fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
skijachki centri zaludni investicii vo makedonija featured

Скијачки центри – залудни инвестиции во Македонија

  • Најновата инвестиција се најавува за Попова Шапка од италијански инвеститор кој тука сака да изгради скијачки центар.
  • Во време кога се алармира на влијанијата од климатските промени со пораст на температурите и намалување на врнежите тешко е да се најде објаснување зошто би се инвестирало во оваа скапа индустрија.
  • Ова е прва по речиси 70 години, на Попова Шапка и Маврово да нема снег во декември.
  • Во опкружување со веќе развиени скијачки центри во регионот, друг предизвик е финансиската исплатливост од ваква инвестиција.
  • Долга е и листата на опасности од неповратно уништување на природата од плановите за изградба на вакви центри за масовен туризам.

Острови од вештачки снег опкружени со зелена трева – ова е сликата од Светскиот куп во скијање во Аделбоден, Швајцарија годинава. Европа преживеа топлотен бран в зима, а климатската криза предизвика и снежна криза.

Научниците кои се занимаваат со метеорологија и климатологија,  пред многу децении предупредија на овие случувања уште на Првата светска конференција за клима во седумдесетите години на минатиот век.

Оттогаш следуваа години на интензивни глобални набљудувања, мерења и истражувања кои се’ попрецизно докажуваа и алармираа за глобалното затоплување и можните последици од тоа.

Денес промените на климата се научен факт, а нивните последици се видливи.

Затворена жичарница.

Климатската криза предизвика снежна криза

Прва на удар на климатските промени е ски-индустријата. Вообичаена мерка за прилагодување кон оваа криза каде имаме повисоки температури за 1,2 Целзиусови степени се вештачки снег, кој се распространува со тнр. топови или се транспортира со камиони и хеликоптери до скијачките патеки.

И цената за добивање на вештачкиот снег воопшто не е за потценување. За да функционира една просечна скијачка патека на вештачки снег, на пример, потребни се во просек 20 илјади кубни метри вода.

Но, никој не кажува како планинските заедници ќе се прилагодат на температури повисоки за 2,8°C. Глобалните енергетски политики не покажуваат дека некој сериозно размислува на оваа тема.

Единствениот начин да се спасат планинските заедници и екосистеми е откажување од фосилните горива. Факт е дека ова не се случува и којзнае дали воопшто некогаш ќе се случи: Ако COP27 заврши без договорени нови обврски за ублажување, тешко е да се надеваме на поинаков исход од следниот самит, чиј домаќин се Обединетите арапски емирати – земја нафтен гигант, а султанот Ал Џабер, извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби, е назначен за претседател на COP28, кој треба да ги води преговорите за откажување од нафта, јаглен и гас!

Секоја година најава за нова инвестиција

Информациите за климатските промени и последиците од нив не допираат до македонските власти. Од 2018 година, тие се убедени дека домашните планини се „мека“ за изградба на ски центри. А она што ни се случува е всушност што секоја година се најавува инвестиција на различна планина од претходната, но се` завршува само на помалку или повеќе скапа физибилити студија.

Иако за да се направи план за изградба на ски-центар, би требало да се консултира и Управата за хидрометеоролошки работи, потенцијалните инвеститори кои речиси секогаш се странци, никогаш не побарале податоци од македонските институции.

Годинава на маса е план за ски-центар на Попова Шапка. На прес-конференција, помпезно е најавено оти италијанската фирма „ТехноАлпин“ од Болцано, специјализирана за системи за вештачки снег со што Попова Шапка би прераснала во реномиран ски-центар.

skijachki centri zaludni investicii vo makedonija 2

Министерот Нуредини лани на прес-конференцијата го најави проектот за Попова Шапка (Извор: Влада)

Планот е да се реновираат постојните капацитети, да се постави систем за правење снег, да се прошири скијачката зона со нови објекти и патеки, но и да се реновираат и да прошират постојните хотели и да се изградат нови. Надлежните најавуваат изградба на асфалтирани паркиралишта, велосипедски патеки и други рекреативни активности, со што овој центар ќе добие можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

Овој предлог е прифатен на владина седница одржана на 24.11. 2022 година.

Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности, но и да обезбедиме развој. Оваа компанија по направеното истражување понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка кој се карактеризира со модернизација на постоечката ски-зона и нејзино територијално проширување, подобрување на примарната инфраструктура и туристичко сместувачката дејност“, рече министерот за животна средина, Насер Нуредини на прес-конференцијата одржана на 19 декември лани.

Може ли ваквиот план да успее? Колку може да се профитира од скијалишта во време кога температурата расте?

Според извештаите на Меѓувладиниот Панел за климатски промени долгорочните прогнози за оваа зима ни дадоа сигнал за потопла зима со температури на воздухот над просекот и врнежи под повеќегодишниот просек.

Од УХМР велат дека сите параметри укажуваат оти живееме топла зима.

Што вели статистиката од претходните години?

Според УХМР, последниот декември (2022) нема забележано снежна покривка. На Попова Шапка ова е прва година во историските мерења од 1950-тите години кога не е регистрирана снежна покривка во декември. На Маврово ваква состојба е забележана во далечната 1958 година.

Метеоролошка станица МАВРОВО (н.в.1281m)
Максимална височина на снежeн покривач во декември месец (cm)
picture2

Речиси 70 години не е регистриран декември на Маврово без снег

Во јануари секоја година има снежна покривка, а и годинава нема да има отстапки. Досега е забележано околу 60 см снег на Попова Шапка (на надморска висина од 1.779 m), додека на Маврови Анови (надморска висина -1.281m) околу 10см. Според историските податоци, максималната снежна покривка од 200 сантиметри е измерена во јануари 2006 година на Попова Шапка.

Досегашните истражувања на УХМР, во рамките на Третиот национален извештај за климатски промени ги покажуваат најверојатните сценарија за прoмените на температурата  на воздухот и врнежите на нашата држава. Сценарија се направени по сезони и на годишно ниво (2025, 2050, 2075 и 2100). Проекциите до 2100 покажуваат зголемување на температурата на воздухот до 4%, а намалување на врнежите и до 19%. Во рамки на Четвртиот национален извештај за климатски промени прикажана е веројатноста на зголемување на екстремните промени.

Тоа би значело дека регионот на Југоисточна Европа, а со тоа и во нашата држава ќе дојде до зголемување на просечните температури на воздухот, промени во режимот на врнежите и интензивирање на екстремните временски промени.

Како може најдобро да се профитира од македонските планини

skijachki centri zaludni investicii vo makedonija 4

Имаме пет скијачки центри во кои не се вложува

Во Македонија постојат пет скијачки центри. Во нив, речиси и да не се вложува воопшто. Но, во Стратегијата за заштита на природата, повисоките планини, особено оние над 2.000 метри, се ставени како мошне атрактивни, вредни предели од научен, но и од туристички аспект, со исклучок на масовниот туризам.

ivica milevski 200x250 1„Изградба на вистински скијачки центар е голема инвестиција, од една страна, од друга страна неопходна е многу добра студија за да се види дали тој навистина ќе функционира. Ние имавме една таква пропадната инвестиција со скијачкиот центар Кожуф. Од икс причини и од пробивање на патишта низ несоодветен терен и од сите проблеми кои следуваа подоцна и така натаму, меѓутоа, денеска е актуелно и нешто друго, тоа е проблемот со, или да кажам тенденцијата на климатските промени на се` помала количина на снег на планините кај нас, или пак на се` пократко задржување на снегот. Така што многу е проблематично прашањето дали вреди да се гради скијачки центар за времетраење, за некоја скијачка сезона на пример од еден до еден ипол месец. Сепак треба да има одредена длабочина на снег, патеки соодветни, да има целосна инфраструктура што следува, зафати за вода доколку се потребни топови за вештачки снег и така натаму и така натаму“, вели професорот Ивица Милевски.

Но, за да никне голем и атрактивен туристички центар за скијање, претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески вели дека ќе мора да се потрошат многу пари и да се направат десетина средни хотели кои ќе го задоволат капацитетот. Тоа значи сечење на дрвја, гребење на горниот слој на почвата со булдожери, нешто што е спротивно на заложбите за спречување на неповратните уништувања.

krste blazheski 200x250 1„Сега треба да се работи како да се спаси таа планина. Гледаме од година в година сите тие поројни дождови што прават на тој регион таму, пошумувањето е далеку од тоа што било пред 30 години“, истакнува Блажевски.

Плановите за инвестиција во скијалиште ги следат светските трендови, а спасот се гледа во вештачкиот снег. Дури и да се замиже пред цената која треба да се плати за тоа, вештачкиот снег ќе ни купи малку време во услови на климатски промени. Но, ова е голема криза која бара гломазен одговор – брзо намалување на емисиите на јаглерод. Друг начин барем засега во светот нема.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Марјан Петковски и Тони Стојановски
Монтажер: Ристе Душковски

Поврзани стории:

Нови ски-центри може да ги уништат Јабланица, Јакупица и Бушова планина
Чуму нови ски центри (2): Попова Шапка се уништува
Чуму нови ски центри (1): Кожуф пропаѓа
Наместо модерен ски-центар рудници на планината Кожуф