За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Медицинска помош им треба и на дивите животни

Рис удрен од возило, повредени белоглави мршојади и орли, мече со тежок инвалидитет. Ова се само неколку забележани случаи на повредени диви животни во Македонија во изминативе неколку години. Најчесто, главна причина за повредите се прекинатите биокоридори за миграција на дивите животни со развојот на патната инфраструктура, изградба на енергетски и хидроенергетски објекти, рударски активности, пожари, поплави, но и незаконско ловење и фаќање на животните со замки. Нивната судбина односно можноста за опоравување сега зависи од добрата волја на поединци коишто најчесто ги носат во скопската Зоолошка градина, каде што им се дава потребната помош. Зачестената појава на повредени диви животни, но и на запленети животни од нелегална трговија бара институционално решение за нивно згрижување со коешто тие би добиле најдобра нега и би се олеснило нивното враќање во природната средина.

Се анализираат потребите и можностите

Министерството за животна средина и просторно планирање во октомври, минатата година започна со реализација на активност за „Изработка на студија за изводливост за воспоставување на Центар за згрижување на повредени и запленети диви животни“.

Оттаму информираат дека студијата е во фаза на изработка и сè уште не може да се зборува за резултати.

„Но, може да се зборува што очекуваме од студијата. Во тој контекст, може да се каже дека студијата за изводливост треба да ги идентификува потребите на РСМ од воспоставување ваков центар, постојните капацитети (инфраструктурни и човечки-кадрови) и потребни финансии, да ги изанализира најмалку три предложени опции и да ја предложи најприфатливата за потребите и можностите на државата“, велат од Министерството.

Според нив, сега е неблагодарно да се каже дали во државата ќе се организира Центар за згрижување на повредени и запленети диви животни или пак ќе се организираат други структури во насока на прифаќање, обезбедување прва помош и трансфер до соодветни центри за рехабилитација во соседните земји.

Неопходен чекор

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ја поддржуваат иницијативата за отворање на Центар за згрижување на диви животни.

„Целта на овој центар треба да биде згрижување на повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош, односно помош да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природа. Потребата за ваков центар е препознаена од пред најмалку 20 години, а е особено актуелизирана во последните 8 години“, велат од МЕД.

Членовите на МЕД активно помагаат во згрижување на повредени животни

Оттаму додаваат дека прифатниот центар треба да претставува професионална институција за која ќе биде обезбедено долгорочно финансирање и пред сè ќе се грижи за доброто на единките кои припаѓаат на засегнати и заштитени диви видови животни.

„Во тој центар треба да бидат вработени кадри кои ќе поминат соодветна обука за справување со диви животни (првенствено цицачи и птици), а центарот треба да е под раководство на доктори по ветеринарна медицина“, велат од МЕД.

Од МЕД укажуваат дека прифатниот центар треба да има на располагање соодветни простории за било каква ветеринарна интервенција поврзана со здравствениот статус на животните.

„Освен тоа, оваа институција треба да располага со повеќе карантински простори (заградени живеалишта адаптирани на потребите на животните) каде единките ќе можат да се рехабилитираат за повторно да можат да се вратат во природата.  Враќањето во природа мора да биде на местото каде тоа животно било најдено и со претходно информирање на локалните заинтересирани страни: ловечки друштва и невладини организации“, велат од МЕД.

Оттаму потенцираат дека е потребно е да се има предвид дека не секое животно може да се врати во природа откако подолго време било во присуство на луѓе или израснало со помош на луѓе.

Кафеава мечка негувана од луѓе не треба да се врати во природа / Фото © Francis C. Franklin / CC-BY-SA-3.0, CC BY-SA 3.0, Link

„Како најкарактеристичен пример би ја споменале кафеавата мечка, која под никакви услови не би требало да се врати во природа откако била изложена на човекова нега, вклучетелно и мече кое целосно бил одгледано од човекот. Мечките се доста подложни на процесот на хабитуација (привикнување на живот со луѓе), а со тоа можат да бидат опасни за локалното население во регионот на нивно повторно враќање. Затоа, МЕД препорачува овие единки да бидат пратени во соседните земји каде што има специјализирани прифатни центри, а доколку нема друга опција, да бидат еутанизирани. Еутаназијата треба да биде опција и за сите единки кои нема да можат да бидат вратени во природа, ниту ќе можат да бидат вклучени во програми за размножување на засегнати видови“, велат од МЕД.

Без посетители, можност за волонтирање

Прифатниот центар не смее да биде отворен за посетители со цел животните да бидат што помалку во контакт со луѓе и да нема мотивација да чуваат животни заради остварување на финансиска добивка (на пример, од влезници или слично), велат од Македонското еколошко друштво.

„Сепак, истиот треба да овозможи услови за волонтирање и стручно усовршување на кадар. За секое животно донесено во прифатниот центар, пронаоѓачот треба да пополни образец со информации за местото, времето и околностите за наоѓање на животното“, велат од МЕД.

Според нив, прифатниот центар за почеток треба да биде фокусиран на најприоритетните (критично загрозени и загрозени) видови за заштита, како на пример балкански рис, кања, белоглав мршојадец и други. На овие видови им се заканува опасност од исчезнување, а со тоа грижата за секоја единка станува приоритет. Пожелно е прифатниот центар да има кадар кој освен основната обука за справување со диви цицачи и птици, ќе помине соодветна ветеринарна обука за приоритетните видови.

По исклучок, центарот може да се вклучува и во програми за размножување на засегнати видови, под координација на Европската асоцијација на зоолошки градини (EAZA) и други стручни организации или научни институции.

Инаку, една од причините за воспоставување на ваков центар е и привремено згрижување на единки кои биле предмет на нелегална меѓународна трговија и се запленети од царинските служби.

Од МЕД додаваат дека центарот треба да обезбеди услови за ветеринарен преглед, задржување во карантин и грижа за овие единки (честопати различни видови птици, примати, водоземци и влекачи кои бараат поспецифини услови за згрижување), се додека истите не бидат вратени во земјата на потекло, вратени во природа, доколу потекнуваат од нашата држава, или да се постапи согласно одлуката на надлежниот орган. Ваквите единки во никој случај не треба да бидат предмет на понатамошна трговија или отуѓување заради други причини.

Практиката покажува дека нашата држава не вложува доволно средства во зачувување на дивиот свет иако станува збор за непроценливо природно богатство. Добро е што по неколку децении конечно се изработува студија да се истражат можностите и потребите од воспоставување на Центар за згрижување на повредени диви животни. Без оглед на тоа што ќе покажат резултатите од студијата, јасно е дека отварањето ваков центар би било позитивен чекор кој ќе помогне да им се даде шанса за живот на повредените единки, кои сè почесто се од видови на кои им се заканува исчезнување.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Сподели

samo-prasaj_gif-3