fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
turizmot ucestvuva so 8 posto vo emisiite na staklenicki gasovi na globalno nivo se zaklucocite na edna studija 1

Туризмот учествува со 8% во емисиите на стакленички гасови на глобално ниво, се заклучоците на една студија

Daisy Dunne, CarbonBrief, 2018 

Според последното направено истражување, во периодот 2009-2013 година туризмот на светско ниво учествувал со 8% во емисиите на стакленички гасови, со што овој сектор е поголем загадувач од градежната индустрија.

Студијата ги разгледуваше навиките за трошење кои ги имаат патниците во вкупно 160 држави, при што се дојде до сознанија дека влијанието кое го има туризмот на глобалните емисии би можело да биде дури и четири пати поголемо отколку што порано се мислеше.

turizmot ucestvuva so 8 posto vo emisiite na staklenicki gasovi na globalno nivo se zaklucocite na edna studija

Согледувањата исто така упатуваат на тоа дека туризмот би можел да претставува закана за остварување на целите на Парискиот договор, изјави авторот на истражувањето за Карбон Бриф.

Притоа, резултатите можеби се и потценети кога станува збор за вкупниот јаглероден отпечаток на туризмот, изјави еден друг научник за Карбон Бриф, затоа што тие не ги земаат предвид влијанијата на емисиите кои не се јаглерод диоксид а кои потекнуваат од авионската индустрија.

Отпечатокот на туризмот

Секторот туризам на глобално ниво се шири со голема брзина. Поттикнат од намалувањето на цените на авионските билети и од растечката средна класа на глобално ниво, бројот на луѓе на меѓународно ниво кои патуваат за цели на одмор се зголемува помеѓу 3 до 5% годишно.

Новата студија објавена во „Нејчр Клајмет Чејнџ“ истражува на кој начин ваквиот раст на туризмот на глобално ниво влијаел на емисиите на стакленички гасови.

Туристите придонесуваат кон климатските промени на разни начини – патување со авион, со воз и со возило, и со потрошувачка на добри и услуги како што се храна, сместување и сувенири.

За потребите на новата анализа, истражувачите ги зедоа предвид сите овие фактори заедно за да го пресметаат „глобалниот јаглероден отпечаток“, како што објаснува авторот на студијата, д-р. Арунима Малик, инаку предавач по прашања поврзани со одржливоста при Универзитетот во Сиднеј. За Карбон Бриф таа го изјави следново:

„Нашата анализа е сеопфатна и ги зема предвид сите синџири на добавување по горниот тек за да ги изрази во бројки влијанијата кои ги има трошењето на туристите за целите на храна, облека, превоз и угостителство.”

Истражувањето утврди дека, во периодот 2009-2013 година, годишниот јаглероден отпечаток на туризмот се зголеми од 3.9 на 4.5 милијарди тони на CO2 еквивалент.

Оваа бројка е четири пати поголема од претходните проценки и учествува со 8% во емисиите на стакленички гасови на глобално ниво, се вели во истражувањето. Ваквото зголемување во најголем дел е предизвикано од зголемената побарувачка за добра и услуги – отколку од патувањето со авион, заклучува истражувањето.

Сепак, важно е да се потенцира дека студијата не го зема предвид влијание на другите авионски емисии кои не се CO2, вели професорот Штефан Гослинг, инаку истражувач на туристичкиот сектор од Универзитетот Линаеус во Шведска, кој инаку не беше ангажиран во изготвувањето на студијата. Ова значи дека студијата можеби ги потценила вкупните емисии од авијацијата, изјави тој за Карбон Бриф:

„Треба да се потенцира дека ефектите на затоплување предизвикани од авиосообраќајот кои не потекнуваа од CO2 а кои, пресметано за конкретната година, го прават авиосообраќајот двапати или трипати повеќе релевантен од климатски аспект, не се земени предвид во оваа студија“.

Патници и дестинации

Новата студија се повикува на податоци преземени од 160 држави. За секоја од овие држави, истражувачите ги пресметаа вкупните емисии кои се предизвикани од граѓаните на тие држави кога одат на одмор (residence emissions) и кои се предизвикани од туристи кои ја посетуваат државата (destination emissions).

Ако ги погледнеме конкретни резидентните емисии, истражувањето утврдува дека Соединетите Држави имаат најголем јаглероден отпечаток во споредба со секоја друга држави, а по нив следат Кина, Германија и Индија.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека патувањата во рамките на државата учествуваат во најголем дел во резидентните емисии на САД и Кина. Ова најверојатно е одраз на тенденцијата на американските и кинеските граѓани да одат на одмор во својата земја, се вели во истражувањето.

Ако ги погледнеме емисиите кај дестинацијата (просечен јаглероден отпечаток по патник откако тие ќе заминат на одмор), истражувањето утврди дека малите островски држави, како што се Малдиви, Маурициус и Кипар, имаат најголеми меѓународни емисии.

Ова значи дека тоа што луѓето избираат на одат на одмор на овие мали островски држави предизвикува повеќе емисии во споредба со оние кои одат на одмор во рамките на државата. Овие емисии е веројатно дека се поврзани со побарувачката од патувања во приватна режија и луксузни добра и услуги, како што се ресторани од висока класа, хотели и продавници, велат истражувачите.

Резултатите исто така укажуваат дека јаглеродниот отпечаток на туризмот во многу држави, како што се Германија и Нов Зеланд, во прв ред е придвижуван од домашните патувања, вели авторот на студијата, д-р. Ја Јен Сун, виш предавач по туризам на Универзитетот во Квинсленд. Тој за Карбон Бриф изјави:

„Вкупната домашна потрошувачка за патувања е многу поголема во споредба со вкупната дојдовна туристичка потрошувачка во Германија и Нов Зеланд. Ова е мошне често во многу држави – патувањата во рамките на државата и патувањата во други држави веројатно се во сооднос 10:1.”

Поттикнување на јаглеродот

Истражувањето исто така ги пресмета и нето јаглеродните отпечатоци во секоја држава, така што ја зеде предвид разликата помеѓу резидентните и дестинациските емисии. На овој начин се поништува влијанието на патувањата во рамките на државата (домашните патувања) и остатокот е одраз само на патувањата кои ги има на меѓународно ниво.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека луѓето од Канада, Холандија и Данска може да се сметаат за „нето патници“ – ова значи дека нивниот јаглероден отпечаток во други држави значително го надминува истиот таков отпечаток кој други туристи го оставаат во нивната земја.

Од друга страна, луѓето од Малдивите, Сејшелите и Маурициус се „нето домаќини“ – ова значи дека тие поттикнуваат многу поголеми јаглеродни отпечатоци од нивните посетители отколку што тие самите предизвикуваат во странство, се вели во студијата.

Патување со прва класа?

Анализата исто така покажа дека побогатите држави најчесто имаат поголеми отпечатоци од туризмот во споредба со посиромашните.

Околу половина од вкупниот отпечаток од туризмот на глобално ниво, во периодот 2009-2013 година, беше поттикнат од патувања помеѓу државите кои имаат бруто домашен производ (БДП) по глава на жител поголем од 25.000 долари, се констатира во истражувањето. Во Велика Британија, БДП-то по глава на жител е малку од 40.000 долари (29.000 фунти).

Проекциите укажуваат на тоа дека просечниот БДП на светско ниво ќе се зголеми од 10.750 долари годишно (во 2017 година), на 13.210 долари годишно во 2022 година. Како што светот станува сè побогат, јаглеродниот отпечаток од туризмот е веројатно дека и понатаму ќе се зголемува, е еден од заклучоците на истражувањето.

Со користење на моделите за финансиски раст, истражувачите согледаа дека јаглеродниот отпечаток на туризмот би можел да достигне до 5-6.5 милијарди тони на CO2 еквиваленти до 2025 година. Оваа бројка би учествувала со околу 12% во сегашните емисии на стакленички гасови.

Поголемиот дел од овој раст би бил придвижуван од континуираниот економски раст во помалку развиените држави, вели Сун:

„Патувањата во најголем дел се определени од нивоата на приходи а вкупниот излезен број исто така е под влијание на големината на населението. За земјите во развој кај кои има брз економски раст со растечка популација, тие е многу веројатно дека би преминале од нето дестинации во нето земји на потекло (на туристи).”

Погрешните претпоставки во врска со екотуризмот

Еден од заклучоците на новото истражување е дека лицата кои патуваат далеку за да одат на „еко“ одмор всушност предизвикуваат поголема штета врз животната средина отколку што тие мисла, вели Сун:

„Еден главен проблем со екотуризмот е што тој не може да помогне во справувањето со емисиите поврзани со патувањата на далечни дестинации, а кој е клучниот фактор за целокупниот јаглероден отпечаток на туризмот. На пример, посетител од Велика Британија кој лета сè до Индонезија со цел да оди на екотуризам ќе произведе повеќе емисии отколку што би произвело локалното население со користење на домашното патување.

Во таа смисла, еден клучен чекор кон постигнување на туризам со ниско ниво на јалгеродни емисии е да се лета помалку, да се избираат дестинации кои се блиску до дома и да се плаќа за компензирање на емисиите на јаглерод.”

Сун додава дека оние кои ги донесуваат одлуките исто така треба да учествуваат во ограничувањето на растот на глобалниот туризам, веројатно со воведување на јаглероден данок кај меѓународните патувања:

„(Креаторите на политики би требало да ги) поддржат јаглеродните даноци или шеми за тргување со јаглерод, со цел да се поттикне брзината на технолошкиот развој на авионските индустрии и на другите транспортните сектори.”

Париз во опасност

Резултатите упатуваат на тоа дека туризмот би можел да претставува закана за остварување на климатските цели од Париз – е констатација на научниците содржана во истражувањето:

„Најмалку 15% од глобалните емисии предизвикани од туризмот во моментов не се цел на задолжителни намалувања, како емисии на меѓународниот авиопревоз, а користењето на контејнери за транспорт е нешто што е исто така исклучено од Парискиот договор. Освен тоа, Соединетите Држави, инаку најголем извор на емисии од туризам, не го поддржуваат Договорот.”

Воведувањето на построги регулативи за авиопревоз и карго транспортот би можело да биде клучно за справување со емисиите предизвикани од туризмот, вели Сан:

“(Креаторите на политики би требало да ги) инкорпорираат емисиите од меѓународниот авио превоз и карго транспортот во целите, како што се оние кои неодамна беа изготвени согласно Парискиот договор.”

Во 2016 година, вкупно 161 држава се согласија да воведат граници на нивните емисии на CO2 предизвикани од авионскиот превоз, кои ќе бидат еднакви со нивоата од 2020 година а неодамна државите исто така се договорија да ги намалат емисиите од карго транспорт за 50% до 2050 година, во споредба со нивоата од 2008 година.

Сподели