Глобалното загревање ќе се случи многу побрзо отколку што мислиме
Nature 564, 30-32 (2018)
Има три трендови кои со својата меѓусебна комбинација ќе го забрзаат тој процес, предупредуваат Јангјанг Шу (Yangyang Xu), Веерабадран Раманатан (Veerabhadran Ramanathan) и Дејвид Виктор (David G. Victor).
„Подгответе се за „новото ненормално““ – е изјавата која минатиот месец ја даде за новинарите гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, кога беше запрашан како ќе ги коментира смртоносните пожари кои годинава значително ја зафатија оваа американска сојузна држава. Човекот е во право. Најновата криза во Калифорнија има долг историјат на рекордни суши и топлотни бранови. Ист е случајот и со остатокот од светот каде исто така беа забележувани случаи на екстремни временски услови во 2018 година. Lancet одбројувањето за здравство и за климатски промени неодамна објави дека дополнителни 157 милиони луѓе беа изложени на топлотни бранови во 2017 година, споредено со 2000-та година.
Овие неповолни настани и катастрофи само дополнително ќе се интензивираат. Државите со право сакаат да знаат што треба да направат, но научниците кои се занимаваат со проучување на климата и понатаму не се целосно во можност да дадат корисни одговори.
Во месец октомври 2018 година, меѓувладиниот Панел за климатски промени (IPCC) објави извештаи во кој е посочено зошто мораме да го сведеме глобалното загревање на 1.5 °C над нивоата кои биле присутни во прединдустрискиот период, и како тоа да го направиме. Читањето на овој извештај е тегобно. Ако планетата Земја се загрее за 2 °C (инаку многу често споменуван температурен лимит во Климатскиот договор од Париз од 2015 година) – двојно поголем ќе биде бројот на луѓе кои ќе се соочат со недостаток од вода со пиење, во споредба со ситуација во која овој лимит би изнесувал 1.5 °C. Ова дополнително предупредување исто така ќе доведе до тоа повеќе од 1,5 милијарда луѓе да бидат изложени на смртоносни топлински екстреми и стотици милиони луѓе на векторски преносливи болести, меѓу другото и маларија.
Најновиот извештај на IPCC укажува на уште еден алармантен факт: глобалното загревање се забрзува. Во наредните 20 години ќе се случи комбинација од три трендови (зголемени емисии, намалување на загадувањето на воздухот и природни климатски циклуси) кои ќе доведат до забрзување на климатските промени и тоа со многу поинтензивно темпо од она што го очекуваме. Според нашето мислење, постои добра шанса да го пречекориме зацртаното ниво од 1.5 °C до 2030 година, а не до 2040 година како што е предвидено со извештајот (види делот со „Забрзано загревање“). Заедницата која работи на климатски симулации не успеа доволно да фати чекор со брзите промени кои им се најважни на креаторите на политики, и наместо тоа повеќе стави фокус на долгорочните трендови и на еквилибриумот.
Креаторите на политики имаат многу помалку време да реагираат отколку што првично се мислеше. Државите треба поитно да инвестираат во шеми кои ќе ги заштитат домовите од поплави и пожари и ќе им помогнат на луѓето да управуваат со стресот од жештината (особено на постарите лица и на оние кои живеат во сиромаштија). Државите исто така треба да работат во насока на тоа да ги направат нивните шуми и фарми поотпорни на поплави и пожари и да ги подготват крајбрежјата за евентуални поплави. Забрзаното загревање ќе доведе до поголема потреба од политики за емисии кои резултираат со најбрзи измени во климата, како што е контролата врз испуштањата, метанот и хидрофлуоркарбонатите (HFC). Можно е дури да има и потреба од соларен геоинженеринг – ладење на планетата со, на пример, сеење на рефлективни честички во стратосферата кои би делувале како брана за сончевото зрачење.
Научниците кои ја проучуваат климата мора да го достават доказите кои им се потребни на креаторите на политики и да дадат проценки за наредните 25 години. Тие исто така треба да ги посоветуваат креаторите на политики кои загадувачи треба прво да се ограничат за да се добие најголемата полза во однос на справувањето со загревањето на климата. Дополнително, тие треба да направат проценка кои политики треба веднаш да се донесат и кои од нив биле успешни во реалниот свет каде политичките, административните и економски ограничувања многу често ги прават апстрактни „идеалните“ политики.
Ургентноста на прашањето
Извештајот на IPCC посочува дека постојат три вида на докази кои укажуваат на тоа дека глобалното загревање се случува побрзо од очекуваното.
Прво, емисиите на стакленички гасови и понатаму се во пораст. Во 2017 година, индустриските емисии на јаглерод диоксид се проценува дека достигнале околу 37 гигатони. Ова е во иста линија со највисоките прогнози на емисии кои беа моделирани од страна на IPCC. Овие мрачни предвидувања значат дека во наредните 25 години ќе бидеме сведоци на загревање на температурите од 0.25–0.32 °C во секоја декада. Ова е побрзо од загревањето од 0.2 °C во декада кое го забележуваме дека се случува од почетокот на овој век и кое IPCC го користи во својот извештај.
Второ, државите го чистат загадувањето на воздухот многу побрзо отколку што тоа го предвидоа IPCC и оние кои се занимаваат со прогнозирање на климатските тенденции. На пример, Кина ги намали емисиите на сулфур диоксид од своите електроцентрали од 7 до 14% во периодот 2014-2016 година. Главните климатски модели очекуваа овие емисии да се зголемуваат. Помалото загадување е добро за земјоделските култури и за здравјето на луѓето, но аеросолите, вклучувајќи ги сулфатите, нитратите и органските соединенија ја рефлектираат сончевата светла, така што овој штит од аеросоли ја лади планетата Земја, веројатно најмногу до 0.7 °C на глобално ниво.
Трето, има знаци дека планетата Земја веројатно влегува во природна фаза на загревање која би траела неколку децении. Пацифичкиот океан се чини дека се загрева, согласно бавниот климатски циклус кој се нарекува Interdecadal Pacific Oscillation. Овој циклус доведува во модулација на температура врз екваторијалниот Пацифик и врз Северна Америка. На сличен начин, се чини дека мешавината од длабоки и површински води во Атлантскиот океан (која се нарекува Atlantic meridional overturning circulation) има ослабено во периодот од 2004 година досега, судејќи според податоците од истражувањата кои се вршат во длабокиот океан. Без ваквото мешање, топлината повеќе останува во атмосферата наместо да оди длабоко во океанот, како што, впрочем, било случај и во минатото.
Постојат три сили кои меѓусебно се надополнуваат. Наша проценка е дека зголемените емисии на стакленички гасови, во комбинација со намаленото загадување на воздухот, ќе доведе до проценетото затоплување од 1.5 °C до околу 2030 година, при што границата од 2 °C ќе биде постигната до 2045 година. Ова би можело да се случи и порано, ако се забрза испуштањето на загадувачи во воздухот. Ако тука ги додадеме и природните децениски флуктуации, доаѓаме до веројатноста дека температурното зголемување од 1.5 °C ќе биде пробиено за барем 10% до 2025 година. Колку за споредба, IPCC укажува на веројатности дека границата од 1.5 °C ќе биде пробиена за 17% до 2030 т.е. за 83% до 2052 година.
Четири фронта
Неопходно е научниците и креаторите на политики уште еднаш да размислат за своите улоги, цели и пристапи на четири фронта.
Да се направи проценка на научниот пристап на краток рок. Креаторите на политики треба да побараат уште еден извештај од IPCC, но сега истиот да ги содржи стапките на климатски промени за наредните 25 години. Панелот исто така треба да гледа и пошироко од самата физика и да направи проценка и на брзината со која би можеле да реагираат системите на политики, земајќи ги притоа предвид притисоците за одржување на статус кво ситуацијата кои би потекнувале од бирократите и интересните групи. Научниците би требало да ги подобрат климатските моделирања и прогнози за наредните 25 година. Истите би требало да содржат повеќе детали и најнови податоци за состојбата со океаните, атмосферата и за природните циклуси. Тие исто така треба да се посветат повеќе на бројчено изразување на веројатноста од екстремни настани и на нивните влијанија. Доказите за ова ќе биде потешко да се соберат, но дефинитивно станува збор за нешто корисно при проценувањето на реалните климатски опасности и на потребните одговори.
Повторно разгледување на политичките цели. Лимитите кои се однесуваат на загревањето, како што е целта која се однесува на 1.5 °C, треба да бидат препознаени во алатките со кои се прави општо планирање. Многу често тие погрешно се изразуваат како физички лимити околу кои е потребно да се креираат политиките. Претераното потпирање на „технологии за негативни емисии“ (кои го складираат CO2) во извештајот на IPPC покажува дека станува сè потешко да се предвидат реални политики, како што светот сè повеќе се приближува до тие лимити. Многу е лесно моделите да се сменат на хартија, многу е потешко да се имплементираат вистински политики кои би функционирале.
Реалните цели треба да се базираат на политички и општествени компромиси, а не само на геофизички параметри. Тие треба да произлезат од анализи на трошоците, на бенефитите и на остварливоста. Проценката на овие компромиси мора да биде интегрален дел на парискиот климатски процес кој има потреба од посилно раководење за да може да се процени на кој начин реалистични политики влијаат на емисиите. Подобрата проценка може да го мотивира делувањето но исто така може да биде и политички контроверзно: таа ќе го потенцира јазот помеѓу она што државите велат дека ќе го направата за контрола на емисиите, и она што треба колективно да се направи за да се ограничи загревањето. Во таа смисла, информациите за компромисите кои ќе треба да се направат е потребно да дојдат надвор од формалниот интер-ресорски процес т.е. да потекнуваат од националните академии на науките, партнерства во рамките на државите и од невладините организации.
Дизајн на стратегии за прилагодување. Дојдено е време за брзо делување. Креаторите на политики имаат потреба од два типа на информации од научниците за да можат да се насочат во делувањето. Прво, тие треба да знаат кои се потенцијалните локални влијанија на ниво на општини и градови. Некои од овие информации веќе можат да се обезбедат преку комбинирање на направените проценки за климатски влијание со вештачката интелигенција за анализи на екстремни временски настани, на штети, влијанија врз здравјето и на други варијабли со користење на „големи податоци“. Второ, креаторите на политиките треба да ги разберат неизвесностите кога станува збор за веројатните климатски влијанија и одговори. Дури и регионите кои се проактивни во дефинирањето на вакви политики за прилагодување, како што е Калифорнија, немаат доволно информации за ризиците од екстремно затоплување, пожари и зголемување на нивото на морето, и овие ризици постојано се менуваат. Истражувањата мора да интегрираат повеќе области и засегнати страни – градски планери, управувањето со јавното здравје, земјоделството и екосистемите. Стратегиите за прилагодување треба да може да се менуваат ако дојде до поинаков ефект од влијанијата. Неопходни се дефинирање на трошоци и повеќе планирање во однос на најлошите можни исходи .
Разбирање на опциите за брзо делување. Климатските проценки мора да евалуираат брзи начини за ублажување на климатските влијанија, како што се намалување на емисиите на метан, јаглеродот и на хлорофлуоркарбонатите. Изразено во тони, овие три „супер загадувачи“ имаат помеѓу дваесет и пет илјадници пати поголемо влијание од CO2. Нивниот животен век во атмосферата е краток – се мери во недели (за јаглеродот) до деценија (за метанот и хлорофлуоркарбонатите). Намалувањето на овие загадувачи ќе има потенцијал да го намали трендот на затоплување во наредните 25 години.
На ова поле е постигнат напредок. На самитот за Глобално климатско делување кој се одржав во декември 2018 година во Сан Франциско, Калифорнија, Климатската алијанса на Соединетите Држави (коалиција од гувернери на држави кои претставуваат 40% од населението на САД) објави патна карта за намалување на емисиите на метан, хлорофлуоркарбонати и на јаглерод за 40-50% до 2030 година. Измената на Протоколот од Монтреал која беше усвоена во Кигали во 2016 година, а стапи на сила во јануари 2019 година, предвидува намалување на емисиите на хлорофлуоркарбонати за 80% во наредните 30 години.
Потребно е и понатаму да се земаат предвид разните опции за климатски инженеринг, доколку се укаже итна потреба од делување. Ако навистина дојде до влошување на условите на глобално ниво, можеби ќе бидеме приморани директно да „извлекуваме“ од атмосферата огромни количества на вишок CO2. Еден друг, уште побрз одговор во случај на итност би бил инјектирање на аеросоли во атмосферата за да се намали количеството на сончева радијација кое ја загрева планетата – токму ова го прави загадувањето на воздухот. Оваа опција е многу контроверзна и може да има други несакани последици, како на пример измена на тенденциите на врнежи што може да доведе до суша во тропските предели. Од тие причини, истражувањето и планирањето се од круцијална важност ако дојде до потреба да се примени оваа опција. Сè додека вистински не се инвестира во тестирање и во техничка подготвеност (а денес такво нешто речиси и да не постои) – постои голема шанса дека ќе бидат употребени погрешни шеми за климатски инженеринг од страна на неодговорни страни кои не се доволно информирани.
Со децении наназад, научниците и креаторите на политики ја имаат поставено дебатата за климатските промени на едноставен начин: научниците ги анализираат долгорочни цели а креаторите на политики се преправаат дека истите ги испочитувале. Тие денови се минато. Сега е потребна сериозна климатска политика која ќе стави фокус на краток рок и на остварливоста. Неопходно е да се разгледа целиот спектар на опции, дури и ако некои од нив ќе бидат нелагодни и полни со ризик.