Решително и со забрзан чекор до декарбонизација на опшетството
Д-р Наташа Марковска
Македонска академија на науките и уметностите
Анализите на можностите за намалување на емисиите на стакленички гасови (подготвени од стручен тим од академските институции: Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) при МАНУ, Земјоделски институт, Факултет за земјоделски науки и храна и Шумарски факултет) покажуваат дека со 47 мерки и политики (32 во енергетскиот сектор, 11 во земјоделство, шумарство и промена на користење на земјиштето и 4 во секторот отпад) може да се постгне намалување на емисиите на стакленички гасови во 2030-та година за 82% во однос на нивоата од 1990-тата. И уште повеќе, голем дел од мерките и политики се со негативни трошоци, а тоа, доколку се гледа за цел период од дваесетина години, го прави сценариото за декарбонизација поевтино од сценариото базирано на фосилни горива, како што впрочем е насекаде. Од друга страна, во услови кога домашните резeрви на јаглен се при крај, а нафтата и гасот се увозни енергенти, се чини дека и нема другa опција, односно прашање на време е кога задоволувањето на енергетските потреби ќе биде можно единствено со обновливите извори на енергија во комбинација со енергетската ефикасност.
На меѓународно ниво, и пред здравствената криза, oд Страните на Парискиот договор се бара да одговорат со значително зајакнати придонеси. Пример за зголемена амбиција дава и Европската Комисија која претстави долгорочна стратешка визија за намалување на емисиите на стакленички гасови, со што покажа како Европа може да предводи на патот за постигнување климатска неутралност до средината на векот. Амбицијата на ЕУ треба соодветно да се одрази и во придонесите на земјите аспиранти за членство во ЕУ. Понатаму, енергетската транзиција веќе се случува, и тоа со забрзано темпо – употребата на обновливи извори сè повеќе се зголемува, иако фосилните горива сè уште доминираат, а чистите технологии отвораат многу нови можности и за индустријата и за инвеститорите. Технологијата си го прави своето – и сончевата и ветерната енергија стануваат значително поконкурентни.
Корона-пандемијата го направи овој контекст уште поповолен за декарбонизацијата. Според анализите на Меѓународната агенција за енергетика, побарувачката на јагленот и нафтата значително паѓа, на гасот исто така, иако не толку многу, а обновливите извори се единствените кои доживуваат раст. Бруталната војната околу цената на нафтата го засилува падот на фосилната индустрија и во моментов таа е во борба за преживување. Со еден збор, со COVID-19 светот доби животна шанса од корен да го смени енергетскиот сектор. До нас е, да ја зграпчиме шансата. Колку порано, толку подобро!