fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ke se zgolemi li proizvodstvoto na struja od obnovlivite izvori intro

Ќе се зголеми ли производството на струја од обновливите извори на енергија?

м-р Соња Ристеска

Производството на струја од обновливите извори на енергија е далеку зад термоцентралите и големите хидроцентрали, како и од увозот на струја за кој Македонија секоја година издвојува милиони евра. Обновливите извори, пак, од година во година растат – сончевата енергија ја има во изобилство, паѓа цената на производството и има огромен интерес за нивно искористување. Што прави Владата?

sonja risteska 200x250Не е тајна дека во Македонија обновливите извори на енергија, како сончевата или ветерната, се далеку од оптимално искористени. Македонското производство на електрична енергија генерално се потпира на систем формиран во поранешната Југославија, една до две големи термоцентрали на лигнит чијашто главна цел е да ја помагаат тешката и црната индустрија, како и дополнителните големи хидроцентрали. За жал, ваквиот начин на централизирано производство се` уште преовладува, засега без поголеми планови за негова замена со поодржливи начини на производство на енергија коишто одговараат на потребите на граѓаните и модерното општество. Па така, во зависност, на пример, од водостојот во Македонија, производството на електрична енергија варира од 70 отсто од РЕК Битола до околу 30 отсто од хидроелектраните.

Слика: Производството т.е. потрошувачката на електричната енергија во 2016proizvodstvoto potrosuvackata na elektricnata energija vo 2016Извор: Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија

До 2017 година, единствен начин кој постоеше за поттикнување на производство на енергија од обновливи извори (ОИЕ) беа повластените тарифи. Повластените тарифи се мерки за поддршка на нови технологии и производство на електрична енергија кадешто по одредена загарантирана цена на период од 15 или 20 години му се исплаќа производството на инвеститорот од тој обновлив извор и му се гарантира откупот на таа струја. Додека не се усвои новиот Закон за енергетика, со којшто се инкорпорира Третиот енергетски пакет од ЕУ легислативата во македонското законодавството, важат старите прописи за повластени произведувачи кои што ги уредува Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (РКЕ).

Заклучно со 31 декември 2016, вкупниот инсталиран капацитет на повластените производители изнесува 120,399 MW. 64 повластени производители на електрична енергија биле од мали хидроцентрали (со вкупна моќност од 60,88 МW), а 40 мали хидроелектроцентрали (со моќност од 39,370 МW), за кои се издадени решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител, во фаза се на изградба и се очекува тие да бидат пуштени во употреба оваа година. Понатаму, регистрирани се 102 повластени производители од фотонапонски централи чијшто вкупен инсталиран капацитет изнесува 16,713 МW. Ветерниот парк Богданци, каде што засега единствено се произведува електрична енергија од ветер, е со прва фаза инсталиран капацитет од 36,8 МW, додека преостанатата моќност на централата од 13,2 МW (втора фаза) е во фаза на изградба и се очекува да биде пуштена во употреба во 2018 година. Вкупниот инсталиран капацитет на три повластени производители на електрична енергија од термоелектроцентрали на биогас изнесува 5,999 МW, а преостанатата моќност на една термоелектроцентрала на биогас од наведените три со моќност од 1 МW е во фаза на изградба (трета фаза). Три термоелектроцентрали на биомаса со моќност од 2,20 МW, за кои се издадени решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител, се во фаза на изградба.

Новини во енергетските политики на Македонија

Од сето ова се гледа дека најмногу производство има од сончеви централи, што е секако за поздравување, но погоре беше сликовито прикажано дека сепак производството од ОИЕ е далеку зад термоцентралите и големите хидроцентрали, како и од увозот на струја за кој Македонија секоја година издвојува милиони евра. Оттука е важно да се види што ќе прави државата во иднина за поголема промоција, но и искористеност на обновливите извори коишто од година во година растат, опаѓа цената на производството, некои ги има во изобилство (сончевата енергија) и има огромен интерес за нивно искористување.

Во новопредложениот Закон за енергетика освен повластените тарифи се воведува една новина т.н. премија. Според предлог-законот, премија „е форма на финансиска поддршка којашто се доделува на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори како дополнителен износ на цената која ја остварил со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија.“ Со предлог-законот не се утврдува за кои точно технологии, капацитети и под кои услови ќе се доделува оваа премија, туку тоа го остава на Владата, со тоа што таа се задолжува да донесе уредба за мерки за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија. За разлика од повластените тарифи за коишто имаше квоти кои треба да се исполнат, „повластениот производител кој користи премија се избира, а износот на премијата се определува преку спроведување тендерска постапка за доделување право за користење премии за повластени производители, која вклучува и аукција“ (член 185).

Другата опција којашто се овозможува со новиот предлог-закон, е продолжувањето на користењето на повластените тарифи. РКЕ треба да донесе правилник за повластени производители кои користат повластена тарифа со кој подетално ќе се уреди како ќе се издаваат овие повластени статуси на производителите од обновливи. Досега, со повластените тарифи се гарантираше откупот на произведената струја и тоа беше вкалкулирано во сметките на крајните потрошувачи. Со премијата, идејата е да се поддржува производството на електрична енергија, но тоа да е конкурентно и да не се покриваат трошоците за изградба и работење, туку само да биде дополување на она што се продава.

Како точно ќе функционира сето ова во реалноста, не е познато. Премиите и повластените тарифи ќе бидат пропишани од сосем различни органи (првите од Владата, а вторите од РКЕ). Дали можеби ќе има некаков судир, како тие ќе бидат распределени и кои правила за кои обновливи извори ќе важат, останува да се види.

Со новиот предлог-закон се оди кон тоа да се даде само рамката, а генерално, деталните уредувања се оставени за подзаконските акти, уредби и правилници. Ова може, но и не мора да се покаже како добар модел. ОИЕ имаат тенденција на брзи промени во технологиите, цените и напредокот на светските пазари, додека законите доста бавно се менуваат. Оттука е позитивно што нивното регулирање е оставено во акти кои полесно се менуваат. Од друга страна, пак, за подзаконските акти, органите коишто ги носат немаат никаква обврска да консултираат поширока јавност ниту да ги носат во една транспарентна средина каде што повеќе страни ќе можат да дадат придонес. Познавајќи ја затвореноста на македонските институции дури и при правењето закони, останува прашањето колку од овие уредби и правилници навистина ќе го таргетираат правилниот развој на обновливите извори на енергија во Македоиија.

Повластена тарифа или премија, што е подобар избор за Македонија?

Повластена тарифа е политика за поддршка на развојот на нови чисти технологии за производство на електрична енергија од обновливи извори, нудејќи долгорочни договори за купопродажба на таа електрична енергија без разлика на тоа како се развиваат технологиите и која е цената на пазарот на електрична енергија произведена од конкретниот обновлив извор.

Кај политиките со премии се нуди надоместок над просечната пазарна цена на електричната енергија, што ги разликува од повластените тарифи, каде што се плаќа фиксна цена утвредена однапред, независно која е пазарната цена на таа електрична енергија. Какво ќе биде исплаќањето на премиите зависи од пазарната цена на електричната енергија. Плаќањето на премијата може да биде дизајнирано за да се постигнат две цели: 1) да се истакнат еколошките и/или општествените бенефити од производството од обновливи извори, или 2) за подобро пресметување на трошоците за производство од ОИЕ. Во политиките на премиум-цени, произведената електрична енергија од ОИЕ обично се продава на „спот“ пазарите на електрична енергија, а производителите добиваат премија над пазарната цена за струјата која ја продале. Ова е спротивно на пристапот со фиксни цени, каде што гаранцијата за откуп вообичаено е вклучена во пресметките и го држат производството од ОИЕ одвоено од динамиката на „спот“ пазарите.

Со која опција ќе успее да се развие пазарот на ОИЕ во Македонија е прашање коешто ќе може да се одговори дури откако Владата ќе донесе уредба за поддршка на производството од обновливи извори и дури откако таа ќе профункционира во реалноста.

Генерално, проблем е откупот којшто со новиот предлог-закон не се гарантира на произведувачите од ОИЕ коишто би добивале премии, а се гарантира на тие кои би добивале повластени тарифи. Со тоа може да се создаде нефер конкуренција помеѓу различните извори на ОИЕ и преферирање да се инвестира во оние кои подлежат на повластени тарифи, иако можеби условите за производство се подобри кај тие што спаѓаат под премиите.

Инаку, повластените тарифи полека се напуштаат во ЕУ поради критиките за нереалното зголемување на цената за крајните потрошувачи и за нереалното чинење на самото производство со оглед на тоа дека цената на материјалите паѓа од година во година. Развиените соларни пазари како Германија, Јапонија и Обединетото Кралство користат конкурентни набавки како механизам за ограничување на пазарот за да ги редуцираат буџетските дефицити предизвикани од субвенциите (повластените тарифи – забелешка на авторот), заситувањето на пазарот, ограничувањата и проблемите со балансирањето на мрежата како и високите трошоци.

Искуства од земјите во ЕУ

Оттука, Македонија како земја којашто е на самиот почеток од енергетската транзиција треба да изнајде повеќе начини за поддршка на производството на електрична енергија без да го наруши пазарот на електрична енергија. Пример којшто може да се разгледа е италијанскиот, каде што постојат дури 6 механизми за поддршка на производство на електрична енергија од ОИЕ и тоа:

  1. Повластена тарифа I. Сите постројки за ОИЕ, со исклучок на фотонапонските електроцентрали, со инсталиран капацитет од 1 kW до 0,5 MW имаат право да ја изберат повластената тарифа I како алтернатива на премиум тарифата.
  2. Премиум тарифа. Сите постројки за ОИЕ, со исклучок на фотонапонските електроцентрали, со инсталиран капацитет од 1 kW до 5 MW, можат да аплицират за оваа премиум тарифа. Централите со инсталирана моќност помеѓу 1 kW и 0,5 MW имаат право да ја изберат опцијата за повластената тарифа I како замена за премиум тарифата.
  3. Тендери. Сите постројки за ОИЕ кои се надвор од одреден капацитет, со исклучок на фотонапонските електроцентрали, можат да добијат стимулации во форма на премиум тарифа по поминување на тендерска процедура. Овој систем е алтернативен за секој друг државен поттик.
  4. Повластена тарифа II. Фотоволтаичните инсталации се промовираат преку гарантирана исплата чијшто назив на италијански е “ritiro dedicato„ (загарантирана исплата).
  5. Нет-метеринг. Заинтересираните страни можат да користат и мрежно мерење.
  6. Механизми за даночна регулација. Фотоволтаични и ветерни електрани имаат право на намален ДДВ од 10 отсто (наместо 20 отсто). Оваа даночна корист се однесува на претпријатија, професионалци и приватни лица.

Во Данска, пак, како шеми за поддршка на производство на електрична енергија од ОИЕ се користат премиите, но и мрежното мерење.

Па така, производството на електрична енергија од обновливи извори се промовира преку систем на премиум тарифи базиран на бонус исплати. Операторите на постројките од обновлива енергија обично добиваат варијабилен бонус, кој се плаќа како плус од пазарната цена добиена за таа произведена електрична енергија. Збирот на пазарната цена и бонусот не смее да го надминува законскиот максимум за kWh, што зависи од изворот на искористената енергија и од датумот на поврзување на одредена постројка.

Другата опција е нет-метерингот. Производителите кои ја користат произведената електричната енергија за сопствени потреби се целосно или делумно ослободени од плаќањето на обврската за јавна услуга за оваа електрична енергија, што инаку е трошок кој задолжително се плаќа.

Третата опција се т.н. гаранции за заем. Здруженијата на сопственици на централи на ветерна енергија и други локални иницијативи можат да аплицираат за гаранции за заеми за физибилити студии кои се спроведуваат за време на изградбата на ветерните паркови.

Како понатаму со развојот на обновливите извори во Македонија?

Од сето ова се гледа дека постојат многу алтернативи и опции како да се поттикне и поддржи развојот на обновливите извори на енергија и како да се привлечат инвеститори во овој сектор. Некои земји целосно ги имаат напуштено повластените тарифи, некои се’ уште ги користат во комбинација со други бенефиции за производителите од обновливи извори. Во конкретниот случај на Македонија, најпрво треба да усвои, освен новиот закон, и нова стратегија за енергетика до 2035 година со сценарија коишто се целосно декарбонизирани (во превод – без користење на фосилните горива како јагленот) и каде што треба да се презентирани технички и економски опции за развој на различните обновливи извори со акцент на сончевата и ветерната, а помалку на хидрото, се’ додека не се направи нова целосна анализа на целокупниот водостој во Македонија. Потоа Владата и Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на законот и стратегијата, со заедничка соработка, треба да ги креираат правилниците и уредбите коишто на база на реалните потреби од инвестиции и развој ќе го таргетираат секторот на обновливи извори на енергија.

Текстот е првично објавен на www.respublica.edu.mk

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сподели