Инвазивните видови се опасност за која Балканот не е подготвен
Марко Маричиќ
Во последните неколку години низ македонските шуми и земјоделски површини се почеста e појавата на нови живи организми кои прават огромни економски и еколошки загуби во екосистемите и земјоделството. Граѓаните беа сведоци на таканаречените наезди од инсекти на падините на Водно, Матка, како и во Охрид. Стручната јавност дел од овие организми ги нарекува инвазивни, односно видови кои природно не ја населуваат нашата територија.
Тимот на ДОМА за повеќе информации околу инвазивните видови и нивното влијание врз природата направи интервју со Марко Маричиќ, зоолог и истражувач на инвазивни видови од Институтот за биологија од Белград.
ДОМА: Што претставуваат инвазивните видови и кои живи организми влегуваат во оваа категорија?
Инвазивни видови се странски видови организми кои се внесени во одредено подрачје, надвор од просторите на нивното природно распространување. Тие тука се прилагодиле, се размножиле, почнуваат да се шират и со тоа можат да нанесат еколошка, економска штета или се опасни по здравјето на луѓето и домашните животни.
ДОМА: Дали постои опасност од инвазивните видови врз биодиверзитетот на земјите од Западен Балкан?
Секако дека постои опасност. Проблемот со инвазивни видови денес има глобални размери, па така и Западен Балкан не е исклучок од ова. До сега низ териториите на поранешна Југославија се забележани огромен број инвазивини видови – животни и растенија, но и габи.
ДОМА: Колку земјите од регионот се подготвени да се справат со појавата на инвазивни видови низ нивните територии?
Засега, по моите анализи мислам дека воопшто не се подготвени. Посебни правни регулативи или не постојат или ако постојат нивното спроведување е ограничено, односно не е потполно имплементирано.
ДОМА: Дали соработката меѓу сите земји во регионот би помогнало во регулирање или можеби сузбивање на инвазивните видови?
Апсолутно тоа е потребно. Административните граници се вештачки и создадени од човекот. Без разлика дали некои организми се „нативни“ или инвазивни за нив границите не важат. Единствен начин на кој можеме да се справиме со инвазивните видови е токму соработка на сите земји во регионот.
ДОМА: Како еден граѓанин, индивидуално може да влијае врз појавата на инвазивни видови?
Секој неразумен потег може да доведе до појава на инвазивни видови, без разлика дали се работи за ненамерно или намерно внесување или ослободување на домашни миленици во природата. Секој човек може да влијае врз внесување на инвазивен вид во локалните екосистеми или да го прошири видот. Грешките се прават или од негрижа или од незнаење.
ДОМА: Кои се првите чекори кои треба да се превземат во борба против инвазивните видови?
Прв чекор е известување и едукација на јавноста за опасноста што еден организам може да ја има врз целиот екосистем. Треба да работиме на спречување на проблемот, а не на лекување. Кога веќе еден вид организам ќе стане инвазивен на некоја територија тогаш начините за негово спречување се се’ помали и се поскапи. Затоа треба да работиме на превенција.
ДОМА: Дали инвазивните видови се еден од главните еколошки проблеми во регионот?
Прв и најголем проблем врз биодиверзитетот на светско ниво, па и кај нас е физичкото уништување на „стаништата“ и екосистемите. Инвазивните видови според опасноста се веднаш по ова.
Црвеноушестата желка – популарен миленик кој го уништува локалниот биодиверзитет
Црвеноушестата желка (Trachemys scripta elegans) е еден типичен пример за инвазивен вид и за тоа како човекот без да знае предизвикал оваа желка денес да е еден од најинвазивните видови во светот. Оваа водена желка, што природно ги населува југоисточните делови на САД како популарен домашен миленик почнал да се продава насекаде низ светот. Неодговорните сопственици по неколку години почнале масовно да ги пуштаат желките во локалните реки, езера, бари и паркови. Ова предизвикало овој вид да почне да се појавува насекаде низ екосистемите во речисите сите контитенти. Во Европа, црвеноуштестата желка претставува најголем непријател на локалните видови водни и блатни желки, па затоа продажбата и траспортот на овој вид желка во Европската Унија е забранет.