За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Моноспитовско Блато – последното мочуриште во Македонија

Заштитата на Моноспитовско Блато како неопходна мерка и обид да се стопира загубата на биодиверзитетот била разгледувана и усвоена уште во осумдесеттите години од минатиот век. По повеќегодишни истражувања на вегетацијата во Моноспитовско Блато од страна на домашни и странски истражувачи, утврдени се вредни флористички елементи со извонредно научно значење. Врз основа на тоа, Републичкиот завод за заштита на природните реткости во 1986 година предлага Моноспитовското Блато да се заштити во категоријата Споменик на природата.

Во Просторниот план на Република Македонија (со важење до 2020 година), Моноспитовското Блато е внесено во системот на заштитени подрачја. За жал, и покрај тоа што Моноспитовското Блато со децении е под заштита, последниве години се повеќе интензивира неговата узурпација и деградација.

Денешното Моноспитовско Блато се наоѓа во атарот на с. Моноспитово. Неговата површина просечно е околу 400 хектари. Денешните реликтни флорни елементи сè уште егзистираат во самото Моноспитовското Блато, а особено во неговиот југоисточен крај на подножјето на планината Беласица. Тоа зборува дека генезата на овој блатен екосистем започнала во поодамнешната геолошка историја на оваа подрачје.

Благодарение на посебните еколошки услови во водните станишта, во нив се развиваат различни типови растителни заедници кои поседуваат адаптации за вакви услови и не се карактеристични за други типови станишта. Во Моноспитовското Блато се среќаваат шест типови станишта: мочуриште, блато, влажни ливади, шуми, фрагменти од тресетишта со сфагнум и земјоделски површини.

Водните инсекти заедно со рибите, водоземците и влекачите се жители на Моноспитовското Блато кои целиот, или најголем дел од својот живот го минуваат во водата на мочуриштето. Тие ги полагаат своите јајца на дното од ѓоловите или на растенијата кои живеат потопени во водата. Ларвите на сите водни инсекти го минуваат целокупниот свој развој во водата.

Во Моноспитовското Блато се среќаваат 35 видови дневни пеперутки. Од значајните видови пеперутки треба да се наведе синецот Lycaena dispar кој е заштитен вид според неколку меѓународни конвенции. Најголем дел од пеперутките се среќаваат по влажните ливади и ораниците. Во Моноспитовското Блато и неговата околина се регистрирани 11 видови водоземци и 16 видови влекачи.

Исто така, во Моноспитовското Блато се регистрирани вкупно 112 видови птици, но овој број не е конечен, и веројатно ја надминува бројката од 130 видови. За жал, и покрај релативно големиот број на видови, на прв поглед зачудува малиот број на единки.Кај многу од птиците карактеристични за водните станишта, станува збор за присуство на само неколку двојки или единки. Голем број видови од интерес за заштита, или од интерес за набљудувачите на птици во Моноспитовското Блато се среќаваат многу спорадично, доколку воопшто може и да се видат.

Моноспитовското Блато во последните 60 години е под негативно влијание од локалното население, кое ја уништуваат блатната вегетација со целда ослободат простор за напасување на стоката. Овие и други активности доведуваат до негово загадување, намалување на популациите на видовите, создавање ѓубришта, како и неконтролирано претворање во Блатото во земјоделски површини.

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 1Поглед од блатото кон Беласица

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 3Блатна вегетација

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 4Желка

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 5Пеперутка

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 6Птица

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 7Појаси со трска

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 8Вилинско коњче

monospitovsko blato poslednoto mocuriste vo makedonija 9Блатото е во постојано намалување

Сподели