За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Потсетување на проблемот на малите хидроцентрали на Балканот: Битката кај Ракита

Најголемите загадувачи на воздухот во цела Европа доаѓаат од Балканот. Овие загадувачи се термоцентралите Костолац А и Б и Никола Тесла А од Србија, Угљевик, Какањ и Тузла од Босна и Херцеговина и Битола од Македонија. Загадувањето е толку големо што во 2016 година, 16 термоцентрали од Западен Балкан емитираа значително поголемо загадување на сулфур диоксид отколку сите други европски термоцентрали на јаглен заедно.

Имајќи предвид дека повеќето земји од Западен Балкан се на пат кон пристапување во Европската Унија, промените се неопходни и итни, со цел да се достигнат европските стандарди. Транзицијата кон обновливи извори на енергија е неопходна со цел да се постигне усогласување со политиката на Европската Унија. Проблемот настанува кога државата ќе започне да го гледа потенцијалот за изградба на нова хидроцентрала во секоја река. Оттука, на Балканот е предложено повеќе од 3.000 хидроенергетски проекти. Уште поголем проблем се јавува кога на сцена стапуваат малите хидроцентрали.

Еколошки проблеми при изградба на мала хидроцентрала

Поминувајќи низ цевководот до турбината што ја придвижува, а која произведува електрична енергија од нејзината кинетичка енергија, водата на реката го менува својот состав, живиот свет во неа изумира, нивото на водата продолжува да се намалува, а луѓето остануваат без вода за пиење. Кога ќе се изгради хидроцентрала на мала река, водата пред браната е река, додека водата откако ќе помине низ централата  повеќе потсетува на поток. Почвата потоа се суши и доаѓа до појава на чести ерозии.

Еколошко – правни прашања во однос на изградбата на мала хидроцентрала

Законските средства за заштита на животната средина од влијанието на инвеститорите и изградбата на ризични објекти, локалното население во Србија може да ги изнајде во Законот за проценка на влијанието врз животната средина. Законот предвидува учество на заинтересираната јавност во процесот на донесување одлуки за влијанието што проектот ќе го има врз животната средина. Заинтересираната јавност се состои од луѓе кои се „засегнати од проектот или веројатно ќе бидат засегнати“. Сепак, проблемот настанува кога процесот на проценка на влијанието на еден проект врз животната средина не се спроведува.

За хидроцентралите со капацитет до 1 MW, не се спроведува проценка на влијанието врз животната средина. Исто така, инвеститорот нема потреба да поседува енергетска дозвола за изградба на овие објекти. За изградба на хидроцентрала со производствен капацитет од над 2 MW, постапката за проценка на влијанието на таков објект врз животната средина, исто така, не е задолжителна, но управниот орган одлучува врз основа на своето дискреционо право. Процесот на проценка на влијанието врз животната средина е задолжителен само за проекти со капацитет поголем од 50 MW.

Имајќи го предвид сознанието дека мини хидроцентралата има производствен капацитет до 10 MW, само по себе ни се наметнува прашањето дали државните органи се навистина еколошки свесни и дали ја разбираат важноста на зачувувањето на водата и екосистемот во процесот на донесување одлуки во однос на потребата од спроведување на проценка на влијанието на малите хидроцентрали врз животната средина.

Штом нема процес на проценка на влијанието врз животната средина, нема ни учество на заинтересираната јавност, односно локалното население, во процесот на одлучување за изградба на мини хидроцентрала.

Народот како извршен орган во Србија

Доколку веќе не можат да учествуваат во процесот на донесување одлуки, народот може да ја организира постапката за нејзино извршување.

Во селото Ракита во Србија, уште од 2018 година, локалното население активно се залага за зачувување на животната средина во која живеат, борејќи се против инвеститорите и планираната изградба на мини хидроцентрала на реката Ракита. Оваа година, тие беа поддржани од движењето Да ги одбраниме реките на Старата планина и од бројни активисти за заштита на животната средина од целата земја, кога одлучија да ја преземат улогата на државни извршни тела. Имено, одлуката на Министерството за заштита на животната средина, со која се наложи да се отстранат цевките на хидроцентралата во изградба, не се спроведе повеќе од година и пол, па изградбата продолжи. Поради свеста за негативното влијание што може да го има новата фабрика врз фауната и флората во реката и околината, како и врз нивниот секојдневен живот, локалното население и активистите организираа акција за отстранување на цевки од коритото, со помош на копачи и лопати. На крајот, цевката не беше отстранета, поради недоволна опременост на активистите, но беше издупчена на повеќе места, а во неа беа уфрлени камења, со цел целосно да се оневозможи хидроцентралата, чија изградба е спротивна на условите на Институтот за заштита на природата.

Со оваа акција на мештаните, на хидроцентралата „Ѕвонче“ и одѕвони. И покрај фактот дека цевките не беа извадени, локалното население ја однесе победата кај Ракита, воедно проширувајќи ја веста за нивната акција во регионот и потенцијалното активирање на идни протести за заштита на животната средина.

Додека правото на вода не стане универзално признаено, и сè додека не биде заштитено како такво, ваквите граѓански иницијативи ќе послужат како пример во борбата за водата за пиење – на терен, одлучно и со копач во рака.

За среќа или за насреќа, има многу вакви примери во регионот.

Дневните и ноќните стражи, протестите и целата борба на движењето ,,Да ги одбраниме реките на Старата Планина“ доведоа до запирање на изградбата на 84 мали хидроцентрали, со усвојување на нов Просторен план за градот Пирот, барем во наредните 15 години.

И во Албанија, земја која целата електрична енергија ја добива од хидроцентрали, не недостасува граѓанскиот активизам против изградбата на мини хидроцентралите. Граѓаните на Албанија веќе неколку години се борат за зачувување на реките Вјоса, Осуми и Валбона.

Во Босна и Херцеговина, локалното население протестираше со цел да го изрази своето несогласување околу изградбата на две мини хидроцентрали на реките Бјелава и Мала Бјелава, каде што инвеститорот започна со изградба пред да ги добие потребните градежни дозволи, злоупотребувајќи ја вонредната состојба предизвикана од вирусот корона и без да се консултира со тамошното локално население. Истото се случи и на реките Врховинска, Žељeзница и Прача. Исто така, во Босна и Херцеговина, благодарение на иницијативата на Коалицијата за заштита на реките, во Соколец беше усвоена декларација со која градот се обврза дека нема да издава никаква концесија, дозвола или препорака за изградба на брана или хидроцентрала без претходна консултација со граѓаните.

Во Црна Гора се планира изградба на хидроцентрала на реката Љештаница, чија околина, поради своите биолошки специфики, требало да стане природен парк, поради што активистите за заштита на животната средина поднесоа кривична пријава до надлежниот орган.

Борбата на граѓаните за зачувување на реките се појави како решение за проблемот со изградбата на мали хидроцентрали, а самата конструкција односно изградба пристигна како решение за проблемот со загадувањето на воздухот како резултат на употребата на необновливи извори на енергија. Проблемот со загадувањето на воздухот и исчезнувањето на реките, како извори на вода за пиење, е заеднички и за активистите, но воедно и за инвеститорите и државните органи.

Преку заеднички здружени активности, граѓаните ќе ги потсетат надлежните органи и инвеститорите да се борат за општото заедничко добро и дека сите се на истата страна – да бидат заедно во борбата против самите себеси, во битката што ја водат за зачувување на животната средина.

 

Автор: Јелена Јеремиќ – еколошки правник

Сподели