За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Дали се исплати да ги спасуваме загрозените видови?

Во текот на ХХ. век, бројот на брадести мршојадци во Европа го достигна својот минимум. Се чинеше дека оваа птица цeлосно ќе ја снема од Европа имајќи го предвид фактот дека речиси целосно е истребенa од континентот додека преостанатите популации беа во континуиран пад.

Денес, работите изгледаат поинаку. Екстензивните мерки за нивна заштита, како и напорите за реинтродукција во природата доведоа до тоа брадестиот мршојадец пополека да почне да се опоравува. Сепак, со помалку од 150 двојки, оваа птица и понатаму претставува една од најретките и најзагрозените птици на континентот.

Постојано слушаме вакви приказни од целиот свет. Дали се работи за тигри, бели мечки, панди, корални гребени, коали или некои растенија, голем дел од дивиот свет на планетата е под закана. За нас, вљубениците во природата, ваквите вести се тажни, стресни, не исцрпуваат и не депримираат.

Па затоа, вреди да се запрашаме: дали воопшто се исплати да се грижиме за сето тоа? Секако дека ќе биде тажно доколку нема повеќе носорози на планетата, но не е дека човештвото зависи од нив. Дополнително, се разбира дека е поважно да се грижиме за луѓето, а можеме сите да се согласиме дека и ние си имаме наши проблеми. Тогаш зошто би трошеле милиони евра за да заштитиме загрозени животни?

Едно истражување од 2012 година покажало дека ќе бидат потребни 76 милијарди долари годишно за да ги сочуваме сите копнени животни. Спасувањето на морските видови може да чини дури и повеќе. Во таа насока се чини дека можеби пологично би било средствата наменети за заштита на дивиот свет да ги насочиме кон хранење на сиромашните, изнаоѓање лекови за сериозни болести итн. Навистина може да биде тешко да разбереме зошто би вложувале пари за да заштитиме видови како волкот, кој, пак, знае да предизвика штета на сточарите. Нели има некои видови без кои животот би ни бил полесен?

Животинските и растителните видови изумираат постојано. Околу 99 отсто од сите видови кои живееле на планетата Земја се исчезнати, повеќето од нив пред многу милиони години. Досега имало пет масовни изумирања каде што огромен дел од живиот свет на Земјата за релативно брзо време го снемало. Изумирањето е природен процес кој се одвива без разлика дали човекот е инволвиран или не. Тогаш зошто воопшто да се грижиме?

Еден одговор на ова прашање е бидејќи видовите сега изумираат многу побргу од порано. Некои истражувања сугерираат дека само во последниот век изумирањето на видови се забрзало стократно и по се изгледа дека тоа е наша вина.

Но и покрај тоа, има друга причина зошто да ги штитиме загрозените видови: затоа што така сакаме.

Многумина од нас ја сакаат природата. Мислиме дека животните се прекрасни, грациозни, фасцинантни. Обожаваме да планинариме во недопрена природа или да нуркаме во залив полн со морски свет. Природата е магична и естетската вредност сама по себе, што е доволна причина за да ја сочуваме. Сепак, првиот проблем за овој аргумент е дека со ова ги лишуваме од право на живот сите оние видови кои не ни се допаѓаат, оние што не  се толку слатки како пандите, или тие што никогаш не можеме да ги видиме, како на пример подземните животни. Доколку ги чуваме само животните кои ни се привлечни на око, тогаш црвите и полжавите, пајаците и шкорпиите ќе бидат првите кои ќе заминат.

Значи фактот што природата е убава за некои од нас нема „да заврши работа“. Мора да постои попрактична причина зошто да ги одржуваме во живот оние видови кои сме ги донеле на прагот на изумирање.

Фотографија: Велиан Јагев

Во деведесеттите години од минатиот век, биолозите почнале да ги наведуваат сите придобивки кои доаѓаат од дивите животни и растенија. Овие предности, кои повеќето од нас ги земаат здраво за готово, се викаат „екосистемски услуги“. Некои од нив се очигледни, растенијата заедно со фотосинтетизирачкиот планктон ни го даваат кислородот кој го дишеме, пчелите и бумбарите ги опрашуваат голем дел од растенијата. Но покрај овие очигледни примери, постојат и многу други кои се многу, могу посуптилни.

Едно истражување од 1997 година покажа дека биосферата годишно ни дава услуги во вредност од 33 трилиони долари . За споредба само, целата глобална економија во тоа време продуцирала околу 18 трилиони. Пет години подоцна, истиот тим истражувачи пресметаа дека бенефитите од зачувување на биодиверзитетот би ги надминале трошоците за фактор 100. Од друга страна пак, оставање на видовите да изумрат би збришало 18 отсто од светската економија до 2050 година.

Во моментов можеби мислите дека ваквата реторика и гледање на работите низ призмата на парите е студена и бездушна, без никаква љубов кон природата за којашто дискутиравме пред малку. Е па, многу други луѓе кои се бават за заштита на животната средина се чувствуваат исто така.

Ставање вредност на екосистемите отвара можност за погрешно толкување на односот помеѓу екосистемските услуги и евентуалните зафати или инвестиции кои ќе го уништат. Навистина ваквиот систем е подложен на злоупотреба, но без него, злоупотребата секако се случува, што е само една од причина повеќе зошто сѐ повеќе луѓе го прифаќаат овој систем.

Една од добрите работи во врска со екосистемите е што се сеопфатни. Како резултат на тоа, сите послаби аргументи кои ги наведовме на почетокот сега почнуваат да имаат смисла.

Да се навратиме на тоа дека природата е убава и дека сакаме да ја заштитиме поради нејзината естетика. Нашето задоволство кое произлегува од убавината на природата може сега да го земеме како екосистемска услуга. Прашањето кое сега би произлегло е: како можеме објективно да ја измериме вредноста на убавината? Одговорот е: не можеме, но тоа не нѐ спречува да и ставиме цена. Тоа постојано се прави со музиката, уметничките дела и историските артефакти. Доколку вреднуваме нешто што е ретко и сме подготвени да платиме за него, тогаш тоа нешто има цена. Доколку сакаме да направиме такво нешто со природата, само ни треба систем што ќе ни наплаќа за да ја искусиме.

Најпрост пример за ова претставува екотуризмот. Да се навратиме на брадестите мршојадци кои ги спомнавме на почетокот. Луѓето кои организираат тури за набљудување на брадести мршојадци имаат мотивација да ги заштитат овие животни. Мршојадците им се примарен извор на заработка, додека организирањето вакви тури им носи повеќе приход отколку другите професии кои би ги работеле, како на пример земјоделството. Секако, редовното организирање на тури кои поминуваат низ недопрена природа носи предизвици само по себе, меѓутоа постојат низа мерки кои би го намалиле негативното влијание. Во принцип, екотуризмот нуди начин за убавината на природата да наплаќа за да се заштити природата.

Сепак, на прв поглед ова изгледа како да имаме селективен пристап за тоа што сакаме да заштитиме за што не. Ајде да ги зачуваме работите што туристите сакаат да ги видат и бубачките што ни ги опрашуваат растенијата, додека сѐ друго може да оди бестрага, но не е баш така.

Ајде повторно да ги земеме брадестите мршојадци. Тие живеат на високопланински карпести предели и се хранат речиси исклучиво со коски. Доколку сакаме да ги заштитиме нив, мора прво да ги заштитиме дивите копитари кои им служат како храна, а живеат во тие предели како дивокозите, алскиот ибекс, но и предаторите како волкот и рисот, кои, пак, им оставаат коски од уловените пленови. За да се заштитат пак овие животни мора да оставиме природни и сочувани шуми, реки итн. Овие природни предели даваат дом за ред други организми кои непречено ќе живеат таму. Доколку дојде некој и изгради рудник со отворен коп во непосредна близина, ефектите ќе се почувствуваат низ целиот синџир на исхрана.

Брадестиот мршојадец е дел од мрежа и невозможно е да го одвоиме од останатите видови. Отстранување на еден вид можеби и нема да направи никаква разлика, но од друга страна може да предизвика низа промени кои ќе го видоизменат целиот предел. Навистина е тешко да се воочи ефектот од отстранување на еден вид, освен кога веќе сме го отстраниле, а тогаш е веќе предоцна за да го вратиме.

Постои општ научен консензус дека екосистемите со поголемо богатство на видови се поотпорни и постабилни. И ова е клучната поента. Еден мал подземен црв можеби не прави ништо очигледно и корисно за човекот, но веројатно го поддржува во живот екосистемот во кој живее, а тој екосистем ни служи нам.

За крај, многу истражувачи и заштитари сметаат дека не можеме да ја зачувуваме природата без најпрво да процениме како тоа ќе ни помогне нам, затоа што сите мерки за заштита зависат од поддршка од страна на јавноста. Подеднакво, не можеме да си помогнеме сами на себе без да ја заштитиме природата затоа што ни е потребна за толку многу нешта. Во одредени случаи ќе мора до го одбереме едното или другото, но, главно, ќе мора да ги направиме двете.

Добар начин на гледање на работите е човекот и дивината да се замислат како нераздвојна целина. Тоа не значи дека мораме да го спасиме секој вид кој моментално живее на планетата, тоа не можеме да го направиме и да сакаме. Ниту значи да ги задржиме работите не променети, затоа што и тоа е невозможно. Тоа значи да осигураме што побогат и поразновиден екосистем. Екосистем што ќе биде добар за дивите видови и добар за нас.

Автор: Ненад Петровски
Роден 1993 година во Скопје. Студиите ги започнува во 2012 на Природно математичкиот факултет во Скопје на насока Биологија, модул Екологија. Од 2013 година е член на Истражувачкото друштво на студенти биолози каде што се стекнува со работно искуство со габи, растенија и птици. Од 2018 година до денес работи во Македонското еколошко друштво и е координатор на активностите поврзани со проучување и заштита на мршојадците во Македонија.

Сподели

samo-prasaj_gif-3