Најмладиот парк на природата во Бугарија покажува како заштитените територии можат одржливо да се користат.

„Оваа планина е за луѓе кои ги сакаат малите шармантни работи во животот. Нема спектакуларни знаменитости како Рилскиот манастир и врв Мусала, но каде и да одите, ќе најдете нешто што ве пленува - волшебни шуми од костени и чинари, пропаднати од старост параклиси, тајни водопади кои се чини дека постојат само за вас. Некои од овие состаноци се понеочекувани од другите - тука е царство на пеперутките, но и на мечките“, вели Мартина Колева од Фондација „Биоразнообразие”.

Беласица е планина помеѓу три граници – на Бугарија, Грција и Северна Македонија. Секоја од нив поинаку ја гледа планината. За нашите јужни соседи, тоа е позадината на еден од најважните резервати на биосферта, не само во регионот, туку и во Европа - езерото Керкини. Бугарите знаат дека од македонска страна планината е место за земјоделство и рурален туризам. Во Бугарија е нејзината северна падина - овде планината е како никоја друга, со својот скоро вертикален ѕид, кој во лето е потонат во длабокото зеленило на „бабите“, како што мештаните ги нарекуваат старите дрвја.

Во денешните времиња на масовен туризам и прекумерно искористување на природните ресурси, Беласица е единствена. Тешко е да се замисли дека во светот останале такви мест, недопрени од цивилизацијата, но до пред 15 години регионот беше непознат и недостапен дури и за туристите од Бугарија. Туризмот овде не беше возможен заради близината на границата, но и заради недостатокот на туристичка инфраструктура. Сепак, неколку еколози, посветени на планината, го сменија ова со неколку години напори на потполно доброволна основа.. Денес Беласица е најмладиот парк на природата во Бугарија. И пример за тоа како природното богатство може да се користи одржливо - за туризам, бизнис, наука, земјоделство, без да биде уништен од експлоатација.

Битката за заштита на планината како парк на природата - според законодавството на Бугарија ова е втор степен на заштита, при кој се дозволени значително повеќе активности отколку при националните паркови, како што се планините Пирин и Рила, започнува во 2003 година фондацијата „Биоразнообразие”. „Виновници“ за овој статус се вековните шуми од костен, кои се дом на неверојатна мешавина на животински видови - карактеристични видови на умерените ширини, но и специфична планинско-медитеранска фауна. Оваа комбинација е карактеристична единствено за оваа планина, велат од фондацијата. Флората е исто така необична – друштво на костените, кои сме навикнати да ги гледаме главно во урбаните средини, им прават чинари, буки , папрати, орхидеи.

Во 2007 година, Беласица доби статус на парк на природата во Бугарија (тој е национален парк во Грција) и се приклучи на иницијативата „Европски Зелен појас“. 13 години подоцна, во планината се направени 3 долги и 9 кратки маршути за пешачење, создадени се 4 тематски маршути- Животот на костенот, патека „Пријатели“, Патека на мравката, пеперутките и цвеќињата на Беласица. Денес планината има туристичка мапа, водич, книга „Интересните растенија на Беласица“, пријатни куќи за гости, органско земјоделство, легендарни велосипедски рути низ три држави, интернет портал www.belasitsa.com, а наскоро ќе има и интерактивна мапа со маршути, кои покрај ГПС-следење исто така ќе понуди информации за надморска височина, тежина на теренот, каде може да се пие вода итн.

Беласица е ретко населена планина, но во близина на туристичките маршути селата овде почнуваат да развиваат еколошки туризам. Природните ресурси се совршено надополнети со претприемништвото на мештаните, велат лидери од регионот. Тука, локални специјалитети сè уште се прават според семејни рецепти од постари жени кои не ги заборавиле традициите на своите предци – пита со праз и диви билки, пита - мешник, сарми од бутим, лооне, млечник и мед од костен се ѕвездите на трпезата.

Велат дека Беласица е одлична за семеен туризам, затоа што дури и најнеподготвениот турист може да ја фати првата патека и таа ќе го однесе до нешто интересно само пет минути подоцна. Сепак, Беласица станува омилено место за тим билдинг со најразлични доживувања што ги нуди - планинарење, садење нови шуми од костен, собирање слатки костени, работа во градини со зеленчук и слично. Овие се нова мода во туризмот, но животот во регионот всушност во голема мера е ист - многу луѓе сè уште не ги заклучуваат своите куќи.

Климата во регионот е блага, затоа секоја сезона е погодна за посета. Сепак, зимските искачувања мора да се направат со планински водич, бидејќи во високиот дел од планината има области склони кон лавина, велат експертите. Сепак, зимата има уникатна предност за љубителите на фотографијата - водопадите, поради што во Бугарија ја нарекуваат Беласица планината на водопадите, замрзнуваат во чудни форми.

Водата овде е толку изобилна што повеќето водопади никогаш не пресушуваат. А тие се толку многу - најголем број на метар квадратен во Бугарија што човек лесно може да го пронајде својот личен водопад и да го нарече со специјално име.

Планината како бизнис

Многу од куќите за гости сами го одгледуваат зеленчукот и овошјето, што им го нудат на туристите. Сепак, за едно семејство од големиот град земјоделството се претвора во нешто повеќе.

Денес „Веселата фарма“ не само што одгледува сè, од пиперки и грав, до лубеници и дињи во подножјето на Беласица, реонот на село Скрт, но го завршува циклусот и со свој погон за преработка на производи, кои ги продава не само во Бугарија, туку и во странство. .

Финансирање на проекти

Според претпристапните инструменти за финансиска поддршка, можно е да се бараат средства за заеднички проекти во регионот преку програмата ИНТЕРРЕГ- ИПП Бугарија - Северна Македонија 2014-2020 година. Регионите опфатени со програмата се област Ќустендил и област Благоевград на територијата на Бугарија и Североисточниот, Источниот и Југоисточниот плански регион во Северна Македонија. Вкупниот буџет на програмата е 19.461.690 евра, од кои 85% во висина на 16.542.434 евра се од Европската унија, а 15% - 2.919.256 евра, се национално кофинансирање од двете држави партнери.

Програмата има 4 приоритетни оски, при што за 3 од нив се финансираат проекти (инвестициони и проекти од типот „меки мерки“): Животна средина, Туризам и Конкурентност. Корисници на програмата можат да бидат национални, регионални и локални власти и јавни организации, што е предуслов за зголемување на знаењето и усвојување на добри практики од страна на бугарските партнери, со цел усовршување на спроведуваните од нив регионални и локални политики за развој.

Невладини организации од обете страни на границата веќе имаат искуство во заеднички проекти. Пред неколку години, Клубот за екстремни спортови и планинарење „Бела Екстрем“ во Петрич се здружи со планинарското и еколошкото здружение „Еделвајс“ во град Струмица за проектот „Беласица - планината на активните луѓе“. Во рамките на овој проект, беше воспоставена традицијата на прекугранични трки за планинско трчање, прекугранични велосипедски тури, едукативни велосипедски настани за деца, итн.

Последниот проект, финансиран од иницијативата „Ти и Лидл за подобар живот“, го доби и проектот за интерактивна мапа на регионот „Со ранец и велосипед на Беласица“. Двајца експерти во моментов вршат снимање на патеките за пешачење и велосипедизам во планината со очекување на крајот на годинава мапата да може да се користи.

За љубителите на животните

Што ја прави планината вредна, вклучително и за европската мрежа на заштитени територии „Натура 2000“? Во бугарскиот дел се идентификувани 102 видови на растенија со големо конзерваторско значење. Ако сте љубител на минијатурниот свет на инсектите, тогаш треба да знаете дека на сртот на планината, покрај планинските видови, се среќаваат и многу поврзани со подолниот појас на даб, кои прелетуваат над планината со помош на воздушни струи. Овде не е случајно што пеперутките имаат посебна патека - Беласица е единственото место во Бугарија каде што можете да видите пеперутка од видот Cryphia petricolor, освен тоа, ако ова е вашата страст, тогаш овде се среќаваат 140 видови на дневни пеперутки.

Животинскиот свет на планините сè уште е релативно слабо проучен, така што за младите љубители на природата овде постои неисцрпен извор на авантури и откритија. Животните имаат егзотични бугарски имиња – јужен белоград еж (Erinaceus concolor), шумски жолтогрлест глушец (Apodemus flavicollis/sylvaticus), кафеава лисеста полјанка (Clethrionomys glareolus). Сепак, највозбудлива е средбата со мечка.

Планина за децата

Имавме неочекувана средба во 2019 година во резерватот „Јулен“, раскажува за „Сега“ Гергана Сандакчиева од клубот „Млад планинар“ во Петрич. Пред децата во шумата се појавува мечка. Но, младите планинари не се од вчера на шумските патеки, така што сите во групата остануваат смирени. Баба Меца одминува и сите одат по својот пат - децата продолжуваат на патот до планинарскиот дом Демјаница во Пирин.

„Средбата со дивите животни секогаш била возбудлива и емотивна. Многу разговараме со децата на оваа тема. Разговараме сè додека сите не сфатат дека кога сме во планината ние сме нејзини гости, ова е нивниот дом“, објаснува Гергана. Ако при средба со животно во планините бидеме агресивни, тие ќе одговорат со истото, па затоа е важно да се почитува и заштити секое живо суштество. Сме имале средби како со животни што нè тераат да се насмевнеме, како со срни, диви кози и со оние до кои се приближуваме со доза на вознемиреност, како што се осојници, шарки, дива свиња.“

Клубот „Млад Планинар“ е отворен за деца од сите страни на границата. Средбата со нови пријатели секогаш ќе биде добар момент. Разменувањето искуства, споделените емоции би го збогатиле секој од нас. Секој кој ја сака планината и има потреба да ја сподели оваа љубов е добредојден во редовите на „Млад Планинар“, Гергана Сандакчиева поканува храбри деца од Северна Македонија. Нејзините мали следбеници зад себе имаат уникатни достигнувања. Незаборавно е искачувањето на 10 планински врвови на Бугарија за 11 дена. „Таков марш никогаш не бил направен, а посебно од деца. Со текот на годините, разни туристички групи организираа слични иницијативи, но ги поделуваа групите, и додека еден дел од групата се искачува на некои врвови, другиот се искачува на другите. Ние со младите планинари го сторивме тоа. 23 деца на возраст од 10 до 15 години, во текот на 11 дена покажаа сила, верба, волја, инспирација, емпатија “, раскажува Гергана.

На планината децата се многу различни, објаснуваат од клуб „Млад планинар“. Тие имаат почит кон високите планини, дисциплината и односот помеѓу нив е многу различен. „За нас е вистински предизвик, како организатори и водичи, да најдеме начин да ја распалиме љубопитноста кај деца со различни интереси и различни возрасти, и покрај нивната голема потреба да бидат во природа. Уште потешко е да се задржи оваа љубопитност и да се претвори во љубов. Но, доволно е само да им кажеш дека ќе направат нешто што не го направиле други деца“, верува Сандакчиева.

5 места кои треба да ги видите

Црква „Свети Пророк Илија“ во село Беласица

Храмот е преродбенска црква – споменик на културата, изграден во 1897 година и е најстарата црква во Подгорјето. На Илинден таму се дава курбан.

Месноста Ѓолчето над село Коларово

Најпосетуваното место над Коларово се користи како место за пикник (има летниковец). Тоа е единственото природно езеро во бугарскиот дел од планината, опкружено е со костенова шума. Над езерото има импровизирана чешма. Езерото е мало и во потоплите години скоро пресушува. Ве очекуваат неверојатните жители на костеновата шума, ќе ви помогне таблата на тематската патека „Животот на костенот“. На подрачјето на езерото можете да набљудувате жаби, тритони, сувоземни желки, орхидеи. Од Коларово до Ѓолчето се стигнува по означената патека „Животот на костенот“, со сино обележување (Тематска маршута „Животот на костенот“).

Камешнишки/Срамежлив водопад над село Самоилово и село Камена

Најголемиот водопад во бугарското подгорје (висок 21 метри, единичен полноводен вертикален скок) и единствениот до кој може да се стигне по зацврстена еко-патека. Го носи името од реката на која се наоѓа - Камешница, но заради својата скриена местоположба се нарекува и „Срамежливиот“. Од Самуилово до водопадот води сино обележување на трасата „Тајните на водата“. До водопадот може да се стигне и од село Камена по стрмна необележана патека.

Јаворнишки Водопад над село Јаворница

Сместено е на реката Јаворнишка, среде шума од чинари. Посетителите можат да очекуваат интересни факти за пеперутките и цвеќињата на Беласица, кои ќе ги дознаат од таблата на патеката. Од Јаворница до водопадот има патека означена со сина боја „Пеперутките и цвеќиња на Беласица“.

Врв Радомир

Највисокиот врв на планината Беласица (2029 метри надморска височина). Има пирамидална форма со многу стрмни западни и јужни падини. Изграден е од метаморфни карпи. Обраснат е со субалпска тревна вегетација. Државната граница помеѓу Бугарија и Грција се протега по неговиот гребен. Врвот е обележан со гранична пирамида бр. 24. Појдовни точки за искачување на врвот се планинарските домови Конгур (од Петрич) и Лопово (од село Самуилово). Споменатите планинарски домови се реновирани поранешни гранични караули.

 

Изборот на места го направи специјално за весник „Сега“ Мартина Колева, координатор на „Екотуризам“ во фондација „Биоразнообразие” и координатор на проектот за интерактивна мапа на маршутите во планината.

Новинар: Дилијана Димитрова, СЕГА
Фотографии: архива СЕГА и ДОМА

sega logo 75x54

Оваа содржина ја изработи весникот Сега во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлјан платформата ДОМА, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.