fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
gubenjeto na dojranskiot biser featured

Загубениот ендемит на Дојран, Graecoanatolica macedonica – бисер на езерото или засекогаш исчезнат вид?

Губењето на еден дојрански бисер

gubenjeto na dojranskiot biser 2

Слатководниот полжав Graecoanatolica macedonica претставува ендемит за Дојранското езеро, прв пат пронајден и опишан од локалитетот Калдрма во 1977 година на македонската страна од езерото. Со своите необично мали димензии од само неколку милиметри, овој дојрански ендемит се крие меѓу зрнцата од песокливото дно на плитките делови од езерото.

За жал, еколошката катастрофа која го погоди езерото во осумдесетите години на минатиот век остави значајни последици врз овој вид. Со намалувањето на водостојот природните живеалишта на видот останале без вода, па неговите некогаш густи популации се претвориле во само уште еден библиографски податок запишан во научната литература. Присуството на видот не било нотирано повеќе од две децении и осиромашената фауна на Дојранското Езеро загубила еден скапоцен ендемит.

Како одамна заборавен, овој слатководен полжав е пречкртан од списокот на видови на планетата Земја, а во прилог на оваа констатација говорат податоците од Глобалната Црвена Листа на видови под закана (IUCN Red List of Threatened Species) која овој ендемит го класифицира како исчезнат.

gubenjeto na dojranskiot biser 3

Нова надеж

gubenjeto na dojranskiot biser 4

Природата секогаш го наоѓа својот начин да го приреди невозможното, а изгледа дека и Дојранското Езеро не сака да го напушти епитетот жешка точка на биодиверзиет во Медитеранот и се бори да го задржи својот ендемичен бисер. Така, во 2015 година во рамки на научен проект имплементиран од Регионалниот Центар за Животна Средина, проф. д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ заедно со група студенти од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје успева да нотира празни черупки на G. macedonica. Иако сè уште се смета за исчезнат, ова ново откритие влеја нова надеж за можноста дел од популациите на овој ендемит да ги преживеале неповолните услови адаптирајќи се на нови живеалишта.

Помислата дека некој вид кој со години се смета за исчезнат од мапата на светот всушност сè уште ползи по дното на нашето најмало природно езеро носи посебен бран на возбуда и љубопитност. Љубопитноста отвора нови прозорци низ кои влегуваат безрбој прашања: Навистина ли сè уште го има во езерото? На кои локалитети е распространет? Со каква бројност се карактеризираат неговите популации? Одговорот на многу од нив го содржат најновите истражувања во рамки на научниот проект реализиран преку Геотехнички Инженеринг – Скопје (ГТИ), а подржан од Critical Ecosystem Partnership Fund.

Деталните истражувања на живиот свет од дното на Дојранското езеро спроведени во текот на летните месеци оваа година го утврдија присуството на добро сочувани популации на G. macedonica на неколку локалитети во и по Стар Дојран, на различни длабочини од 2.5, 3 и 3.5 метри. Иако според експертската проценка на водечкиот експерт за биодиверзитет во проектот, проф. д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ, деталната лабораториска анализа и проверка на вијабилноста на колекционираните единки претстои пред нас, овие нови сознанија се од огромна важност не само за биодиверзитетот на Дојранското Езеро, туку и за биодиверзитетот на целата земја.

Дојранскиот ендемит G. macedonica за спас на езерото

Дојранското Езеро веќе неколку децении наназад се труди да се справи со тешките удари кои му ги задава најнеправедниот вид во природата – човекот. Од неконтролираното губење на вода преку неправилното порибување, па сè до модернизацијата на езерското крабрежје кое во суштина претставува менување на морфологијата на езерскиот басен, езерото е изложено на епизоди притисоци кои се чини дека немаат крај. Повторното наоѓање на ендемичниот слатководен полжав кој се сметаше за исчезнат претставува втора шанса подобро да размислиме како ќе се однесуваме кон езерото. Знаењата за точните локалитети на распространување на овој дојрански бисер ќе придонесат во дезигнирањето на зони на заштита во езерото, неопходни за зачувување на неговите природните микроживеалишта. Нивното зачувување ќе значи одржување на популациите на овој дојрански ендемит и заштита на неговата биоразновидност…која се чини како единствен спас за езерото.

gubenjeto na dojranskiot biser 5

Си велиме дека сме свесни за природните богатства на нашата земја, но честопати забораваме вистински да ги цениме. Мислиме дека го имаме запознаено природното наследство, но немаме вистински план што да правиме со него…а треба само да го зачуваме.

Aвтор: Јелена Хиниќ

Јелена Хиниќ е родена на 20.04.1994 година во Скопје. По завршување на основното и средното образование, во 2012 година се запишува на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на насоката молекуларна биологија. Во 2016 година дипломира и веднаш се запишува на постдипломски студии по екологија и таксономија. Истите ги завршува во 2020 со одбрана на магистерската теза, по што се здобива со научно звање магистер на биолошки науки. Во моментов работи како демонстратор и истражувач на Природно-математичкиот факултет и воедно ги започнува своите докторски студии.

Сподели