Каква е поврзаноста помеѓу земјоделството и климатските промени: причини и последици
Автор: Томазо Пероне
Преземено од: https://www.lifegate.com/people/news/agriculture-and-climate-change-causes-effects-impacts
Земјоделството и климатските промени се мошне испреплетени. Ефектите од глобалното затоплување врз снабдувањето со храна се сериозни а истовремено светското население бележи раст. Дојдено е време да се промени начинот на кој земјоделството влијае на животната средина и обратно.
Односот меѓу земјоделството и климатските промени е најмалку кажано проблематичен, а сето тоа претставува ризик за безбедноста на храната. Ако го употребиме прашањето „што потекнува прво – кокошката или јајцето?“ како аналогија, ќе ни биде тешко да разбереме која, всушност, започна овој конфликт. Поточно, дали ефектот на глобалното затоплување врз земјоделството и снабдувањето со храна со текот на времето бил намалување на производството на земјоделски култури, или дали интензивното земјоделство придонесе за климатските промени предизвикувајќи зголемување на просечните глобални температури?
Светското население се зголемува
Зголемувањето на населението е одредувачки фактор што мора веднаш да се земе предвид доколку сакаме да добиеме појасна слика за оваа дихотомија. Светското население, всушност, забрзано се зголемува и според Секторот за економски и социјални работи на Обединетите нации (ООН/DESA) би можело да се зголеми на 9,7 милијарди луѓе до 2050 година, во споредба со сегашните 7,5 милијарди. Во исто време, приносите од земјоделски култури, главно жито и пченка, е можно да се намалат за 50 проценти во следните 35 години поради променетите климатски услови. Тоа е ризик што мора да го избегнеме и спречиме, особено во овој момент во историјата во кој незначително се намалува бројот на луѓе засегнати од глад. Извештајот „Состојба со исхраната во светот во 2015 година“ на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (IFAD) и Светската програма за храна (WFP) констатира дека има речиси 795 милиони луѓе кои сè уште немаат доволно храна. Оваа бројка изнесуваше една милијарда во 1990-1992 година.
Ефектите од климатските промени врз производството на земјоделски култури: на кој начин климата е поврзана со земјоделството?
„Климатските промени делуваат како кочница. Нас ни се потребни приноси за да ја задоволиме растечката побарувачка, но климатските промени ги забавуваат овие приноси“, вели Мајкл Опенхајмер, професор на Универзитетот Принстон и коавтор на петтиот извештај на IPCC (Меѓувладин панел за климатски промени, во кој учествуваат научници од низ целиот свет). Во овој извештај, научната заедница укажува дека веќе сме сведоци на намалување на приносите од земјоделски култури заради глобалното загревање.
На кој начин земјоделството придонесува кон климатските промени?
Исто така, земјоделството – особено интензивното земјоделство, кое се карактеризира со монокултури и има за цел хранење на домашните животни – е еден од секторите што генерира најголема количина на емисии на СО2 (главен стакленички гас). Оваа количина може да се спореди само со вкупниот збир на СО2 гасови кои се испуштаат од сите видови транспорт.
Ако погледнеме подлабоко, ќе забележиме дека земјоделството и уништувањето на шумите кое тоа го предизвикува се причината за една петтина (21%) од сите емисии на СО2 во периодот 2000 – 2010 година (приближно 44 милијарди тони). Ова се случува затоа што земјоделството има потреба од повеќе простор, а тука се и огромните количини хемиски ѓубрива поради побарувачката за месо и месни производи која драстично се зголеми во земјите во развој. Ова е штетно за шумите, кои би можеле да апсорбираат CO2 и да ги ублажат емисиите предизвикани од човекот. Станува збор за маѓепсан круг во кој земјоделството истовремено е жртва (со оглед на негативните ефекти од глобалното затоплување врз снабдувањето со храна) и сторителот (една од главните причини за климатските промени).
Исто така, кога земјоделството е причинител на неговите злосторства, тоа не ни придонесува за обезбедување храна за растечкото население во светот. Всушност, 95% од сојата која се произведува во светот ја консумираат домашните животни – претежно говеда – што е одраз на овој конфликт. Исто така, според студијата спроведена од страна на Универзитетот за технологија „Чалмерс“ во Гетеборг, Шведска, ова значи дека за производство на еден килограм говедско месо се потребни 200 килограми емисии на СО2. Само во Кина има 700 милиони свињи (по една на две лица), што е половина од вкупната популација на домашни свињи. За да ги нахрани овие животни кои се принудени да живеат во кафези во индустриските складишта, Пекинг увезува 80 милиони тони соја, особено од Латинска Америка и поточно од бразилскиот Амазон каде бескрајните полиња на соја уништуваат едно од најпознатите места со биодиверзитет во светот – едни од зелените бели дробови на светот.
Земјоделството и климатските промени: дали одговорот е во агроекологија?
Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) има јасна претстава за тоа што треба да се направи, и во таа смисла промовира одржливи пракси на работа во разни земји преку агроекологијата. Станува збор за серија од општествени и еколошки мерки чија цел е создавање одржлив земјоделски систем кој ги оптимизира и стабилизира приносите од земјоделски култури. Овие пракси исто така се справуваат и со ефектите од климатските промени, како што се дезертификацијата и зголемувањето на нивото на морето, при што органското земјоделство има суштинска улога затоа што ги почитува природните циклуси и драстично го намалува влијанието на луѓето.
Според најновите податоци на Евростат, во периодот од 2010 година до денес органското земјоделство во Европа се зголеми за 2 милиони хектари и достигна вкупно 11 милиони хектари земја (повеќе од 6% од вкупната површина во Европа). Ако сакаме да продолжиме да споредуваме со Кина – која до неодамна беше една од најмалку развиените земји во однос на органските практики – овој вид земјоделство зафаќа 1,6 милиони хектари и генерира 4,7 милијарди евра, покажуваат податоците презентирани од Италијанската федерација на органско и биодинамичко земјоделство „Федербио“.
На кој начин земјоделството ја засега животната средина? Навики за исхрана се важни, особено во Европа
Земјоделството и климатските промени. Да го заокружиме нашиот осврт на стариот континент, горенаведениот Универзитет за технологија од Гетеборг нè упатува во конкретна насока со цел да ги исполниме целите за намалување на емисиите на СО2 зацртани од Европската унија: мора да јадеме помалку говедско месо и млечни производи. Не можеме да ја заштитиме животната средина ако не ги промениме нашите навики во исхраната. Всушност, земјоделските дејности и интензивното земјоделство се одговорни за околу една четвртина од вкупните емисии на CO2 во Европа.
Договорот од Париз зацрта јасна цел: да се ограничи зголемување на глобалната температура „значително под 2 Целзиусови степени“ и да се направи сè што е во наша моќ да се „ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 степени“. Освен влијанието на енергетиката (се разбира дека не можеме да ги игнорираме ужасните штети предизвикани од согорувањето на фосилни горива), одговорот е во тоа да овозможиме земјоделството и сите активности поврзани со него да бидат одржливи. Со тоа ќе можеме да ја извојуваме битката против глобалното загревање и да го забрзаме преминот кон поздраво и поправедно општество.