Караман - македонското овчарско куче

Караманот е македонска овчарска раса куче. Кинолошкиот сојуз го признава како автентична, автохтона македонска раса и се чека неговото признавање од страна на Светската кинолошка федерација – ФЦИ. Се верува дека овој сој бил одгледувана уште пред 4 илјади години.
Караманот, на прв поглед, се карактеризира со црна боја на крзното или црна со палежи - народно „четириоките”. Мажјаците се покрупни, помасивни, поробусни и со поширока глава. Женките, пак, се поситни и со поелегантна конституција, што подразбира дека половиот диформизам е јасно изразен. Мажјаците во гребенот се високи од 65 до 73 сантиметри, а женките од 58 до 68 сантиметри. Мажјаците во просек тежат 45 килограми, женките околу 40. За Караманот се вели дека зачуван во неговото најдобро издание, онака како што го создала планината. Негови фенотипски референци се лупомолосоидната глава, функционално надградена грбна линија, која од плешките кон сапите (карлицата) благо се издигнува, увиениот опаш и присуството на петтиот прст. Караманот е заштитник на стадата. Негови особини се верноста, смиреноста, тој е вреден чувар на имотот и е недоверлив кон непознати. „Караманот е нешто помал од Шарпланинецот. Во него нема многу човечка селекција и се трудиме да ги одржиме караманите во што поизворен формат, односно во најдоброто издание, планинското. Нашите истражувања покажаа дека Караманот, благодарејќи на таа поелегантна градба е прилично поагилен, затоа и е сместен во првата ФЦИ група, заедно со Карпатскиот овчар и Мареманото- италијански овчар“ – Илија Каров, претседател на кинолошкиот клуб МОК – Караман. Караманот главно се користи за заштита на стадата и на имотот. Намалениот број овци и бачила во Македонија значеше и намалување на бројот на Карамани. Со изумирањето на малиот сточар-производител со од 20 до 100 грла стока, полека избледува целиот автохтон генофонд на овчарски кучиња во Македонија. Од друга страна, пак, за среќа Караманот е сè почест жител на урбаните дворови, затоа што се одлични семејни миленици и заштитници. До крајот на годинава треба да излезе зоотехничка студија за Македонското овчарско куче – Караман. Ќе ги содржи сите детали за расата, вклучително и точната бројка на вакви кучиња во земјава. Студијата ја изработуваат проф. д-р Миливоје Урошевиќ и д-р Дарко Дробњак од Србија, од Центарот за зачувување на автохтони раси. Заради организирано зачувување на македонскиот Караман, во 2004 година е оформен Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман”, кој потоа е примен како полноправна членка во Кинолошкиот сојуз на Македонија. Клубот има околу 300 членови и функционира по региони. Браќата Влатко и Марјан Костовски во 1998 година пионерски ја започнуваат идејата за Македонија конечно да добие нејзина сопствена раса со Караманот. Неколку години подоцна, во 2004 година е издадена книгата „Македонско овчарско куче – Караман“ во која е објавен првиот стандард за расата. Бигорската одгледувачница располага со еден од најголемите генофондови. Караманот е поситен од Шарпланинецот и е сместен во првата ФЦИ група, заедно со италијанскиот Маремано и Романскиот Карпатијан (Карпатски овчар). За Караманот се вели дека било куче на сиромашниот Македонец со милениуми наназад. За тоа сведочи и детаљ од фреската во Курбиново, во манастирот Св. Ѓорѓија, насликана во 1191 година, а го има и во македонските народни песни. Каров: Караманот е посебен затоа што е наш, македонски. Тоа не подразбира дека само Македонците имаат авторско право на него, туку подразбира дека сите народи и националности кои живееле во ова поднебје или во географските, етнички граници на некогашна Македонија го чувале и постои и егзистира сѐ уште до ден денес. Политика на кинолошкиот клуб е да не се испраќаат Карамани надвор од границите на Македонија, сѐ до негово конечно признавање од страна на Светската кинолошка федерација. Годинава за првпат во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој е воведена финансиска поддршка за одгледување на стопански корисно автохтоно куче од расата Македонско овчарско куче Караман. Максимален број е седум пријавени кучиња по земјоделско стопанство, а се добиваат 3 илјади денари по куче.
Фотографија: Доријан
Миловановиќ
Текст: Мартин Пушевски