ТЕСТ Зелениот штит на Балканот: Екосистемите на првата линија на заштита

25 ноември 2010

Сите земји од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици: поплави, пожари, деградација на земјиштето и топлотен стрес. Природните решенија нудат поевтин, поодржлив и повеќекратно корисен одговор.

Содржина

Климатските промени во регионот на Западен Балкан сè повеќе ги загрозуваат животите на луѓето и рамнотежата на екосистемите. Поплавите, сушите, шумските пожари и ерозијата на почвата стануваат сè почести и подеструктивни, додека традиционалните инфраструктурни решенија – како што се бетонските брани и насипи – честопати се покажуваат како скапи, ригидни и ограничени во обезбедувањето дополнителни придобивки за природата. Затоа сè повеќе внимание се посветува на решенија базирани на екосистеми кои истовремено ги штитат заедниците и ја зачувуваат животната средина.

Овие одржливи решенија, кои вклучуваат обновување на шумите, заштита на водните и крајбрежните екосистеми, користење на поплавни рамнини и развој на зелена урбана инфраструктура, се спроведуваат во регионот со поддршка на законодавството и политиките кои овозможуваат нивна интеграција во локални и национални стратегии за управување со ризик и природни ресурси.


Албанија – Шумски појаси околу лагуната Куне-Ваин

Албанија е меѓу првите земји во регионот што започна поголеми проекти за заштита на крајбрежните области преку природни решенија, а пример е обновувањето на лагуната Куне-Ваин, каде што беа засадени широки шумски појаси долж брегот за да се заштитат локалните заедници од ерозија и поплави предизвикани од зголемувањето на нивото на морето; проектот е поддржан од страна на ГЕФ (GEF – Global Environment Facility) и е во согласност со Законот за шуми, додека Албанија веќе прилагоди дел од своето законодавство со стандардите на Европската Унија, особено со Рамковната директива за води и Директивата за живеалишта, со што се обврза на заштита на крајбрежните екосистеми и мочуриштата.

Босна и Херцеговина – Националниот парк Уна и реставрација на мочуриштата

Босна и Херцеговина сè повеќе ја препознава потребата од примена на природни решенија за намалување на ризикот од поплави и зачувување на биодиверзитетот. Конкретно се посочува на реките како што е Уна, но и на другите водни патишта во земјава, каде има простор за спроведување на вакви мерки. Пошумувањето на крајбрежјето, обновувањето на мочуриштата и реставрацијата на реките можат истовремено да ја подобрат заштитата на луѓето и имотот, да го поддржат одржливиот развој и да ја зајакнат економската отпорност на земјата.

Проектите се реализираат во согласност со Стратегијата за заштита од поплави 2017-2030 година и европските стандарди усвоени од БиХ преку Договорот за Енергетската заедница и процесот на пристапување во ЕУ, што овозможува пристап до меѓународна поддршка и финансирање.

zeleniot stit na balkanot 2

Црна Гора – Обновување на шумите и заштита од ерозија

Во Црна Гора, примената на природни решенија штотуку добива на интензитет, но веќе има примери што ја покажуваат нивната корист. Се обновуваат влажните ливади на Скадарското Езеро и се сузбиваат инвазивните видови преку враќање на традиционалното пасење, додека во Улцињ и делтата на Бојана се спроведуваат проекти за реставрација на мочуриштата и лагуните, вклучително и хибридни мерки за заштита од поплави.

На северот од земјава, проектот „Гора“ предвидува биотехнички интервенции за намалување на ерозијата и свлечиштата, со поддршка од меѓународни фондови. На крајбрежјето, градовите развиваат зелена инфраструктура што помага во ублажување на топлотните бранови и намалување на ризикот од поплави во урбаните средини, како и во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Правната рамка дополнително ги зајакнува овие иницијативи бидејќи јасно ја препознава важноста на екосистемите за намалување на ризикот од природни катастрофи. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Црна Гора, исто така, ја презеде обврската да ја спроведе Зелената агенда за Западен Балкан, а со тоа да ги зајакне капацитетите на земјата за климатска адаптација и одржлив развој.

Северна Македонија – Обновување на шумски предели и управување со пожари

Обновата на шумските екосистеми во областите Буковиќ и Паштрик-Морина е пример за подобрување на еколошката отпорност на Северна Македонија и заштита на живеалиштето на балканскиот рис. Преку проекти за обновување на шумските предели во соработка со Албанија, се зајакнуваат капацитетите за одржливо управување со шумите и намалување на загубата на шумски површини.

Во соработка со ФАО, изработен е проект за интегрирано управување со шумски пожари, кој придонесува за намалување на емисиите на стакленички гасови и зајакнување на отпорноста кон климатските промени. Северна Македонија, преку Законот за животна средина и подготовката на Националниот план за адаптација, ги препознава природните решенија како развоен приоритет.

zeleniot stit na balkanot 3

Србија – Природни решенија за шумски и урбани екосистеми

Примената на природни решенија во Србија е поддржана со Законот за заштита на животната средина и спроведувањето на Директивите на ЕУ за води и живеалишта, што овозможува планирање и финансирање на прилагодувањето кон климатските промени. Проектот РЕСТОРИВЕР, имплементиран во Сента и округот Сента, се фокусира на обновување на мочуриштата и речните брегови, намалување на ризиците од поплави и подобрување на квалитетот на водата, поврзувајќи ги локалните активности со повисоки нивоа на управување и климатски политики.

Проектот NBS 4 Cities во Бачка Топола имплементира зелена инфраструктура преку проширување на јавните зелени површини, подобрување на климатските и екосистемските услуги, како и подигање на свеста на граѓаните за климатските промени.

Сите земји од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици: поплави, пожари, деградација на земјиштето и топлотен стрес. Природните решенија нудат поевтин, поодржлив и повеќекратно корисен одговор. Покрај заштитата од катастрофи, придонесуваат за зачувување на биолошката разновидност, создавање нови економски можности и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Од правен аспект, регионот е во процес на усогласување со законодавството на ЕУ за животна средина. Директивите на ЕУ за вода, живеалишта и климатска адаптација поставуваат стандарди што овие земји ги усвојуваат преку национални стратегии и закони. Спроведувањето на овие норми ги охрабрува земјите да ги стават природните решенија во центарот на нивните развојни политики.


Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

    Поврзани приказни