За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Тешко нас без промени во системот за еколошка заштита

Во еден од своите стратешки документи на нашата држава, Национална стратегија за заштита на природата 2017-2027, која набројува со какви се природни реткости  располагаме стои дека „честопати се поставува прашање како да се обезбеди заштита, зачувување и одржливо користење на ова природно богатство“.

Симптоматично е што стратешки документ на една земја којашто 29 години е самостојна и независна држава, вели дека се‘  уште не се знае како да се грижиме за богатството што го имаме, притоа умешно користејќи ги ресурсите. Постојниот систем на заштита, онака како што сега е поставен и функционира, со години не ги дава очекуваните резултати. Не му е обезбедена ниту независна институционална основа, ниту пак доволна финансиска моќ, коишто се предуслов за решавање на проблемите во животната средина подалеку од партиските пипки на моќ и бизнис интересите на поединци.

Еколошките проблеми познати, но кој да ги решава

Во македонскиот Устав како едно од основните права на граѓаните е утврдено правото на здрава животна средина (член 43), а во Законот за животната средина донесен 2004 година се уредени основните принципи, правата и обврските на институциите на државата и на граѓаните за да се оствари тоа право. Постои и Закон за заштита на природата, но онака како што е поставен сега, системот на управување со животната средина и со заштитата на природата не ја исполнува својата улога. Секојдневието тоа континуирано го покажува.

Македонија е европски шампион во загадување, а самата држава како најсериозни проблеми во животната средина ги набројува недостигот од регионални интегрирани системи за управување со комунален и опасен отпад, недоволната покриеност на населените места и општините со системи за собирање и третман на отпадни води, загаденоста на воздухот, контаминираноста на почвата, несоодветно управување со природното наследство.

Tesko nas bez promeni vo sistemot za ekoloska zastita 1Еден од најголемите еколошки проблеми е загадувањето на воздухот во повеќе македонски градови, коешто се актуелизира на почетокот на секоја грејна сезона

Заштитата на животната средина и на природата во Македонија е централизирана во Министерството за животна средина кое постои од 1999 година, додека пак општините имаат само декларативна улога во зачувувањето на квалитетот на животната средина, со многу мало реално влијание на терен.

Во рамките на поранешна Југославија, функционираше Завод за заштита на природните реткости. Постоеја републички Завод и општински заводи.  Заводот беше укинат во 1996 година и трансформиран во денешната Управа за животна средина, која е надлежен орган за вршење на стручни работи од областа на заштитата на природата. Управата за животна средина има пет сектори – за природа, за животна средина, за управување со отпад, за води и индустриско загадување и за управување со ризик.

Нефункционалност на системот

Една од алатките на државата за зачувување на природните вредности и здрава животна средина е и Државниот инспекторат за животна средина, којшто од 2014 година претставува самостоен орган за инспекциски надзор над заштитата на воздухот, водите, земјиштето, флората и фауната од деградирање и загадување, како и над заштитата на природно богатство. Од 2014 година, ДИЖС функционира како посебен правен субјект, што начелно треба да му обезбеди самостојност во функционирањето, но во пракса и таму, како и во самото Министерство за животна средина клучните позиции се дел од партискиот коалиционен пазар. Поради својата неубедлива улога на чувар на животната средина и честите еко-инциденти во државата во кои сторителот останал непознат или неказнет, ДИЖС континуирано се прозивани од страна на еколошките здруженија како некомпетентни и корумпирани.

Значаен и се чини непремостлив проблем се и финансиите. Според некои проценки, на Македонија и се потребни од две до четири милијарди евра за да ги воведе и примени сите современи еколошки стандарди, што претставува невозможна мисија кога се знае дека годишниот буџет на Министерството за животна средина изнесува некаде околу шест и пол милиони евра.

Добар пример за нефункционалноста на системот за заштита на животната средина е Државната лабораторија за испитување на квалитетот на воздухот, којашто државата самата ја саботираше, оставајќи ја цели 15 години без потребната опрема, без основни услови за работа и без потребната акредитација, па нејзините испитувања не беа релевантен доказ за тоа кој и со што загадува.

Агенција за животна средина како оптимално решение

Неподелени се мислењата дека она што недостига е Агенција за животна средина, независно експертско тело во кое главниот збор би го имале научни и стручни кадри (политиката и натаму би ја кроело Министерството) кое би ги применувало научните сознанија и најдобрите странски искуства во зачувувањето на природата и на здравата животна средина. Во 2018 година имаше и конкретни најави дека се подготвува нејзино формирање, но во реалноста тоа не се случи.

Tesko nas bez promeni vo sistemot za ekoloska zastita 2„Тело заштитено од политички влијанија, со сопствена финансиска независност, се разбира со постоење на Фондот за животна средина, но притоа мора да е обезбеди парите од Фондот да бидат заштитени од злоупотреби. На тој начин повеќе не би постоел изговорот – нема пари за екологија, бидејќи парите добиени од примената на начелото – „загадувачот плаќа“, коешто е едно од темелните во ЕУ, би биле вратени онаму за каде се наменети – подобрување на квалитетот на животната средина, а не, како сега, да одат во буџетот на државата“, вели Александра Бујaроска, експертка по еколошко право од невладината организација „Фронт 21/42“.

Независноста е неопходна ако сакаме да ја избегнеме политичката рака која денес е одлучувачка во овој сектор, вели таа. Инаку не може на сите барања за издавање на дозволи, доставени до министерството да се одговори позитивно и сите проекти да бидат прифатливи, со исполнети еколошки барања.

Во 2016 година изготвена е Физибилити студија за основање на Завод/Агенција за заштита на природата како надлежен стручен орган во Република Македонија, која тргнала од искуствата на Србија, Словенија, Чешка, информираат од МЖСПП. Извршена била анализа на националното законодавство, институционална рамка и предложена била организациона структура на Заводот за заштита на природата. Проектот го платила Светска Банка. Неофицијално, работата заглавила кај финансиите и идејата никогаш не е реализирана.

Институции за заштита на животната средина во Македонија и земји од регионот

Забелешка: Со курзивен фонт се дадени институциите кои се несамостојни односно се во рамки на министерства

Tesko nas bez promeni vo sistemot za ekoloska zastita 3

Искуства од регионот

Споредбата со моделите на институционално уредување на оваа област за кои се определиле некои земји од регионот покажува дека секаде постои разгранетост на институциите според нивните ингеренции и компетенции. Во Република Србија постои Министерство за заштита на животната средина, Завод за заштита на природата како и Агенција за заштита на животната средина, додека во Црна Гора има Министерство за одржлив развој и туризам, во чии рамки постојат 12 Директорати, меѓу кои и Директорат за животна средина, за управување со отпад и за комунален развој, за климатски промени и други органи кои ја допираат областа на животната средина. Како посебно тело постои и Агенција за заштита на природата и на животната средина, во чиј делокруг на работа спаѓа мониторингот на животната средина, издавањето на еколошки дозволи, спроведувањето на Архуската конвенција. Во соседна Бугарија овој ресор е организиран со Министерство за животна средина и води, како и Извршна Агенција за животна средина, исто така организирана во директорати чија основна намена е да ги администрира сите процедури.

Во Република Хрватска функционира Министерство за заштита на животната средина и енергетика во чии рамки покрај Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност, се наоѓаат и државниот Хидрометеоролошки завод, претпријатието Хрватски води, Агенцијата за јагленоводороди и Управата на хрватските национални паркови. Како посебно тело во Хрватска функционира и Агенција за околина и природа. Системот за заштита на животната средина во Словенија, пак, е организиран преку постоење на Министерство за животна средина и просторно планирање во чии рамки функционираат директорати за животна средина, за просторно планирање, градежништво и домување, како и Агенција за животна средина и Државен Инспекторат за животна средина.

Ана Петровска, државна секретарка во Министерството за животна средина вели дека структура во која клучниот збор во заштитата на животната средина би го имале експерти од различните области, со сигурно и стабилно финансирање на проектите на кои ќе се работи, би придонесло за поголема ефикасност во областа на заштитата на природата и на животната средина. Истовремено, политиката и носењето одлуки би останало во рацете на едно мало, но ефикасно Министерство за животна средина.

Tesko nas bez promeni vo sistemot za ekoloska zastita 4„Исто толку важно за трансформација на секторот животна средина во насока на поголема ефикасност е деталното познавање на законите, директивите и процедурите на Европската Унија во работата на надлежните институции, што сега не е случај“, вели Петровска.

 

 

 

Различни носители на извршната власт во изминативе години не покажаа волја за реорганизација на секторот животна средина и формирање институции кои ќе бидат ефикасни во заштита на природата. Прашање е дали може да се очекуваат сериозни промени во оваа насока ако се земе предвид дека предлогот за формирање нова Влада предвидува Министерството за животна средина повторно да го води ДУИ, партија чиишто кадри досега не донесоа елан во борбата за заштита на животната средина. Затоа станува извесно дека ЕУ стандардите и приоритетите за чиста и здрава животна средина и понатаму ќе фаќаат прашина по националните стратегии, коишто актуелниот систем нема капацитет да ги спроведе.


Комитети и совети кои не функционираат

Националната стратегија за заштита на природата набројува дури 10 тела- национални комитети, комисии и совети, како советодавни органи на извршната власт за разни аспекти од областа на животната средина, но додека за некои од нив се бележи само спорадична активност, некои се тотално неактивни. Како најзначен се издвојува Националниот совет за заштита на природата, кој е експертско советодавно тело на министерот за животна средина, основан 2009 но, според информациите добиени од МЖСПП не профункционирал бидејќи досега не е обезбеден буџет за негово функционирање.

Ништо подобра не ниту состојбата околу активноста на Комитетот за билошка разновидност, на Комитетот за заштита на миграторни диви животни, Националниот координативен комитет за биосигурност, од кои сите се основани пред 10 и повеќе години, но не се активни, додека пак активноста на некои, како на пример на Рамсарскиот комитет е предмет на контроврзи и револт кај еколошките здруженија.

Националниот комитет за одржлив развој, предводен од вице-премиерот задолжен за економски прашања, замислен како советодавно тело на Владата, кој во себе ќе ги обедини како фокална точка различните елементи на одржливиот развој, вклучително и заштитата на животната средина, од своето основање во 2010 година, барем судејќи според податоците од официјалната веб-страница, одржал само три седници – во 2015, во 2018 и во 2020 и ниту еднаш не се посветил на прашањата од областа на животната средина.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Југослава Дуковска Поленак
Фоторепортер: Томислав Георгиев

Сподели