За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Од незнаење не веруваме во органска храна

Контаминираноста на почвата е еден од клучните проблеми на животната средина во Македонија бидејќи резултира со производство на земјоделски производи со несоодветен квалитет, се укажува во публикацијата на Државниот завод за статистика за животната средина во 2019 година. Иако истражувањата покажуваат дека на трпезите во земјава може да се сретнат зеленчук и овошје „збогатени“ со метали како олово и кадмиум, се‘ уште со недоверба се гледа во производството на органска храна, што би требало да биде своевидна гаранција за квалитет.

Интересот меѓу производителите на храна е многу мал, а најдобар показател за тоа е што во цела држава заклучно со 2019 година имало само 847 субјекти коишто се занимаваат со органско производство. Истражувавме кои се причините што во Македонија, којашто важи за земјоделска земја нема поголема преобразба на производството во органско.

Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

Од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека во последните години се забележува тренд на пораст во органското производство, по сертифицирана производна површина и бројот на  органските оператори. Сепак,  ако се земе предвид дека во нашата земја има над 170.000 таканаречени земјоделски стопанства станува јасно дека порастот на бројот на производители и на земјиштето на кое се одгледува органска храна е поразителен.

Во 2018 година, површините со органско производство изнесуваат 3.909 хектари и во вкупната обработлива површина учествуваат со 0,75 %. Иако има минимален пораст и во 2019 година учеството во вкупната обработливата површина останува под 1%.

Многу фактори за слабиот интерес

Билјана Филиповска, ко-основач на првата задруга на потрошувачи за органска храна „Наша Добра Земја“ и дипломец на Organic Leadership Academy holder вели дека органското производство во Македонија е под влијание на неколку генерални, а и специфични фактори за секторот.

„Тоа се куповната моќ на граѓаните, навиките (традиција за купување на свежа храна на пазарите), традиција за самопроизводство или фамилијарно производство на храна што е за голема почит, можноста за едукацијата на купувачите, производителите и релевантните институции за органско производство, присутност на органски препарати и друга потребна опрема, доверба во органскиот сертификат и продавачите на органска храна, навремена исплата на субвенциите за органско производство, можноста за извоз и потребните сертификати (и знаење за спроведување на процесот) поврзани со нив, состојбата на природата, почвите и водите во земјата“, вели Филиповска.

Филиповска вели дека државната политика во однос на органската храна треба да виде сеопфатна, системска и конзистентна. На тој начин долгорочно ќе се воспостават предусловите на одржлив еко систем за производство и можност за набавка на органската храна од страна на конзументите.

Повисоките цени ги одвраќаат купувачите од здравата храна

Повисоките цени на органските производи во Македонија често ги одвраќаат граѓаните од овој вид храна. Поради тоа се отвора прашањето дали државата треба да ја зголеми поддршката за органските производители со што би се создала поголема конкуренција и следствено пад на цените на овој вид производи. Костовска вели дека моменталната висока цена на органските производи е резултат од познати варијабли кои го диктираат кој било пазарен сегмент.

„Релативно мал број на производители, висока цена на влезни ставки (особено во процесот на конверзија, период во кој производот не смее да се продава како органски т.е. смее како органски во конверзија по цена како конвенционалниот), релативно мала побарувачка и несигурен откуп (голем дел од органските производители добар процент од годишното производство го продаваат за преработка како конвенционално), поголем трошок и ангажман во самиот процес на органско производство (повисоки цени на препаратите, поголем мануелен труд, итн.)“, вели Филиповска.

Што е органско земјоделство?

Органското земјоделство е производствен систем кај кој се намалуваат и се елиминираат употребата и внесот на синтетички хемикалии како синтетички хемиски ѓубрива, пестициди, хормони и регулатори на растењето, како и употребата на генетски модифицирани организми, а се промовира користењето добри практики во управувањето со земјоделските екосистеми за полјоделско и добиточно производство.

Органското земјоделство се разликува од конвенционалното и според примената на правилата во продукцијата, шемите на обележување и сертификатите во согласност со Законот за органското земјоделско производство и подзаконските прописи, кои се усогласени со европските прописи.

Таа објаснува дека процентуално маржата на самиот производител не е највлијателната во крајната цена на производот. Еден производител минува 3 години во инвестирање во конверзија (вклучително и едукација и промена на начинот како е поставена фармата) и нема сигурен пласман, а субвенциите често доцнат.

Според неа, како и што самиот органски производ се сертифицира според околностите кои го одредуваат  условите во кои е создаден, така и активноста на институциите мора да е во насока на поддржување на еко системот и климата со темелни мерки кои ќе резултираат со подостапни цени, поприсутни производи, поквалитетни производи, поголема доверба и видливост на органските локални производи.

Освен субвенции, потребна е едукација

Од Министерството за земјоделство велат дека финансиската поддршка  на органското земјоделско производство од година во година се зголемува како резултат на зголемувањето на производните капацитети и бројот на субјекти коишто се вклучуваат во системот на органско производство.

Сепак, освен субвенциите за подобрување на трендовите во органското производство, според производителите, е потребно многу повеќе.

Филиповска вели дека одржливоста на ланецот на органско производство и консумација би се подобрил кога одговорните институции од една страна би поддржале едукација, вмрежување, информации и поддршка преку достапност за потребните на производителите, а од друга преку едукација на купувачите.

Како може да помогнат институциите?

  • Исплаќање субвенции на време – главна ставка во почетниот период
  • Организирање редовни едукации и за потрошувалите и за конзументите
  • Залагање за пласман и извоз на производите
  • Набавка на органска храна во институциите во кои има кујни
  • Поддршка во инфраструктура за преработки (вклучително и семиња)

Таа додава дека освен примарното земјоделско производство, тука се и преработките, локалните сорти и семиња со дополнителна додадена вредност.

„Станува збор за цел пазарен сегмент за кој државна стратегија постои, но нејзината имплементација може да биде пореална, активна, свесна и наклонета кон секторот“, вели Филиповска.

Не е органско сè што се продава на пазарите

На зелените пазари често може да се сретнат производи што со натписи се рекламираат како органски, иако не се сертифицирани.

„Самата сертификација преставува процес кој е гарант за тоа дека производот е одгледан според законот за органско производство во земјата. Кај нас има две сертификациски куќи за кои имам целосна почит во однос на контролата која ја вршат, вредностите кои ги застапуваат и начинот на кој работат. Врз самите сертификациски куќи се врши контрола врз нивната работа од сертификациско тело од надвор на годишно ниво“, вели Филиповска.

Од Министерството за земјоделство велат дека генерално,  може да се констатира дека постојат многу силни страни,  како и се‘ уште голем број на неискористени можности за поинтензивно и поуспешно спроведување на органско производство.

„Особено силна страна за организирање на органско растително производство е постоењето на поволни агро-еколошки услови во одделни региони од државата со многугодишна традиција за одгледување на одредени видови на земјоделски култури.  Во изминатите години на потрошувачите не  беа понудувани доволни количини на сертифицирани органски растителни производи, како во свежа, така и во преработена состојба. Воедно, значајно место за поинтензивниот развој  на органското земјоделско производство се‘ уште зазема и недоволната пропаганда за еколошките предности на органското производство и предностите на растителните органски производи за здравјето на луѓето. Минималното постоење на туристички капацитети кои нудат органска храна во своите менија, во рамките на целата држава, како и недоволно развиениот рурален туризам, претставуваат исто така една значајна алка во синџирот за поинтензивен  развој на органското земјоделство“, велат од Министерството.

 

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Владимир Николоски

Сподели

samo-prasaj_gif-3