Ненад Петровски, Македонско еколошко друштво

Некаде во мариовските пасишта, срна заразена од туберкулоза го зема последниот здив. Таа се наоѓа веднаш до бара која многу други животни ја користат за пиење вода. Заразениот труп на срната претставува вистинска опасност по околината. Речиси е сигурно дека со неговото распаѓање, водата ќе се контаминира и дека од неа ќе се заразат сите останати животни кои ја користат барата, вклучувајќи ги и овците од околното трло. За среќа, природните чистачи на животната средина, трупот на срната не го гледаат како проблем, туку како гозба.

Тоа се мршојадците, една од најкорисните групи птици во природата. Нивната отпорност на речиси сите познати болести ги прави вистинска чистачка служба на природата. Дигестивниот сок во нивниот желудник изнесува hP ≈ 1, што е мерило за најсилната киселина во животинското царство која ги убива болестите како туберкулоза, бруцелоза, ботулизам, беснило, па дури и антракс односно целосно ја запира можноста за нивно пренесување.

За неколку часа срната е изедена од јато белоглави мршојадци пред да има шанса да ја контаминира барата, додека египетските мршојадци ги докрајчуваат ситните парченца месо кои преостанале оставајќи само коски. Колку и да изгледаат крволочни ваквите сцени, мора да се земе предвид дека во отсуство на овие птици, нивната улога ќе беше преземена од лисици, волци, диви свињи и глодари кои се познати преносители на заразни болести.

За жал, се‘ помалку мршојадци можат да се сретнат на македонското небо. Нашата држава веќе со децении се соочува со континуиран пад на популациите на овие маестрални птици. До осумдесеттите години од минатиот век кај нас можеле да се сретнат сите четири европски видови мршојадци.

Поради систематско уништување на волците во педесеттите години користејќи силни отрови како стрихнин од властите на тогашната СФРЈ нанесена е еколошка катастрофа од огромни размери. Имено, популациите на тогашните четири вида на мршојадци доживуваат драстичен колапс. Целосно се истребени брадестиот и црниот мршојадец од нашата територија, додека белоглавиот и египетскиот мршојадец остануваат да се бројат на прсти.

Иако употребата на отровни мамки како начин на сузбивање на „штетниот“ дивеч е забранета со закон уште во 1985 година, оваа практика се користи до денес од страна на несовесни граѓани за отстранување волци и улични кучиња кои како оправдување ја користат заштитата на домашните животни. Ваквите постапки се најсериозната закана по опстанокот на мршојадците.

Освен нелегалната употреба на отровни мамки, мршојадците се соочуваат и со низа други закани како криволовот, намалувањето на извори на храна, електрокуцијата и колизијата со енергетската инфраструктура, загубата на соодветни хабитати, вознемирувањето и друго. Заедничкиот ефект од сите овие фактори е се’ помало присуство на овие птици на нашето небо.

Поради тоа, Македонското еколошко друштво во 2003 година започна со напори за зачувување на овие загрозени птици преку програмата за заштита на мршојадците. Детален мониторинг на сите познати парови и гнезда се спроведува секоја година со цел да се има увид во состојбата на нивните популации, како и проучување на нивната екологија и однесување преку теренско истражување, a во некои случаи и следење на единки со GPS(Џи-пи-ес) предаватели. МЕД континуирано комуницира со локалното население, учествува во програми за едукација и подигање на јавната свест, но и соработува со државните институции кон ублажување на познатите закани и креирање политики кои би овозможиле здрав однос помеѓу луѓето и природата.

Веќе е познато дека губитокот на биолошката разновидност може да има сериозни последици по стабилноста и функционирањето на екосистемите, а тоа следствено се одразува и врз здравјето на луѓето. Новонастанатата ситуација во светот ни покажа дека несовесното однесување кон природата може „да ни се врати како бумеранг“ и да се соочиме со последици од невидени размери за коишто воопшто не сме подготвени.

Без оглед на тоа што имаат лоша репутација и често служат како симбол за нешто подло, мршојадците претставуваат бесплатна чистачка служба и не штитат од многу заразни болести. Доколку ја тргнеме призмата низ која приказните и филмовите не научиле да ги гледаме како грди и смрдливи опортунисти, можеби и ќе видиме дека мршојадците се грациозни животни кои ја имаат најнеблагодарната улога во природата. Вистински херои чиј опстанок на овие простори зависи од нас.