- Со новите измени на Законот за урбанистичко планирање се олеснува трансформацијата на земјоделското земјиште во градежно, дозволувајќи изградба на ветерници и фотоволтаици.
- Измените на законот беа донесени по скратена постапка, без јавна дебата, што дополнително го зголеми сомнежот за нивната оправданост и потенцијалните последици врз земјоделството и животната средина.
- Екологистите бараа претседателката Сиљановска-Давкова да не ги потпише измените, но таа не го послуша повикот.
- Во услови на растечки цени на храната и зголемена зависност од увоз, екологистите и синдикатите предупредуваат дека оваа политика дополнително ќе го намали обработливото земјиште и ќе ја загрози аграрната стабилност.
- Додека предлагачите тврдат дека законот ќе ослободи узурпирано земјиште и ќе овозможи контрола врз енергетските инвестиции, критичарите предупредуваат дека тоа ќе доведе до монополизација на производството на енергија и неповратно уништување на плодните површини.
Во време кога расте зависноста на Македонија од увоз на храна, кога цените одат нагоре и секојдневно уриваат рекорди, a граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се олеснија условите за пренамена на земјоделското земјиште во градежно. Ова е предвидено со последните измени на Законот за урбанистичко планирање кои ги донесе Собранието, а ги поднесоа неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Со нив практично се олеснуваат условите за изградба на ветерници и фотоволтаици преку продолжување на роковите и полесна трансформација на земјоделското земјиште во градежно, иако предлагачите образложуваат дека идејата е да реши состојбата со непочнувањето на изградба на ваквите енергетски капацитети во услови на зголемен број барања за градба.
„Бидејќи нема донесено Просторен план кој соодветствува со фактичката ситуација, се појавува потребата за подобро регулирање на експанзијата на барањата, односно изработката на урбанистички планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаици, а пред сѐ поради затекнатата состојба со непочнувањето со изградба на овој вид на градби, пред сѐ на државно земјиште, во која смисла се појавува потребата од ограничување на важењето на условите за планирање на просторот кои се однесуваат на изработка на планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаици.“, се наведува во образложението на Предлогот за измени на Законот за урбанистичко планирање.

Екологистите веднаш лоцираа неколку спорни точки кои ќе овозможат да никнат ветерници и фотоволтаици онаму каде што треба да се одгледува храна која насушно ни е потребна. На пример, урбанистички план и урбанистичко-планска документација за парцела, за која има согласност за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, но нема одобрение за градење и не се започнало со изградба до крајот на 2016 година, ќе важат доколку се обезбеди одобрение за градење до 18.2.2030 наместо до 2025 година. Ова значи дека потенцијалните инвеститори добиваат плус пет години, па може да се случи и за повеќедецениски стар план да се добие одобрение за градба во 2030 година. Со дел од одредбите, пак, се олеснува трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, односно, се ограничуваат можностите под одредени услови, ова земјиште може да го задржи статусот на земјоделско.
Прашања на кои не добивме одговор од Министерството за земјоделство
1. Какво е мислењето на МЗШВ за последните законски измени?
2. Дали во услови на раст на цените на храната е оправдано да се поставуваат фотоволтаици и ветерници на земјоделско земјиште?
3. Зошто воопшто се дозволува нивно поставување на земјоделско земјиште, какви заштити на земјоделско земјиште се предвидени, каде смее, а каде не смее да се поставуваат фотоволтаици и ветерници?
4. Зошто заштитата на земјоделското земјиште од трансформација во градежно е одложена за 2026 година?
Сиљановска-Давкова не ги послуша екологистите да не ги потпишува измените
Законските измени го вклучија алармот кај екологистите, кои предупредија дека уништувањето плодно земјоделско земјиште за поставување фотоволтаици и ветерници е погубна политика за Македонија, бидејќи земјава се соочува со пад на домашното производство и висока зависност од увоз на храна. Од Зелен хуман град побараа, но претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го послуша повикот да не става потпис на решението. Со ова, според ЗХГ, шефицата на државата го отворила патот за неповратно уништување на плодно земјоделско земјиште за изградба на фотонапонски централи и ветерници. Оттаму предупредуваат и дека сега, одобрувањето на урбанистичките проекти за централи и ветерници кои се од „стратешки интерес“ стана дискреционо право на министерот за транспорт и врски.
„Министерот за земјоделство пред неколку месеци тврдеше дека нема да дозволи поставување на фотоволтаични централи и ветерници на плодно земјиште, а сега го направија сосема спротивното од тоа што го ветуваа, односно, сега ќе можат да се поставуваат сите тие фотоволтаични системи и на плодно земјиште што е креирање на нови монополи, односно, повторно производството на енергија повторно оди во рацете на моќници наместо самите граѓани да можат да произведуваат електрична енергија“, вели Марјан Калевски од Зелен хуман град.
Од О2 Иницијатива алармираат дека за кус рок повторно се донесени измени на овој закон, кои, не само што нема да го заштитат плодното земјоделско земјиште како извор на храна, нешто што веќе се пролонгираше до 2026 година, туку го олеснуваат процесот за трансформација во градежно земјиште за изградба на фотоволтаици и ветерници.
„Една парцела каде што се пренаменува земјоделско земјиште во градежно, сега излегува дека до 2030 може да добие одобрение за градење, а на пример планот е донесен во 2009 година за фотоволтаици. И, сега за таа парцела има 20 години рок да добие одобрение за градење. Има и измена со која некако се солидифицира тоа земјоделско земјиште каде што се градат проекти од државно или локално значење, да во целиот плански опфат биде градежно земјиште што досега не беше така. Тие се забелешките кои ние ги имаме за предложените измени“, вели Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
И од партијата ДОМ жестоко реагираа на овие измени, нарекувајќи ги кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството.
„Оваа одлука е погрешна и штетна. Наместо да се користат веќе деградирани површини, индустриски зони и покриви на објекти, властите легализираат уништување на плодни полиња. Ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството“, реагираат од ДОМ.
За активистите е спорно и што измените на законот се туркаа далеку од очите на јавноста наместо да се отворат стручни расправи и конечно да се забрани изградба на вакви објекти на најквалитетното земјоделско земјиште, бидејќи државава мора да го зголеми домашното производство на храна за да може да се бори со инфлацијата, поттикната од надворешни фактори. И ЗХГ и О2 Иницијатива порачуваат дека измени што се носат во скратени постапки и зад затворени врати не можат да бидат во корист на граѓаните, дотолку повеќе што законот досега над 30 пати е менуван.
„Повторно имаме менување закон по скратена постапка. Ние сме против менување на ваков на начин на овој значаен закон што ги засега сите граѓаните, а Законот за урбанистичко планирање излегува како закон што се менува по потреба, на секој шест месеци, смени еднаш, смени вторпат и сѐ по скратена постапка. Сметаме дека колку и да се мали тие промени во смисла на количинско менување на членови на закони, тие можат да бидат многу големи во однос на ефектите што ќе ги предизвикаат и потребни се јавни расправи и консултации со разни чинители“, вели Чакулев.
Со измените се брише делот каде што се вели дека земјиштето, опфатено со проектниот опфат на урбанистички проекти за поединечни градби и инфраструктури од државно и локално значење вон населени места и вон опфат на урбанистички планови на земјоделско, шумско и друго земјиште, крајбрежни појаси и други простори за коишто не постојат услови и/или економска оправданост за донесување урбанистички план, а постои соодветен или некатегоризиран сообраќаен пристап, го задржува статусот на земјоделско, шумско или друго земјиште што го имало и пред одобрувањето на урбанистичкиот проект. Тоа, според О2 Иницијатива значи дека земјоделското земјиште неповратно станува градежно.
Молкот на Трипуновски
Првиот човек на АГРО синдикатот при ССМ, Игор Китаноски предупредува дека квалитетното земјоделско земјиште е ограничен ресурс кој е неопходен за производство на храна, и оти поставувањето ветерници и фотоволтаици го намалува потенцијалот за земјоделска продукција.

Тој смета дека е потребна законска заштита од трансформација на квалитетното земјоделско земјиште во градежно, а ако идејата е да се поставуваат фотоволтаици и ветерници, тоа да се прави плански, на деградирани земјишта или на земјишта со помала плодност за да се минимизираат негативните ефекти. Китаноски гледа неколку спорни аспекти во донесените законски измени.
„Овие измени можат да доведат до неколку проблеми за земјоделците: намалување на обработливото земјиште, а со тоа и намалување на земјоделската продукција во државата, може да настанат потенцијални конфликти помеѓу земјоделците и инвеститорите на тие енергетски проекти, можност за деградација на земјиштето и губење на традиционалните земјоделски култури по кои е позната Македонија, а тука може да настане и притисок врз земјоделците за продажба на земјиште под неповолни услови, односно по многу пониски цени од вредноста на самото земјиште. Во услови на глобално намалување на производството на храна е потребно да се направи балансиран пристап помеѓу енергетските и аграрните потреби, односно потребите од производството на храна. Квалитетното земјоделското земјиште треба исклучиво да се користи за производство на храна. Еден од начините е да се фокусираат на иновативни и одржливи методи за производство на енергија, кои нема да штетат и нема да го намалат квалитетното земјоделско производство. Во услови на намалување на самото земјоделско производство, нам ни е потребна темелна аграрна реформа, бидејќи ние како држава станавме зависници од увоз на храна“, објаснува претседателот на АГРО Синдикатот, Игор Китаноски.
Ниту министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, ниту Министерството што го предводи не одговорија на прашањата на Само прашај – каков е нивниот став за последните измени, дали е оправдано фотоволтаици и ветерници да се поставуваат на земјоделско земјиште и како ќе го заштитат земјоделското земјиште од трансформација во градежно.
Предлагачите се претставуваат како заштитници на земјоделското земјиште
И додека екологистите и земјоделците го критикуваат решението, предлагачите тврдат дека целта е сосема спротивна, односно, идејата е да се ослободи земјоделското земјиште на оние места каде што инвеститорот не започнал со градба.
„Законот оди во насока да тоа земјоделско земјиште биде ослободено доколку тој којшто е инвеститор и добил можност да изгради фотоволтаици во одреден временски период, а не ги изградил, тогаш да му се одземе правото тоа земјиште да го задржува, односно узурпира. За да изградите фотонапонски централи или панели треба да добиете потврда од МЕПСО дека ќе можете да се вклучите на системот за пренос на електрична енергија. Такви, не знам зошто и тоа треба да го провери Обвинителството, има дадено многу повеќе отколку системот има капацитет. Ние во државава имаме случаи да огромни површини на плодно земјоделско земјиште се дадени на инвеститори во фотонапонски централи кои во моментов не ги градат и го узурпираат тоа земјиште од прва категорија. Ние им даваме можност на одговорните институции, доколку во одреден временски период не започне изградбата, да се одземе правото и тоа земјоделско земјиште да биде ослободено за обработка. Тоа е суштината на Законот за урбанистичко планирање“, вели пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според подносителите измените се направени за да се дорегулираат односите.
„Предложените измени и дополнувања нема да предизвикаат дополнителни последици, освен што ќе се регулира моменталната експанзија на изработка на урбанистички планови и проекти за изградба на ветерници и фото-напонски панели, да соодветствува на вистинската потреба од нивна изградба.“, наведуваат тие во образложението со кое ги предложија измените.
Растот на цените на храната предизвика бојкоти на купување храна во маркетите во Македонија, по примерот на Хрватска. Се носеа мерки за замрзнување цени или за ограничени маржи, но, долгорочното решение е зголемувањето на домашното производство на храна. Отворањето простор за пренамена на земјоделско земјиште во градежно е сигурен рецепт да станеме заложник на скапа увозна храна.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории:
Македонија, Србија, БиХ – колку е валкана „чистата енергија“?