EMAS – таен зачин за циркуларната економија
Во Европската унија има над 22 милиони мали и средни претпријатија, кои обезбедуваат над 133 милиони работни места и над половина од бруто додадената вредност. Транзицијата на европските компании кон нови бизнис модели би довела до одржлива и конкурентна економија на Европската унија.
Меѓутоа, малите и средни претпријатија, кои сочинуваат 99% од сите претпријатија на Европската унија, се соочуваат со пречки во усвојувањето практики за циркуларната економија. Овие компании имаат повеќе потешкотии во усвојувањето стратегии и практики за животната средина во споредба со големите компании поради ограничениот организациски, технолошки и финансиски капацитет.
По тој повод, Акцискиот план за циркуларна економија предвидува обезбедување техничка и финансиска поддршка на компаниите во спроведувањето на стратегиите за животна средина, токму со цел нивна поефикасна транзиција кон одржлив бизнис. Мерките предвидени во акциониот план доведоа до имплементација на стратегии и практики на циркуларната економија, претежно од поголемите компании, коишто недостатокот на природни ресурси го сметаат за деловен ризик, односно ги гледаат кружните деловни модели како деловни можности.
Малите и средни претпријатија се клучни двигатели на Европската економија. Нивната бројност, која исто така е изразена и на територијата на Западен Балкан, ги истакнува како потенцијални носители на промени во областа на намалување на загадувањето, управувањето со отпад и конечниот премин од линеарна во циркуларна економија.
Фотографија од Nattanan Kanchanaprat од Pixabay
Шемата за управување со животната средина и ревизија (ЕМАС) е доброволен инструмент на Европската унија кој предвидува подобрување на еколошките перформанси на јавните и приватните организации, преку воспоставување систем за управување со заштитата на животната средина, спроведување периодични евалуации на еколошките перформанси на компаниите, активно вклучување на вработените во одржливото работење на организацијата и обезбедување информации за еколошките перформанси со цел отворен дијалог со јавноста.
Овој инструмент за еколошка политика на Европската унија, покрај влијанието на активностите, производите и услугите на компанијата врз кои има директна контрола, го зема предвид и индиректното влијание на активностите на компанијата врз животната средина, односно влијанието на интеракцијата на организацијата со трети страни, врз кои претпријатието може во разумен степен да влијае.
Овозможувајќи им на компаниите да остваруваат еколошки и економски цели во исто време, EMAS се применува во земјите од Европската економска област и земјите кандидати за членство во Европската унија. Зелената агенда за Западен Балкан особено, ја наведува шемата за управување со животната средина и ревизија како важен инструмент за поддршка на земјите од регионот со цел да ги поттикне компаниите да усвојат одржливи бизнис модели.
Постапка за регистрација
Со цел да се регистрира во системот EMAS, компанијата претходно усвои политика за заштита на животната средина преку која се обврзува да работи во согласност со важечките еколошки прописи.
По испитувањето на влијанието на активностите на компанијата врз животната средина и воспоставувањето ефективна шема за управување со бизнисот, а со самото тоа и подобрување на влијанието врз животната средина, се објавуваат проверени информации за влијанието на компанијата врз животната средина со цел истите да бидат достапни за јавноста.
Компанијата исто така се стекнува со обврска периодично да објавува изјава за животната средина, документ што содржи информации за усогласеноста на еколошките перформанси на компанијата со важечките прописи поврзани со животната средина. Во изјавата за животната средина, компанијата ја информира јавноста за целите на својата еколошка политика, системот за управување со животната средина, влијанието на бизнисот врз животната средина и програмата за заштита на животната средина и почитувањето на важечките еколошки прописи. Транспарентноста на изјавата за животната средина ги охрабрува регистрираните компании на континуирана усогласеност во работата почитувајќи ги еколошките прописи.
Во случај регистрираната организација да воведе значителни промени во својата дејност, неопходно е да се изврши еколошка ревизија на конкретни деловни промени, вклучувајќи ги и нивните еколошки аспекти, а потоа да се измени и политиката за заштита на животната средина на компанијата, системот за управување со животната средина и ажурирање на еколошката изјава. Во случај на прекршување на сите важечки законски барања поврзани со животната средина од страна на регистрираната компанија, компанијата ќе биде избришана од регистарот на EMAS.
Процесот на регистрација на мали и средни претпријатија е олеснет со обврската на верификаторот на животната средина да ги земе предвид специфичните карактеристики на претпријатието за време на процесот на верификација и да ја спроведе постапката на начин што не наметнува непотребни оптоварувања на претпријатието, потпирајќи се на објективни докази дека Шемата за еколошко управување и ревизија е ефикасна и пропорционална со големината и сложеноста на бизнисот на компанијата, како и врз природата на влијанието на бизнисот врз животната средина.
Олеснување по постапката
Во прилог на фактот дека EMAS ги охрабрува компаниите да усвојат систем за управување со бизнисот кој вклучува активности за планирање, процеси и користење на ресурсите со цел да се имплементира еколошка политика, важна придобивка за компаниите е стекнувањето предности во зелениот процес на јавни набавки. Имено, ЕМАС често се споменува како техничка спецификација, односно како услов за доделување договор во постапката за зелена јавна набавка. Исто така, регистрираните компании имаат право на намалени цени во постапката за стекнување на Еко-ознака на Европската унија.
EMAS, исто така, вклучува и иновативни начини за вклучување на вработените во одржливото работење на компаниите, преку учество на вработените во обука и подготовка на изјави за животната средина.
Регистрирана компанија го стекнува правото да ја користи ознаката EMAS, што, во согласност со растот на еколошки освестени потрошувачи и корисници, и обезбедува на компанијата предност пред конкурентските компании на пазарот.
Логото на EMAS може да го користи компанијата за внатрешни документи, но исто така и со цел промовирање услуги и производи. Сите информации за животната средина објавени од регистрирана компанија може да го носат знакот EMAS под услов тие проверени информации да се однесуваат на најновата еколошка изјава на компанијата, што подразбира континуирано одржливо работење.
За компаниите од територијата на Западен Балкан, стекнувањето на ознаката EMAS може да го олесни извозот на стоки и услуги на пазарот на Европската унија, бидејќи ознаката го докажува производството во согласност со еколошките регулативи и прописи на ЕУ.
Фотографија од Sarah Richter од Pixabay
Со истражувањето е утврдено дека регистрираните компании за време на имплементацијата на Шемата за еколошко управување и ревизија постигнале заштеди на трошоците главно во областа на енергетиката, и дека најзначајните придобивки од имплементацијата на Шемата се рефлектираат во подобрувањето на оперативната заштита на животната средина, усогласеноста со законските прописи и, конечно, учеството на вработените. Како дополнителни придобивки, се споменуваат кредибилитетот на инструментот, транспарентноста за јавноста, како и зголемувањето на еколошката свест во рамките на компанијата.
На малите и средни претпријатија на територијата на Европската унија им е потребна ефикасна поддршка што овозможува прифаќање на циркуларно работење, употреба на иновативни технологии, ефикасно користење на ресурсите и намалување на отпадот. Малите и средни претпријатија даваат значаен придонес за економскиот раст, социјалната кохезија, вработувањето, регионалниот и локалниот развој во Европа. Токму поради оваа причина, транзицијата на малите и средни претпријатија кон циркуларната економија, за Европската унија но и земјите од Западен Балкан, како потписнички на Агендата на Обединетите нации 2030 година, значи постигнување на глобалната цел за одржлив развој број 12, одговорно производство и потрошувачка и потенцијално целта на зелениот европски договор, климатски неутрална Европа до 2050 година.
Автор: Јелена Јеремиќ
Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.