – Центар за рибарство и УКИМ Природно математички факултет – Институт за биологија,  ги имаме работено, се во 2020 година, на повеќе реки во земјава. Она што треба да се потенцира е дека во Македонија не постои организиран мониторинг на рибите во нашите води, што впрочем е обврска согласно Директивата за води (WFD – Water Frame Directive) на Европската заедница. Согласно Директивата за води мониторинг на секоја вода по однос на составот на рибната населба треба да се прави на секои три години. Кај нас тој систем не е воспоставен иако Директивата за води е донесена речиси пред 20 години.  Истражувањата се вршат по различни проекти финансирани од различни странски донатори, различни програми, нарачки од градежни фирми и слично, но многу ретко тие истражувања се финансирани од оние од кои треба да бидат финансирани, а тоа е нашата Влада преку надлежните министерства: Министерство за образование и наука, Министерство за животна средина и просторно планирање и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство“, вели Костов.

Порибување
  • Порибувањето на риболовните води, периодот на порибување, видовите риби и количината на порибителен материјал по одеделни риболовни води е утврдена во риболовните основи.
  • Обврска на концесионерот на рибите од риболовните води за организирање рекреативен риболов е да ги порибува водите на кои стопанисува. Обврска на државата е да ги порибува риболовните води кои се доделени на користење за вршење стопански риболов. Видовите риби се утврдени во риболовните основи.
  • Риболовните води (реки, езера и акумулации) во Македонија се порибуваат секоја година. Најчесто се порибува со крап и поточна пастрмка, од причина што тоа се видови кои комерцијално се одгледуваат во рибниците во земјава. Ретко, се врши, порибување и со други видови риби како клен, попадика, црвеноперка, плашица, сом, амур и други видови.

Од ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид исто така велат дека во нашата држава, речиси две децении наназад, отсуствуваат соодветни перманентни истражувања на рибите и следења на состојбите на нивниот фонд.

„Главните причини, според нашите согледувања, се во законските регулативи со кои се управува со рибниот фонд. Така, од риболовен аспект (заштита и искористување на рибите) е во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), додека заштитата на биолошката разновидност (каде спаѓаат и рибите) и заштитата на квалитетот на водите и нивниот жив свет е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), од кои две министерства би требало да се издвојуваат финансиски средства за апликативни истражувања. Од друга страна, пак, фундаменталните научни истражувања треба да бидат финансирани од страна на Министерството за образование и наука (МОН), каде што повеќе од 15 години не се издвојуваат средства за научно-истражувачки национални проекти“, велат од заводот.

Оттаму додаваат дека ваквиот сплет на поставености довеле до непостоење на перманентно следење (мониторинг) на рибите од нашите слатки води и покрај заложбите на научните работници.

„Аналогно на тоа, состојбата со рибите се следи спорадично, базирана врз проекти финансирани од странство со зададени задачи и методики, кои пак, не секогаш соодвествуваат на специфичностите и природата на работите кои постојат кај нас, односно не се добива комплетна слика, бидејќи често пати се работи за целно поставени работи и неприменливост на методики. Што се однесува пак до реализација на одделни неопходни и фундаментални истражувања, научните работници во оваа сфера, работејќи на ваквите апликативни проекти, се снаоѓаат и на сопствен терет искористуваат дел од работите за да можат да добијат научно издржани одговори, кои пак од друга страна речиси постојано ги бара, а не издвојува средства за тоа“, велат од заводот.

Три години нема порибување на Охридското Езеро

Од ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид велат дека во периодот 2013-2015 за прв пат во државата е направен мониторинг на рибите според стандардите на WFD на Преспанското и Охридското Езеро во три годишни кампањи во рамките на Меѓународниот проект „Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро (CSBL)“ , финансиран од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Во 2019 година делумно е реализиран пилот проект за мониторинг на охридската пастрмка и белвица финансиран преку МЗШВ.

„Од друга страна, преку изведувањето на порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка одгледуван 9 месеци, а добиен од матици уловени во езерото, финансиран од МЗШВ, се до 2018 година се следеше состојбата на дел од популацијата на охридската пастрмка. Во последните три години, порибувањето на езерото од македонска страна е изоставено, и во овој случај поради одделни законски неусогласености“, велат од заводот.

Од заводот додаваат дека наведените истражувања укажуваат на неповолности по однос на рибниот фонд и за Охридското и за Преспанското Езеро.

„Во првото се забележани драстични намалувања на популациите на охридската пастрмка и белвица, како и речиси целосно отсуство на охридскиот скобуст во професионалните и експерименталните (научно-истражувачки) ловини. За последниов се наметнува и прашањето за неговото постоење во ова езеро. Воедно се евидентирани негативни промени на природните рибни плодишта, како и промени по однос на природното распространување во рамките на езерото, однодно одредени видови се приморани да ги менуваат местата на живеење во рамките на самиот екосистем“, велат од заводот.

ohridsko ezero zagrozeno svetsko nasledstvo intro

Поради негативните влијанија предизвикани од човечкиот фактор има значајно намалување на популацијата на одредени видови риба во Охридското Езеро

Оттаму велат дека причините за тоа се повеќебројни, почнувајќи од промената на квалитетот на средината (водата во одделни делови од езерото), зголемен езерски сообраќај (како по однос на бројот и типот на пловила, така и по однос на фреквенцијата на пловење), прекумерен излов на одделни видови риби, присуство на илегален риболов (рибокрадство) и релативно значајно присуство на потонати и оставени или заборавени риболовни алати (мрежи) на дното од Езерото.

„По однос на последново, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид во 2017 година изврши претходно детектирање, а потоа подигање на ваквите рибарски алати, при што од езерото беа отстранети мрежи во должина од 13 км. И овој потфат беше финансиран од странски извори во рамките на погоренаведениот проект CSBL“, велат од заводот.

prespa ezeroto koe isceznvua pred nas featured

Драстичните промени на нивото на Преспанското Езеро имаат негативно влијание врз рибниот фонд

По однос на Преспанското Езеро, кое за разлика од Охридското е со далеку поголема рибна продукција, евидентирани се големи флуктуации во бројноста на одделни видови и тоа како кај нативните, така и кај алохтоните риби. Исто така, се детектирани и негативни промени во природните плодишта на рибите.

„Причините и во овој случај се повеќебројни: честата флуктуација на езерското ниво, промена на квалитетот на езерската вода како резултат на приливот на алохтони нутриенти од околните аграрни површини и како резултат на тоа масовен развој на микро и макро флората во езерото, приливот на штетни агрохемиски агенси употребувани на истите површини, присуство на илегален риболов (рибокрадство) и присуството на релативно голем број птици (корморани и пеликани) кои се хранат со риби“, велат од заводот.

endemichni vidovi pred isceznuvanje nema monitoring 3

Количеството риба уловена во реките и езерата и производството на консумна риба во рибниците/Извор: Државен завод за статистика

Редовна појава на алохтони видови риба

Проф. д-р Васил Костов информира дека во водите во земјава редовно се сретнуваат алохтони видови на риби. Голем дел од нив се во групата на инвазивни видови и истите секако негативно влијаат врз автохтоната рибна населба.

„Во оваа група на инвазивни алохтони видови спаѓаат: карас (Carrassius auratus), америчко сомче(Ameiurus nebulosus, Ameiurus mellas), калифорниска пастрмка (Oncorhynchus mykiss), амурче (Pseudorasbora parva).  Во нашите риболовни води има и алохтони видови кои се атрактивни или пожелни во риболовните води од аспект на спортски и рекреативен риболов и се внесени од страна на риболовците. Во таа група на риби се вбројуваат: смуѓ (Sander lucioperca), деверика (Abramis brama), штука (Esox lucius), амур (Ctenopharyngodon idella), и други. Има и видови кои се внесени во нашите води, но немаат негативно влијание врз другите видови риби и не се размножуваат во условите кои владеат во земјава. Во таа група се: сивиот толстолобик (Hypophtalmichthys nobilis) и белиот толстолобик  (Hypophtalmichthys molitrix)“, вели Костов.

Од Хидробиолошкиот завод – Охрид велат дека присуството на алохтони видови или т.н. интродуцирани (воведени) риби во нашите води е регистрирано од поодамна.

„Помеѓу нив спаѓа и крапот, но со оглед на неговата интродукција на нашите простори од страна на човекот во подамнешно историско минато и адаптацијата на тукашните услови, како и избалансираноста со автохтоните риби, денес се смета за автохтон.

Според нашите сознанија, во Охридското Езеро се евидентирани 6 алохтони видови од кои некои се повремено, а некои перманенто присутни. Некои од нив ја стабилизирале својата популација, а одделни имаат повремени подеми и падови на нивната бројност.

Во Преспанското Езеро се евидентирани вкупно 12 алохтони видови од кои сеуште присутни се среќаваат 7. Во дадени години популацијата на сончарката во Преспанско Езеро покажува експанзија, а во последниве две години нејзина експанзија е регистрирана и во Охридското Езеро“, велат  од заводот.

Вретенарот веќе го нема во реката Вардар

На прашањето дали е забележено изчезнување на одредени видови риби од реките и езерата, проф. д-р Васил Костов вели дека целосно исчезнување на некој вид во нашата земја, за среќа, не е забележано.

„Меѓутоа има исчезнување на видови од одредени риболовни води, во кои, во минатото ги имало и секако намалување на популациите на одредени видови риби во одредени води.  Пример за исчезнување на некој вид од некоја вода е исчезнувањето на единствениот ендемичен вид карактеристичен за територијата на Република Северна Македонија, од водите на реката Вардар. Станува збор за вретенарот (Zingel balcanicus). Тоа е вид кој во минатото редовно се сретнувал во водите на реката Вардар. Основна негова карактеристика е што за живот бара чисти и незагадени води. Загадувањето на Вардар во периодот на индустријализацијата на земјава (1965-1980) е директна причина за негово целосно исчезнување од водите на Вардар. Денес овој вид риба живее на еден мал изолирaн дел од реката Треска и е единствениот вид риба во Македонија кој е во групата на загрозени видови пред исчезнување. Тоа значи дека доколку го снема и од таму ќе го снема и од земјината топка и ќе биде во групата на исчезнати видови“, веали Костов.

Тој додава дека доколку не се превземат мерки за негова заштита не е далеку денот кога ќе го вброиме во групата на исчезнати видови од земјината топка.
endemichni vidovi pred isceznuvanje nema monitoring 2

Со ова темпо на исчезнување, македонските риби ќе останат само спомен на старите поштенски марки

„Уште еден пример за намалување на популацијата е намалувањето на популацијата на брајчинската пастрмка од водите на Брајчинска Река и Кранска Река. Основна причина е изградбата на малите хидроцентрали на двете реки, дополнето со загадување и фрагментација на хабитатот.  Општ заклучок кој може да се донесе од истражувањата кои се вршени во изминатите години е дека на водите каде има изградено мали хидроцентрали има тенденција на намалување на популациите на риби и се очекува во наредниот период тоа да биде по изразено“, вели Костов.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Сподели