fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
verifikacija na tehnologijata za zivotnata sredina featured

Верификација на технологијата за животна средина – преку приватниот интерес на иноваторите до општиот интерес на човештвото

Европа, како и светот, се соочува со еколошки предизвици како што се исцрпување на ресурсите, чест недостиг на вода, загадување на воздухот, промена на климатските услови и намалување на биодиверзитетот. Иновациите во областа на технологијата во животната средина, кои овозможуваат најсовремен пристап кон решавање на еколошките проблеми, потенцијално можат да имаат решенија за овие како и за другите еколошки предизвици.

Сепак, иновативните технологии кои немаат проверени податоци за нивното влијание врз животната средина, имаат отежнувачки пристап до пазарот, без оглед на нивните предности. Понатаму, клиентите и инвеститорите честопати немаат доверба во новите еколошки технологии, додека иноваторите трошат многу време и пари на тестирање на иновации и стекнување на сертификација.

На европско ниво, со цел да се олесни докажувањето на перформансите на новите технологии, Европската комисија започна доброволна програма за верификација на технологијата на животната средина, во форма на пилот програма за иновативни производи, процеси и системи на пазарот, за да се потврди веродостојноста на информациите за нивното влијание врз животната средина.

За иноваторите од Западен Балкан, важно е да се истакне дека процесот на верификација на иновативната технологија може да биде инициран од програмери, производители односно добавувачи и со седиште надвор од Европската унија. За сега, верификувани се иноватори на еколошките технологии од земјите членки на ЕУ, но исто така и од Австралија и САД.

Еко-иновација

Еколошките технологии во смисла на оваа програма се сите комерцијално подготвени технологии кои имаат позитивно влијание врз животната средина. Во согласност со Општиот протокол за иновации, иновативните технологии треба да содржат новина во споредба со релевантните алтернативи, и тоа во однос на дизајнот, употребените суровини и енергија, производниот процес, употребата, можностите за рециклирање или одлагање.

eco 2221567 1280

Фотографија од ananthu kumar / Pixabay

Исто така, неопходно е иновативната технологија да се развива во рамките на една од следните области: прочистување и следење на квалитетот на водата за пиење и отпадните води; материјали, раздвојување и сортирање на цврст отпад, рециклирање на материјали, готови производи и хемикалии и производи од биомаса; енергетски технологии, вклучувајќи обновливи извори на енергија, енергија од отпад и технологии за постигнување на енергетска ефикасност; следење на загадувањето на воздухот, почвата и подземните води, вклучително и почисто производство и процеси, како и еколошките технологии во земјоделството.

Оттука, иноваторот може да потврди која било технологија којашто е подготвена за пазарот, којашто е инвентивна, и која спаѓа во една од технолошките области вклучени во пилот-проектот, притоа обезбедувајќи дополнителна вредност за животната средина, во смисла на отстранување, спречување, намалување и ублажување на испуштањето на загадувачки материи во животната средина, санирање на штета во животната средина или употреба на природни ресурси на поефикасен и поодржлив начин.

Од иновација до верификација

Со предвидување на главните технички насоки за спроведување на пилот програмата за верификација на технологијата за животна средина, на иноваторите им се обезбедува организациска и техничка рамка во однос на постапките со цел да обезбедат независни и веродостојни информации за нивните инвентивни производи и услуги.

По извршувањето на првичната проценка на соодветноста на технологијата за верификација, со цел да се анализира комплексноста и потенцијалните трошоци на целата постапка за верификација, предлагачот доставува предлог за верификација на технологијата за животна средина до надлежното тело за верификација. Според протоколот, предлагач може да биде секое правно или физичко лице, кое е сопственик или производител на технологијата, односно овластен застапник.

Изјавата на производителот за перформансите на технологијата ја потврдува специјално акредитираното тело за верификација со издавање на изјава за верификација. Клучното барање за компетентност на телата за верификација е независност од производителите и корисниците, односно од процесот на дизајнирање, производство, испорака, набавка, сопственост, употреба или одржување на проверена технологија. На тој начин, во процесот на верификација на еколошката технологија, се добиваат веродостојни информации за вредноста и потенцијалот на иновативната технологија на пазарот.

Изјавата за верификација ги содржи резултатите од тестовите извршени врз новиот технолошки производ и обезбедува докази за неговите иновативни еколошки перформанси. Процесот на верификација не подразбира повторување на веќе извршените тестови. Оттука, податоците што претходно ги добил иноваторот со извршување на транспарентни и независни тестови се одобруваат, со што се заштедува време и трошоци, што е исто така придобивка за производителите на технологија.

Во процесот на верификација, не се проценуваат карактеристиките на новата технологија во однос на претходно утврдените стандарди или критериуми, туку се земаат во предвид карактеристиките на секој производ одделно. Оттука, верификацијата е особено корисна кога не постојат технички стандарди или сертификати достапни за да се демонстрираат позитивните перформанси на иновативната технологија.

verifikacija na tehnologijata za zivotnata sredina 2

Фотографија од Flo Maderebner / Pexels

Токму поради тоа, со обезбедување на проверени, веродостојни, научно издржани и детални докази за иновативни еколошки технологии, процесот на верификација на технологијата за животна средина, исто така, развива и референци на пазарот за идните еколошки производи.

Исто така, верификацијата на технологијата на животната средина им овозможува на иновативните технологии да навлезат во новите национални и меѓународни пазари, докажувајќи ги предностите на новата технологија во споредба со постојните конкурентни технологии на пазарот, проверувајќи ги иновативните карактеристики на технологијата што ја прават единствена, а коишто ја надминуваат усогласеноста со постојните стандарди. Комплетниот извештај за верификација и изјавата за верификација затоа се наменети за иноваторите и се користат во нивните деловни односи.

Поттик за иноваторите

Програмата за верификација на еколошката технологија е основана за да им овозможи на производителите на технологија, особено на малите и средни претпријатија, да ги пласираат своите иновации.

Придобивките што иноваторите можат да ги постигнат со добивање на изјава за верификација се пристапот до пазарот, до инвеститорите и купувачите на еколошки производи. На тој начин се осигурува профитот на иноватори затоа што на корисниците им е овозможено да идентификуваат технологии прилагодени на нивните потреби, додека на инвеститорите им е овозможено да ги проценуваат технолошките ризици и да донесуваат одлуки за инвестиции.

Изјавата за верификација може да се користи за да се демонстрира усогласеност со релевантното законодавство на Европската унија, како и за тендерите во рамките на зелените јавни набавки. Имајќи предвид дека проверените информации за еко-иновациите се од јавен карактер, истите може да се споредуваат со перформансите на другите производи достапни на пазарот, што може позитивно да влијае на пазарната вредност на новиот производ или услуга. Процесот на верификација на новата еколошка технологија, на тој начин му носи побезбеден профит на иноваторот, а истовремено и позитивно влијание врз животната средина при извршувањето на неговите деловни активности.

Зачувувањето на приватниот, финансиски интерес на иноваторите го обезбедува општиот, еколошки интерес на државата, регионот и светот.

Европската комисија е дел од меѓународната работна група за верификација на еколошките технологии, која покрај програмите на Европската унија, вклучува и канадски, корејски, филипински и американски програми. Целите на групата се меѓусебно признавање на програмите за верификација на технологијата за животна средина, како и унифицирани постапки за верификација, се со цел взаемно признавање и усогласување на програмите за верификација на еколошката технологија, што дополнително ќе им го олесни пристапот до меѓународниот пазар на иноваторите.

 


Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

Сподели