fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
nacionalno obelezhje pred isceznuvanje featured

Национално обележје пред исчезнување

Уште од 1993 година како национално обележје се наоѓа на кованите пари во апоени од пет денари, а неодамна беше ставен и на дресовите на фудбалската репрезентација чии членови на Европското првенство настапија како „македонски рисови“. Меѓутоа,  лесно може да се случи во иднина балканскиот рис да остане само во нашите сеќавања бидејќи станува збор за критично загрозен вид кој е под закана од исчезнување.

nacionalno obelezhje pred isceznuvanje 4 dres na reprezentacija

Лесно го експлоатираме како национално обележје, но малку правиме за заштита на рисот

Се проценува дека само педесет единки од овој вид се останати во пограничните области помеѓу Македонија и Албанија, и западниот дел на Косово. За нивното следење и опстојување главно се грижи невладиниот сектор во трите земји којшто веќе петнаесет години спроведува различни мерки и активности за заштита на овој вид со пари од странски донатори.

nacionalno obelezhje pred isceznuvanje 1
Македонија, Албанија и Косово не одвојуваат буџетски средства за заштита на балканскиот рис

Со оглед на тоа што станува збор за ограничени ресурси, за оваа проблематика одговори побаравме од Македонското еколошко друштво и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Двете страни се согласни дека е потребно државата финансиски да застане зад заштитата на балканскиот рис.

 

Моралната поддршка е недоволна

Неодамна се одбележаа 15 години од спроведување на Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Станува збор за партнерски проект помеѓу фондацијата Еуронатур – Германија, организацијата КОРА – Швајцарија, Македонското еколошко друштво, ППНЕА – Албанија и ЕРА – Косово. Во рамки на програмата се спроведуваат активности коишто се фокусираат врз подобрување на знаењето за екологијата и биологијата на балканскиот рис, мониторинг, подигнување на јавната свест, зачувување, заштита и управување на неговите живеалишта и пленот и градење капацитети.

Диме Меловски, претставник на Македонското еколошко друштво, којшто е вклучен во спроведување на оваа програма уште од првиот ден информира дека во тек е реализацијата на шестата фаза која ќе трае до следната година. Предвидени се различни активности на територијата на Македонија, Албанија и Косово во насока на заштита на самиот рис, пленот со кој се храни рисот и неговиот хабитат.

Тој вели дека 15 години не се доволни за да се постигнат саканите ефекти и да се нормализира популацијата на балканскиот рис. Меловски укажува дека е потребно овие активности да се спроведуваат во континуитет и програмата да стане дел од државните политики за заштита на биодиверзитетот во Македонија, Албанија и Косово.

nacionalno obelezhje pred isceznuvanje 2 „Ние веќе бараме финансии за продолжување на Програмата за закрепнување на балканскиот рис од меѓународни донатори за по завршувањето на шестата фаза да бидеме подготвени за нова, седма фаза. Трите држави покажуваат интерес за активностите за заштита на рисот, даваат морална поддршка и се отворени за соработка, но досега не обезбедија финансиски средства за поддршка“, вели Меловски.

Закани

Покрај големиот ризик од истребување поради екстремно малата популација, сериозни закани за балканскиот рис се криволовот, и тоа на негови единки и на неговиот главен плен (срна и дивокоза) и уништувањето на неговите живеалишта.

Да се обезбеди државно финансирање

Од Министерството за животна средина и просторно планирање признаваат дека е потребно е да се унапреди финансирањето на заштитата на балканскиот рис од страна на државата и укажуваат дека со поддршка од странство се спроведуваат проекти коишто придонесуваат кон заштита на рисот.

„Во рамки на ГЕФ/УНЕП проектот „Постигнување заштита на биодиверзитет преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирање на користење на земјиштето” во координација на МЖСПП се спроведуваат активности за идентификација на два пилот-коридори од предложената Национална еколошка мрежа (МАК-НЕН) и идентификација на шуми со високи природни вредности, со што се придонесува за заштитата на балканскиот рис. Се работи на еколошките коридори за балканскиот рис Буковиќ (Сретково) и Буковиќ (Колари)“, велат од Министерството.

nacionalno obelezhje pred isceznuvanje 3
Без пари од странски донатори не би се спроведувале никакви мерки за заштита на рисот

Оттаму додаваат дека во рамките на регионалнен проект поддржан од Европската унија „Програма за партнерство во животната средина на ЕУ за пристапување (ЕППА)“ во кој учествува МЖСПП идентификуван е еколошкиот коридор Маврово (MK) – Кораб Кориник (Ал) – Планина Мунела (Ал) со фокус на балканскиот рис, но ги опфаќа и мечката и волкот.

„Коридорот поврзува значајни јадрови подрачја, што се од витално значење за одржување и опстанок на популациите на балканскиот рис, мечката и волкот. Во истоимениот проект ќе се работи и на заедники акциски план за еколошка поврзаност во соработка со земјите од Западен Балкан“, информираат од Министерството.

Додаваат дека се отпочнати активности во регионалниот проект за „Воспоставување транснационална платформа за размена на инфрмации за менџмент на големи месојади во Динарскиот регион“ каде ќе се разменуваат информации и податоци.

Мора да се зајакне соработката меѓу Македонија, Албанија и Косово

Потребно е да се зајакне и интензивира соработката за заштита и зачувување на балканскиот рис помеѓу трите соседни земји, каде што се среќава балканскиот рис, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање на нашето прашање дали трите земји заеднички работат на заштита на балканскиот рис.

„Со прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, процес кој е во завршна фаза и се очекува Собранието да го донесе Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк ќе се придонесе кон заштита и зачувување на популацијата на балканскиот рис на национално, но и регионално ниво. Воедно се спроведуваат тековни проекти за заштита, зачувување и промовирање на биолошката разновидност со фокус на балканскиот рис со учество на претставници од државни органи и невладини организации на трите земји“, велат од Министерството.

Аларматни податоци

Во најновиот билтен на МЕД за Програмата за закрепнување на балканскиот рис се укажува дека фотозамките во поново време стануваат стандарден метод за пребројување на таинствени видови – особено точкастите мачки, како балканскиот рис, каде единките може да се идентификуваат преку фотографии.

Принципот на методот е добивање што повеќе добри фотографии од видот во одредено време и во одредено подрачје на истражување. Целта е да се добијат податоци за распространувањето на рисот и – преку споредба на фотографиите – да се утврди минималниот број на единки во истражуваното подрачје.

Во периодот февруари–мај 2021 година биле поставени 60 фотозамки на 30 локации во НП „Маврово“, во Албанија 29 фотозамки на планината Мунела  и 20 на ПолисВаламара, а во Косово, 23 фотозамки во НП „Проклетие“ и 19 во НП „Шари“ .

nacionalno obelezhje pred isceznuvanje 5 mapa na ris Мапа на поставените фотозамки за рисот/Извор:МЕД

„Истражувањето е комплетирано и досегашните резултати се алармантни: од НП „Маврово“ добиени се само 19 фотографии од рис споредено со 73 за време на последното истражување во 2018 година. Фотографиите се од 4 различни единки (2018: 10 различни единки, а статистичката проценка 14 единки). Во Албанија беа добиени 5 фотографии од рис на Полис-Валамара од 2 различни единки. На Мунела беа добиени 17 фотографии од 2 различни единки (со претходните истражувања имаше 4 присутни единки). Во Косово, еден рис беше фотографиран во НП „Проклетие“, додека во НП „Шари“ рис не беше фотографиран. Допрва треба да се анализираат сите фотографии, земајќи ги предвид и единките кои беа сликани во С. Македонија надвор од НП „Маврово“ во изминатите неколку месеци, со цел да донесеме соодветни заклучоци. Сепак, состојбата е загрижувачка и по сѐ изгледа балканскиот рис не напредува добро“, велат од МЕД.

Овие истражувања треба да бидат знак за освестување и поттик за нашата држава и за соседните земји да одвојат финансии и логистика за континуирано спроведување мерки и активности за заштита на балканскиот рис и зголемување на неговата популација.


Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Сподели