Празните улици, булевари, тротоари, паркови и кејови за време на полицискиот час, ги натареа животните од Скопје, прво срамежливо, а потоа слободно да се движат низ нив. Ова не се случува само туку и сцени од животни кои слободно се шетаат низ светските метрополи можат овие денови да се сретнат насекаде. Често се спочнува фразата „природата се враќа“. Но, дали е навистина така? Што всушност се случува со животните низ урбаните средини?

Животните што живеат околу нас во градовите, заедно со растенијата и габите се дел од урбаниот биодиверзитет. Животните кои живеат во овие средини се навикнати или прилагодени за живеење во условите кои ги нудат градовите. Поради големиот сообраќаен метеж, силната светлина што е речиси секогаш присутна, постојата бучава како и загадувањето ги тера овие наши „соседи“ се поретко да ги среќаваме низ нашата околина. Секако тука станува збор за дивите видови на цицачи, водоземци, влекачи и птици, а не за уличните мачки и кучиња кои иако се дел од урбаниот биодиверзитет сепак имаат поразлична екологија и нивниот живот е тесно поврзан со луѓето.

Постојат видови на диви животни кои живеат во самото градско подрачје, како и видови кои живеат на маргините и периферијата на градовите. Животните во градовите се тесно поврзани со поголемите зелени површини, па така во Скопје, Градскиот Парк, Водно, Сарај, и Гази Баба имаат огромно значење за овие популации.

Намалувањето на метежот, буката како и загадувањето на воздухот придонесува животните да се движат малку послободно низ просторот, што секако е само привремена појава која престанува кога полицискиот час завршува и се се враќа во нормала. Ова не значи дека природата се вратила, зошто таа е секогаш тука, дури и  во градските средини, па затоа голем број на видови се имаат прилагодено на животот во и околу градовите. Градовите претставуваат живеалиште за огромен број видови на животни и растенија. 

Сцените во кои гледаме како животните полека се враќаат низ градовите, треба да упати порака колку нашите заедници се чуствителни и безначајни во однос на природата , кога за за неколку дена на забрана за движење на луѓето, фауната веднаш си го завзема отвореното место во просторот.

Присуството на животните во градските средини има голем број на придобивки. Тие помагаат со размножувањето на растенијата, го подобруваат квалитетот на урбаните почви, учестуваат како биоконтролори на паразитите и штетниците како и помагаат во одржувањето на зелените површини.

Сепак оваа заедница на животни е под постојана опасност. Една од главните закани врз нив е губењето на градското зеленило и силната урбанизација. Денес, низ светот постојат бројни примери за тоа како може просторот урбанистички да се уреди и надгради, а без тоа да се уништи околниот биодиверзитет, туку напротив да се збогати.

Нас ни останува овие денови, да уживаме во присуството на нашите срамежливи соседи и во иднина да помислуваме и на нив при носењето на одлуки околу развивање на градот.

Фото: Томислав Георгиев