fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
biodiverzitetot e sustinska povrzanost na site zivi organizmi

Биодиверзитетот е суштинска поврзаност на сите живи организми

Бранко Прља

Биодиверзитет е разновидност на сите живи организми кој обезбедува здрави екосистеми кои ја прочистуваат водата и воздухот, ја чуваат почвата, ја регулираат климата, ги рециклираат хранливите материи и ни обезбедуваат здрава храна. Монокултурите, како најголема опасност по биодиверзитетот, освен што обезбедуваат големо количество од еден прехранбен производ, го прават токму обратното.

Биодиверзитет – стратегија и мисија

Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023)“ е значаен документ со кој нашата земја се вклучи во светските напори да се сочува биодиверзитетот. Првите чекори во оваа насока во светот се дефинирани на Светскиот самит на Обединетите нации за одржлив развој уште во 1992 година кога е донесена Конвенцијата за биолошка разновидност, со цел зачувување на биолошката разновидност на глобално ниво.

Следни значајни чекори се направени во 2002 година, со т.н. Цел 2010 за да се

преземат мерки за намалување на стапката на загуба на биолошката разновидност и подоцна со Глобалниот стратешки план за биолошка разновидност за периодот 2011 – 2020 година.

Во нашата земја битен напредок е донесен со Националната црвена листа на засегнати видови растенија и животни. Нашите научници, автори, еколошки здруженија, документарни екипи со нивните напори и кампањи ја подигаат јавната свест, но освен заинтересираните професионалци, за темата на биодиверзитетот јавноста не е доволно информирана. Заради тоа се значајни разновидните активности поврзани со Денот на биолошката разновидност, 22 мај, кој оваа година се одвива под мотото „Нашите решенија се во природата“, а заради актуелната ситуација во светот ќе биде обележан преку онлајн кампања.

Но, што е биодиверзитет од гледната точка на науката и како таа го дефинира?

Biodiverzitetot e sustinska povrzanost na site zivi organizmi

Куса историја на терминот биодиверзитет

Еден од првите автори кој го истакнувал значењето на биолошката различност, според делото „Потеклото на идејата за биолошка разновидност“ (2007) од Тимоти Фарнам е биологот Томас Лавџој кој се смета за „дедо на биодиверзитетот“, додека за татко на областа се смета биологот Едвард Вилсон.

Вилсон во своето дело „Разновидноста на животот“ (1992) го дефинира биодиверзитетот не само како едноставен збир од видови, туку како разновидност на живиот свет или интеграцијата на разновидниот жив свет во однос на живеалиштата и еколошките комплекси.

Научниците уште рано го сфатиле значењето на сите живи суштества за живиот свет во целина. Инсектите, на пример, честопати ги сметаме за штетници, но тие постојат повеќе од 400 милиони години и ги преживеале поголемите истребувања во историјата на планетата Земја, за време на геолошките периоди Перм (пред 252 милиони години) и Креда (пред 65 милиони години).

Денес инсектите се сметаат за најбројни организми со 79 проценти од глобалниот биодиверзитет. Тие се интегрален дел од секој екосистем, како на пример пчелите или бумбарите (помагаат во процесот на опрашување на растенијата) или мувите (учествуваат во распаѓањето на органските материи). Заради тоа, авторите како Ке Чунг Ким во студијата „Биодиверзитет, конзервација и попис: зошто инсектите се значајни“ (1993) укажувале на битноста од систематското проучување и зачувување на сите видови (не само човекот и комерцијалните животни), туку и на тие кои ни се чинат незначајни или дури и штетни, како инсектите.

Од времето на овие почетни напори за вреднување на дефинирањето, проучувањето и методологијата на биодиверзитетот до денес е направено многу. Видовите се класифицирани и преброени, направени се т.н. црвени листи за сите загрозени видови, утврдени се причините за исчезнувањето на видовите, како и методите за нивна заштита.

Сепак, теоријата е едно, а праксата е друго. Видовите сѐ уште исчезнуваат со огромна брзина.

Монокултурите се вистинската опасност за светот!

Значењето на биодиверзитетот се гледа од примерот на едно од најзначајните растенија на светот – пченката. Според Бети Фусел, авторка на книгата „Приказната на пченката“, Кристофер Колумбо ја донел пченката од Америка, но ниту тој, ниту Европејците во вековите кои изминале не го сфатиле нејзиното значење, можеби сѐ до крајот на 20-тиот век. Во САД било поинаку, со помош на генетскиот инженеринг на пченката, таа од мало станала големо растение. Денес САД е најголем производител и потрошувач на пченката која е присутна во речиси сите прехранбени производи.

Шеќерите во храната доаѓаат од пченката, т.е. од сирупот од пченка и 70 проценти од пченката на западните пазари завршува како засладувач затоа што таа е евтина за производство. Пченката се користи за производство на засладувачи, емулзии, конзерванси и додатоци во храната, како и за пополнување и давање текстура на храната. Според филмот „Кралицата пченка“ (2009) таа се користи во пијалоци, особено газирани пијалоци, во сосови (на пример за шпагети) и преливи за салати, во производство на чипсови, помфрит и хамбургери, тестенини и корнфлекси, за пилешки прсти, рибини прсти и филети и слично, но и за исхрана на крави, прасиња и пилиња. Пченката е навистина кралица на растенијата, но дали е тоа добро?

Пченката е типичен и најсоодветен пример за тоа како една растителна култура може да доминира над другите и тоа се дефинира со поимот монокултура. Одгледувањето на монокултури, за разлика од пермакултурите, е модерен начин на земјоделско производство со цел зголемување на продуктивноста и профитот.

Според некои автори монокултурата има многу штетен ефект врз екосистемите и биодиверзитетот, но и врз човековото општество. Во историјата се познати случаи на монокултурно земјоделство кои довеле до катастрофални резултати, како на пример во Ирска кога доминантната употреба на еден вид компир (lumper) довела до Големата глад (1845-1849). Тој вид компир бил евтина храна, но се размножувал без генетска варијација. Кога микроорганизмите фитофтора пристигнале во Ирска од Америка во 1845 година, компирот не можел да се спротистави на болеста и сите посеви во Ирска биле уништени. Во историјата има многу вакви примери и во сточарството, што ја доведува исхраната на светската популација, или во најмала рака националните економии, во прашање. Во прилог на тоа зборува и фактот дека во светот денес доминантно се одгледуваат само четири култури: пченицата, оризот, пченката и сојата, кои зафаќаат 50 проценти од земјоделските површини.

Но, проблемот не е единствено во самите култури, туку и во начинот на кој тие се одгледуваат. Монокултурата ги елиминира природните биолошки системи на контрола (инсекти, микроорганизми, бактерии) преку вештачки хемиски механизми (хербициди, инсектициди, бактерициди), а со нивно елиминирање ги отстранува и симбиотичките хранливи елементи од почвата кои ги заменува со вештачки ѓубрива. Се работи за еден целосно неприроден систем на одгледување земјоделски култури кои имаат многукратни негативни последици за почвата, растенијата, животните, човекот и екосистемите, крајно нарушувајќи го биодиверзитетот во целост.

Сепак, природата не се предава така лесно, микроорганизмите, бактериите и инсектите стануваат поотпорни и човекот влегува во една постојана борба во која измислува сѐ посилни отрови за да се бори против „штетниците“. Во тој процес ја загадува почвата која по извесно време станува неупотреблива, но отровите продираат длабоко во подземните води и ги загадуваат водите кои се посебни екосистеми, како и водата за пиење. Целиот биодиверзитет на тој начин е трајно уништен преку одгледувањето на една монокултура, само заради профит.

Последиците се многукратни и продираат не само далобоко во екосистемите, туку удираат и таму каде што не можеме да предвидиме. Некои извори, како и Мајкл Полан, во документарецот „Исчезнувањето на пчелите“ (Vanishing of the Bees), сметаат дека причината за синдромот на исчезнувањето на пчелите (Colony collapse disorder, CCD) се токму монокултурите. Според нив, кога пчелите се хранат со различни типови полен, тоа го подобрува нивниот имунитет. Со намалувањето на биодиверзитетот на растенијата се намалува и видот на поленот достапен на пчелите и со тоа нивната отпорност. Кога пчелите се нападнати од вируси, тие не се доволно отпорни да се одбранат. Истото се однесува и на растенијата, кога се одгледуваат во неприродно големи количини, без конкуренција и природна селекција, тие стануваат неотпорни на непредвидливи болести и промени во околината. Во минатото тоа се има случено со компирот во Ирска, со видот на банани Gros Michel во 1950-тите или со пченката во САД во 1970-тите и ќе се случи повторно.

Што можеме да направиме?

Исчезнувањето на видовите се одвива со брзина која е 1.000 пати поголема отколку таа на природната селекција и тоа е резултат на монокултурите, генетскиот инженеринг, хемикалиите, осиромашувањето на почвите и уништувањето на цели екосистеми.

Едно од решенијата е пермакултурата која дозволува биодиверзитет и различни видови „индустриски“ растенија на една област. Тоа дозволува целиот екосистем да биде силен, разновиден и видовите во него да соработуваат и да се натпреваруваат, без ниту еден вид да може да стане доминантен. Се разбира, монокултурите обезбедуваат побогати посеви и поголем профит, но цената на успехот е прескапа.

Уште еден загрижувачки факт е дека 50% од сите житни култури се користи за прехрана на домашни животни со кои се храни светската популација. Со други зборови, сите луѓе кои се хранат со животни влијаат негативно врз целата планета преку промовирање на монокултурно земјоделство кое го уништува биодиверзитетот и влијае дури и на климатските промени.

Сепак, сите луѓе немаат услови за пермакултурно земјоделство или не можат да купуваат локални или органски производи, или не сакаат да станат вегетеријанци, но за почеток би можеле да посветат повеќе внимание барем еден ден годишно, на 22 мај 2020 година, на Денот на биолошката разновидност. Време е сите да размислиме за сопствените одлуки и за нашето влијание врз околината од која зависиме и со која сме поврзани на многу посуштински начин отколку што можеби мислиме.

Бранко Прља дипломирал на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“, преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сподели