fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Западен Балкан – плодно тло за садење енергетски задруги – (ФОТО позадина)

Во земјите на западен Балкан, производството на енергија претежно е централизирано и втемелено врз фосилни горива. Во последниве неколку години, прифаќајќи го концептот за енергетска заедница, граѓани почнуваат иницијативи што го трасираат патот кон енергетска транзиција, а со користењето на обновливи извори активно учествуваат во реструктуирањето на енергетските системи.

Како самостојно здружение на доброволно здружени поединци, енергетска задруга се основа заради производство и дистрибуција на енергија од обновливи извори, како што се ветрот, соларната енергија или биомаса. Со тоа се намалува употребата на фосилни горива, се намалуваат трошоците на системот за пренос и дистрибуција на енергија, како и загубата на електрична енергија во мрежата, но и значително се придонесува за намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, што од енергетските задруги создава потенцијален темел за побезбедно општество и одржлив економски раст.

Граѓаните во рамките на енергетската заедница организираат колективни енергетски акции, коишто придонесуваат за јавно прифаќање проекти за обновлива енергија и со тоа го олеснуваат привлекувањето приватни инвестиции во производството на чиста енергија. Едновремено, активностите на енергетската заедница им пружаат директна корист на граѓаните, со зголемување на енергетската ефикасност и создавањето можности за вработувања. Со заедничко вложување во енергетскиот имот, граѓаните во рамките на енергетската заедница можат да обезбедат флексибилност на електроенергетскиот систем, како и да стекнат пристап до пазарите за енергија, рамноправно со останатите пазарни актери, што е од посебен значај по актуелната енергетска криза. Произведената енергија им носи приход на граѓаните-инвеститори поради продажбата кон енергетски субјекти коишто се занимаваат со трговија на електрична енергија, како и поради заштедата во случај ако енергијата се користи за сопствени потреби. За успешноста на концептот за енергетска задруга, покрај економските и еколошките, придонесуваат и демократските вредности коишто се применуваат внатре во задругата, а коишто подразбираат практики за партиципативно управување, транспарентност при носењето одлуки, колективно дејствување и преговарачка моќ на заедницата.

zapaden balkan–konecno plodno tlo za sadenje energetski zadrugi 1

Наслов на фотографијата. Извор: извор.

Состојбата во регионот

Енергетските задруги, почнувајќи од првите задруги во Данска во 1970-те години, претставуваат востановена практика ширум Европа. Во Германија, на пример, околу 50 насто од капацитетите за производство на енергија од обновливи извори се во рацете на граѓаните. Иако земјите од регионов го признаваат правниот облик на задругите и формално дозволуваат нивно основање, енергетските задруги сепак продолжуваат да бидат нешто невообичаено. Иако анализата на најдобрите практики на енергетските задруги покажува дека задругите би можеле да бидат воспоставени како успешен демократски и социоекономски модел за деловно работење во регионов, главните пречки се недостаток на соодветна рамка за поддршка и финансирање, недостиг од знаење и силната моќ на монополските претпријатија коишто се потпираат врз јаглен.

Во Албанија, три еколошки организации во 2021. година почнаа проект за претворање на Куте во прво соларно село во Албанија, со цел да се заштити реката Вјоса, најголемата дива река во Европа. Со пуштањето во работа на соларни панели во пет згради од локалната заедница, Вјоса е спасена од големи хидроенергетски проекти. Со оглед дека албанското законодавство не познаваше енергетски задруги, граѓаните – по успешната акција – немаа можност својата заедница и формално да ја одржат како целина. Затоа е битно, поради специфичната цел и дејствување што ги разликуваат од други облици на здружување на граѓани, деталната државна законодавна регулатива да овозможува организирање граѓани во енергетски задруги, но и да предвиди поттикнувачки механизми и видливост на енергетските задруги пред финансиските институции. Затоа, новиот Закон за обновливи извори на енергија во Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) воведува категории „прозјумери“ и енергетски задруги на пазарот за електрична енергија во Босна и Херцеговина, регулирајќи ги правата и обврските на корисниците на „граѓанска енергија“, додека Законот за користење обновливи извори енергија на Република Српска (РС) ѝ пропишува право на Заедницата на обновливи извори на енергија за користење субвенции за набавка на опрема којашто се користи за производство на топлинска енергија од обновливи извори на енергија. Енергетските задруги може да дејствуваат и како посредници за пошироки јавни консултации и последична регулација на пазарот и енергетското сиромаштво, постигање енергетска ефикасност, енергетска безбедност, како и за контрола на еколошкото влијание од користењето енергија, што е докажано при успешните акции на регионални енергетски задруги.

Зелената енергетска задруга од Хрватска развива локални енергетски решенија за градови и општини, но едновремено е најактивна енергетска задруга во регионот, којашто поддржува други енергетски задруги и помага при воспоставувањето нови заедници во земјите од регионов. Во 2018. и 2019. година, задругата ги создаде „Крижевачки сунчани кровови“ и со помош на вложувањата од 90 граѓани, обезбеди две соларни електрани со вкупна моќност од 60 киловати на јавни згради во Крижевци. На инвеститорите ќе им припадне годишна камата од износот за надомест од корисниците на електраната, којшто е еднаков на износот на заштеда од сметките за електрична енергија на јавна зграда, созадени при производство на електрична енергија на нејзиниот покрив.

Енергетската заедница Електропионир од Србија, во соработка со локално население од селата Дојкинци и Темска, лоцирани на Стара планина, како и со градот Пирот, подготвува изградба на први задружни соларни електрани во Србија, овозможувајќи на дел од покривите на месните заедници да бидат поставени соларни панели со вкупна моќност од 12 киловати, а во рамките на проектот „Соларна Стара“. На тој начин, регионот во којшто успешно е запрена изградбата на неодржливи, мали хидроелектрани, ќе стане средиште на производството на соларна енергија, а остварениот приход ќе им биде доделен на месните заедници.

Со јакнењето на правата за самопроизводство, воспоставување обврзувачки цели и со усвојување на национална стратегија за зголемено учество на граѓаните во областа на енергетиката, како и со поедноставувањето на административната процедура за регистрација и водење на енергетски проекти во заедницата, во земјиве од регионот ќе се создаде погодно опкружување за енергетски задруги, коишто ќе подразбираат стабилна и долгорочна поддршка на национално и на наднационално рамниште.

zapaden balkan–konecno plodno tlo za sadenje energetski zadrugi 2

Програми за поддршка од Европската Унија

Како членки на Енергетската заедница, земјите од западен Балкан имаат обврска да почитуваат директиви на ЕУ коишто се дел од нејзиното енергетско законодавство. На рамниште на Европската унија воспоставени се два проекти коишто придонесуваат за ширење на најдобрите практики и пружање техничка помош за развој на конкретни иницијативи за енергетски заедници ширум унијата: Советодавниот центар за рурални енергетски заедници и Репозиториумот за енергетски заедници.

Децентрализираното производство на обновлива енергија го поттикнува руралниот развој и тоа со отворање работни места и со развој на инфраструктурата. Во производствени процеси за полјоделски производи може да се користи енергија од обновливи извори и така да се реши проблемот со недостатокот на електрична енергија на непристапни подрачја, но и да се оптимизира производството. Со оглед дека карактеристиките на оддалечените региони непропорционално неповолно влијаат врз жените, коишто се одговорни за сировините, исхраната и домаќинствата, енергетските задруги во рурални подрачја се токму и можност за економско зацврстување на жените. Оттаму и значението на Советодавниот центар, којшто се фокусира на пружање помош на граѓаните, на руралните актери и на локалните власти, а при воспоставување Енергетски задруги на граѓани или Задруги за обновлива енергија во рурални области, преку технички и административни совети и преку поттикнувањето на нивниот развој.

Целта на Репозиториумот на енергетски заедници се однесува на помошта кон локални актери и граѓани, коишто имаат волја да основаат енергетски задруги во урбани средини, помагајќи им со технички и административни совети, поттикнувајќи го нивниот развој во согласност со Директивата за обновлива енергија и Директивата за внатрешниот пазар на електрична енергија. Репозиториумот спроведува и проценки на влијанието од енергетските заедници и шири најдобра практика и знаење кон локалните власти, претпријатија, граѓани и организации на граѓани, коишто сакаат да воспостават енергетски заедници, особено во земји што сѐ уште немаат развиена традиција на енергетски задруги, како што се државите од западен Балкан, секоја на својот пат кон членство во Европската Унија.

Дејствијата на енергетските задруги интегрираат граѓани во одржливи економски процеси и така ја зголемуваат општествената посветеност. Поради тоа, тие се клучни потенцијални актери во транзицијата кон енергетски системи со ниски емисии на јаглерод, коишто националните еколошки политики можат да ги прилагодат на карактеристиките на локалните заедници.


Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

Сподели