За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Хаос со пчелите во „медената земја“

Во Македонија стана вообичаено да се носат стратегии и да се зацртуваат цели кои поради неефикасноста на институциите потоа никогаш не се спроведуваат. Таков е случајот и со пчеларството за кое во извештајот „Мерки, политики и проекти за заштита и упредување на пчеларството“ на Државниот завод за ревизија се откриваат низа податоци кои укажуваат на несериозноста на државата кон оваа дејност.

 

Заклучоци на државните ревизори
  • не е извршено усогласување на податоците за бројот на пчелни семејства меѓу надлежните институции
  • не е изработен катастар на пчелни пасишта
  • не се спроведени истражувања и анализи за негативното влијание на климатските промени врз пчеларството
  • не се врши континуирано следење на болестите на пчелите и нивно соодветно третирање и сузбивање
  • не се извршени инспекциски контроли во подолг временски период во одгледувалиштата на пчели за начинот на употребата на производите кои се означени за опасни за пчелите

Со извршената споредба на податоците за бројот на пчелни семејства во Информациониот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот завод за статистика (ДЗС), ревизорите утврдиле разлики кои секоја година се зголемуваат односно АХВ има евидентирано поголем број пчелни семејства од ДЗС.

„И покрај постоењето на голема разлика во бројната состојба на пчелните семејства на годишно ниво, не се преземени активности од надлежните институции Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) и Државниот завод за статистика за утврдување на причините, ниту за утврдување на точниот број пчелни семејства, имајќи предвид дека располагањето со точни и усогласени податоци има големо значење за унапредување и развој на пчеларството во земјава“, укажуваат ревизорите.

ДЗС располага и со податоци за количините на произведен мед. Со извршената споредба на податоците за број на пчелни семејства и произведен мед, ревизорите констатирале дека порастот на бројот на пчелни семејства не е проследен со соодветно зголемување на количината на произведен мед, која бележи тренд на опаѓање.

Имено, годишното производство на мед во 2018 година е намалено за 43 отсто во однос на 2016 година.

„Земајќи ги предвид само статистичките податоци, истите упатуваат на нецелосна реализација на стратешката цел за пчеларството определена во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, а тоа е зголемување на бројот на пчелните семејства и приносите, што треба да резултира со поголемо производство на мед во однос на изминатиот период. Во исто време истакнуваме дека намалувањето на производството на мед е комплексно прашање на кое може да влијаат повеќе фактори: невоспоставениот катастар на пчелна паша, како и влијанието на климатските промени, болестите и пестицидите врз пчелите“, се вели во ревизорскиот извештај.

 

Пчеларите сами вршат попис

Според регулативата, пчеларите самите треба да вршат попис на пчелните семејства, секоја година со состојба на 1-ви април, да ги внесат податоците во пропишан образец кој го потпишуваат како гаранција за веродостојноста. Потоа, образецот го испраќаат до овластеното ветеринарно друштво, кое го верификува, но нема обврска да ја проверува фактичката состојба во одгледувалиштето.

„Наведените состојби создаваат можност од субјективен пристап во постапката на вршење попис и утврдување на бројот на пчелни семејства во рамките на едно одгледувалиште на пчели на годишно ниво, што влијае на постоење ризик од отсуство на точни и веродостојни податоци содржани во електронската база на податоци која е составен дел од од Информациониот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство. Постоењето субјективизам посебно се потенцира во услови на неизвршување на законски определени инспекциски контроли од страна на АХВ. Важноста од располагање со точни и прецизни податоци во наведената база произглеува од фактот што податоците за вака утврдениот број пчелни семејства понатму АХВ ги доставува до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој која ги користи за финансиска исплата на пчеларите““, се вели во извештајот.

Ревизорите откриваат дека во периодот од 2016 до 2018 година АХВ требала да изврши 2.400 инспекциски контроли кај одгледувачите на пчели, но тие не биле спроведени.

Од АХВ образложиле дека планираните контроли не се извршени поради ограничени човечки ресурси, кои во наведениот период биле алоцирани на друг вид приоритетни контроли.

„Сакаме да укажеме дека во наведениот период се појавија болеста јазлеста кожа кај говедата, поплави со угинати животни и птичји грип при што настана неопходна потреба од зајакнати и неодложни контроли и насочување на расположивите инспекциски служби на контрола кај говедата, останатите угинати животни со поплавите и живината“, се вели во образложението на АХВ дадено како одговор на наодите на ревизорите.

Во овој период АФПЗРР има спроведено контроли на терен кај дел од одгледувачите на пчели кои поднеле барања за субвенции односно таканаречени директни плаќања. При тоа констатирале разлики во бројот на пчелни семејства поднесени во барањата и фактичката состојба односно бројките во барањата за субвенции биле поголеми.

 

Квалитетот на медот посебна приказна

Ревизорите посочуваат и на можни недостатоци во однос на испитувањата на квалитетот на медот. Имено, АХВ спроведува постапки за јавни набавки на лабораторски услуги во делот на здравствена заштита на животните и на квалитетот и безбедноста на храната и склучува едногодишни договори.

За извршувањето на лабораториските испитувања во периодот 2016-2018 година АХВ склучила договори со Факултетот за ветеринарна медицини при УКИМ кој поседува сертификат за акредитација на лабораторијата издаден од Институтот за акредитација.

„Врз основа на на побараните и добиените податоци од факултетот, утврдивме дека методите за испитување на болестите кај пчелите не се акредитирани, додека само дел од методите за безбедност и квалитет на медот со коишто се вршат лабораториски анализи се акредитирани“, пишува во извештајот.

Во него, се објаснува дека една од причините за ваквата состојба се високите трошоци за акредитација односно економска неисплатливост при склучување едногодишни договори. Имено, склучувањето едногодишни договори не даваат можност за континуирано планирање во однос на видот на методите кои ќе се користат, бројот на мостри и бараните анализи.

Од ДЗР укажуваат дека ваквите состојби создаваат ризик при вршењето на лабораториските анализи за болеста на пчелите и безбедност и квалитетот на медот да се извршуваат со методи кои не се акредитирани со што не се обезбедува целосно постигнување на определените цели во Законот за безбедност на храната, особено обезбедување високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и интересите на потрошувачите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

Новинар: Владимир Николоски

Сподели

samo-prasaj_gif-3