Сè уште не е доцна за да започнеме информирана битка против климатските промени!
д-р Драган Арсовски
Македонско еколошко друштво
Нуркачот (птица) дојде невообичаено блиску до охридското пристаниште, делфини се појавија во каналите на Венеција и станаа честа глетка по Хрватското крајбрежје итн. Делумно вести кои влеваат оптимизам, дел лажни вести, дел новинарски сензационализам; НЗС би рекол дека е прашањето: Колку мерките за справување со корона вирусот кои го принудија нашиот вид да остане дома, им ги ослободи инаку засегнатите ниши на другите видови? Наведените примери погоре навидум нудат лесен позитивен одговор, но мора да разграничиме инцидентални опсервации од долгогодишни стандардизирани студии. Во отсуство на вторите не можеме никако да ги разграничиме ефектите на различните фактори. Односно, дали нуркачот се приближил до Охридското крајбрежје поради долготрајното намалено присуство на луѓето, или тоа е можеби резултат на движењето на неговиот плен, или пак струењето на водата дента, или е последица на нивниот комбиниран ефект, или е комплетно случаен настан, или, или, или…? Недостатокот на средства, капацитети, општа мрзеливост и ред други фактори придонеле кон реткоста на долгогодишни студии во нашата држава, па така голем дел од пост-корона опсервациите ќе останат само случајни опсервации, кои пак потхранети од новинарско сензационализирање ќе го обликуваат јавното мислење причинувајќи огромни штети.
Но што е пак со ефектите на глобалните климатски промени по животната средина?
Секако дека во отсуство на податоци од долгогодишни студии немаме начин да го одговориме ни ова и те како значајно прашање. Така, независно од новонастанатата ситуација, приоритет треба да биде финансирањето на научна дејност во форма на квалитетни долгогодишни студии наместо канализирање на нејзините капацитети кон краткотрајни проектни пристапи кои резултираат со нестандардизирани а со тоа и најчесто неискористливи податоци. Велат „трпение-спасение“, а така е и со пронаоѓањето на ефикасни мерки за борба со климатските промени и лажните вести – треба долго време да се собере соодветен квантум на податоци, но стабилни темели нудат и стабилни решенија а процесот помага да се изградат национални капацитети кои пак неминовно би придонеле кон експоненцијален раст на ваквиот тренд.
Доцна е да се утврдат точните ефекти од намалената човечка активност предизвикана од короната, но сè уште не е доцна за да започнеме информирана битка против климатските промени!