fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
debela senka e predizvik featured1

Наоѓањето „дебела сенка“ стана предизвик во Скопје

Пешачењето низ Скопје лесно може да се претвори во долга потрага по сенка. Интересни и декоративни видови на растенија мали по раст, често се среќаваат по дрворедите во градската средина, но не го даваат неопходното – според големината на крошната да овозможат соодветно засенување за учесниците во сообраќајот за пешаците, но и за возачите.

За разлика од пошумувањата и борбата за светлина, големата густина и различните облици на садниците во урбана средина може да претставуваат неуредна глетка и повеќе потрошени средства на граѓаните.

Дрворедското зеленило нужно или пожелно е освен сенка во летниот период, да овозможи и продор на сончеви зраци во зимскиот период за да се загрее коловозот и да се избегне замрзнување на површината по којашто се движиме.

Во тој случај листопадните дрва се најпрактичен избор затоа што ги исфрлаат своите лисја. Науката знае за вакви примери, но тоа не секогаш се применува кај нас.

Посебна приказна е што при набавките на градското зеленило не се зема предвид неговата улога во намалувањето на негативните ефекти од загадувањето на воздухот. Уште поголем проблем е што не се внимава на одржувањето. Имено, многу често лесно оди сечењето на повеќегодишните дрвја при градежни интервенции и не се вложува многу напор во нивно зачувување.

Оштетувања на кореновиот систем и стеблата на постојната урбана дендрофлора при реконструкција на страничното линиско зеленило – механичките оштетувања предизвикуваат намалување на декоративноста, дури и угинување на украсните растенија предизвикано од континуиран физиолошки стрес во градска средина.

Набавки вредни милиони

Вертикалата на надлежности за ваквиот тип на градското уредување започнува од локалната самоуправа. Од 2018 година па наваму, од три до петпати годишно, Град Скопје склучува договори во овој домен – било да е тоа за набавка на садници, набавка на штитници за садници или набавка на садници во контејнер.

Фотографија од табела со јавните набавки на Град Скопје за садници

Огромни суми троши Град Скопје за набавка на зеленило, но прашање е какви видови растенија се набавуваат и каква е подготвеноста за нивно одржување.

Оваа година, три рамковни спогодби има склучено Град Скопје, објавени на Бирото за јавни набавки. Станува збор за набавка на декоративни садници со топијарни форми и грмушести растенија, потоа за набавка на зимзелени садници, покривачи и перени, како и за набавка на дрворедни садници.

И во трите случаи, носителите на набавката односно фирмите се должни испораката на садниците да ја извршуваат во период од една година од денот на потпишување на рамковната спогодба и согласно потребите на Град Скопје.

Милионски се сумите во денари за склучените договори, коишто може да се погледнат на веб-страницата на Бирото, а одвоени токму за ваквиот тип на уредување на градот.  Ако на нив се додадат и договорите за набавки што ги склучуваат скопските општини, станува јасно дека обновата односно одржувањето на градското зеленило е вносен бизнис.

Но, се наметнува прашањето – дали градската власт рационално ги троши парите на даночните обврзници?!

Во постојаната политичка трка „кој повеќе и кој побрзо“, се добива впечаток дека брзо се губи и дел од неколкуте воспоставени квалитетни зелени појаси на сметка на новоподигнатите зелени површини.

Не се размислува за судбината на зеленилото

Проф. д-р. Бојан Симовски од Факултетот за шумарски науки вели дека од досегашната практика впечаток е дека прво се набавуваат садниците, а потоа се размислува каде би се саделе.

Од Град Скопје велат дека ЈП Паркови и зеленило, преку своите вработени шумарски инженери и инженери за просторно пејзажно дизајнирање, во самото планирање и подигнување на новите површини планираат и каков вид на садници најмногу одговараат во однос на површината, позицијата, местоположбата и слично.

„Исто така, преку техничарите во ЈП Паркови и зеленило кои се задолжени за одржување на Градското зеленило, се врши контрола на терен со запишување на исечени дрва по видови садници, кои биле исечени во претходниот период по барање на куќни совети, урбани заедници, дрва од дрвореди кои поради надминување на физиолошката старост биле исечени и слично и врз основа на сето ова ЈП Паркови и зеленило доставува список со видови садници кои ќе се садат на површините кои се уредуваат или пак садници кои ќе се дополнуваат на места каде веќе претходно имало засадени дрва, а потоа Градот Скопје распишува јавен повик за набавка на тие видови садници“, велат од Град Скопје.

Здравите и негувани единки од резистентната урбана дендрофлора во средишниот зелен појас на булеварите ја зголемуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Оттаму додаваат дека ЈП Паркови и зеленило има склучено Меморандум за соработка со Шумарски факултет, меѓутоа и вработените инженери во ЈП Паркови и зеленило, произлегуваат од тој факултет со доволно познавање на материјата.

„Несоодветни садници за градска средина не се набавуваат, по претходното искуство од 60-те и 70-те години кога за потребите на тогашната фабрика Треска се саделе тополи во градска средина за репроматеријал за фабриката.“, велат од Град Скопје.

Освен изборот на растенијата, голем проблем е нередовното одржување на зеленилото

Рационалност за зелената мапа на градот

Но, не секогаш проценката на службите носи со себе и вистинско решение за просторот. Бројни се примерите коишто се очигледни, пред сечии очи, во срцето на Скопје. Таков е впечатокот на професорот на Факултетот за шумарски науки, Бојан Симовски, кој апелира на рационалност кога се крои зелената мапа на градот.

Вели, имаме докажани видови на растенија за коишто праксата покажала дека успеваат на ова поднебје. Форсирање на дендрофлора својствена за многу подалечни предели од нашиот, е само мачење на растенијата, а тоа е висока цена којашто треба да се плати во споредба со краткото уживање кое ѝ се пружа на околината.

Климатските нарушувања и промени тропаат на портите, а размислувањата на професорот Симовски се дека државата мора да се насочи кон формирање на наша база и јавни и приватни производствени капацитети во коишто ќе се вложува, за да се произведуваат садниците коишто се приспособени на овие простори, а коишто сосема се заборавени во секојдневието. Во спротивно, во иднина би биле сведоци на сè повеќе поплави, страшни ерозивни појави и други катастрофи.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Петар Догов
Снимател: Зоран Догов
Фотограф: Доријан Миловановиќ
Монтажа: Ристо Душковски

Сподели