fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
i bez potvrda od unesko ohridskiot region e nasledstvo vo opasnost featured

И без потврда од УНЕСКО Охридскиот регион е наследство во опасност

  • Иако со години е под заштита, регионот што ги опфаќа Охрид, Струга и Дебрца од македонска страна и дел од албанска страна, е во опасност поради алчноста на поединци, бизнис-интереси и континуираната негрижа на властите.
  • „ДОМА“ разгледа повеќе извештаи од изминативе години, во кои речениците се повторуваат, што сугерира дека ништо или многу малку е направено.
  • Три години Владата бара од општините да ги избројат дивоградбите и да донесат програма за нивно отстранување, но до денес не добиле ништо.
  • Поради сериозните забелешки, вторпат во во две години Охридскиот регион се соочува со ризикот да се најде на Листата на светско наследство во опасност.
  • Невладините организации сметаат дека само на овој начин ќе се откријат лажните заложби на власта, а Охридскиот регион ќе добие реална заштита.

Од правните прописи на Османлиската империја до почетокот на 20 век, потоа на Кралството Југославија, преку решението од првото заседание на АСНОМ и прогласувањето за споменик на природата во 1977 година до впишувањето на Листата на светско наследство две години подоцна, Охридското езеро и регион со години се наоѓаат под заштита. Подрачјето поседува исклучителна универзална вредност поради природните убавини и разновидното културното наследство. Охридско е најстаро езеро во Европа, кое датира уште пред глацијалниот период, со непрекината биолошка активност од најмалку еден ипол милион години, дом на многу животни и растенија. Олиготрофните води поддржуваат околу 300 ендемски видови.

Фотографија со текст за главните карактеристики на Охридскиот регион

Извор: План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план

Но, иако со години е под заштита, Охридскиот регион кој ги опфаќа Охрид, Струга и Дебрца од македонска страна и дел од албанска страна, е во опасност поради алчноста на поединци, бизнис-интереси и континуираната негрижа на властите. Со потпишувањето на Конвенцијата за светско наследство, земјава се обврза својот единствен УНЕСКО регион да го заштити и зачува, но домашните задачи сè потешко ги сработува, со што Охридскиот регион се соочува со ризикот да се најде на Листата на светско наследство во опасност.

Неконтролираната урбанизација и несоодветните туристички практики, депониите, несоодветниот третман на отпадните води, прекумерниот риболов и сечењето на трската, несоодветно користење на крајбрежјето и заканите од инвазивни видови водат кон забрзана еутрофикација и деградација на целиот екосистем.

Фотографија на која се гледаат границите на Охридскиот регион.

Охридски регион под заштита ги опфаќа Охридското Езеро, Охрид, Струга, Дебрца и дел од Албанија

Извештаите од лош полош

ИУЦН e независно експертско советодавно тело на Центарот за светско наследство на УНЕСКО за природа. Извештаите коишто ги изготвува низ годините прецизно ги лоцираат заканите за Охридскиот регион, којшто го споделуваме со соседна Албанија:

  • Дивите депонии ги загрозуваат локалната флора и фауна и целиот Охридски регион, присутна е концентрација на тешки метали. Депонијата Буково не ги задоволува стандардите;
  • Забрзаниот развој на крајбрежјето, илегалните градби, несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад се закана за целиот екосистем;
  • Мочуриштата и водните површини се намалуваат. Ова значи помалку место за гнезнење и мрестење на птиците и рибите;
  • Несоодветните земјоделски практики носат загадување и еутрофикација, стареење на езерото;
  • Инвазивните видови, кои се резултат на илегални мрестења на риби стануваат сè поголема закана;
  • Пренасочувањето на Сатеска река во 1960 година имаше огромно негативно влијание, бидејќи донесе огромни количини на фосфор, но и на азот. Реката сега се враќа во старото корито, ама закана се и Коселска река, Велгошка река и Черава во Албанија;
  • Од албанска страна, изворите Дрилон се под притисок на рибниците и туристичкиот развој, а има докази и за незаконски интервенции во водните извори, од коишто се храни езерото;
  • Дополнителен проблем од албанска страна се напуштените рудници, несоодветниот третман на отпадните води и на сметот;
  • Планираната железница Кичево – Лин отвора нови главоболки за УНЕСКО.

„Дома“ разгледа повеќе извештаи за Охридскиот регион, објавувани изминативе години. Во нив освен предупредувањата, наведено е и дека клучните институции, како НП „Галичица“ и Хидробиолошкиот завод се оставени без доволно финансии и ресурси. Политики има, но на хартија, додека во пракса недоволно се спроведуваат. Речениците во извештаите од година во година како да се препишани и се повторуваат, што сугерира дека ништо или многу малку е направено да се мрднат работите од мртва точка. Па така, една реченица во извештаите на ИУЦН од 2017 и 2020 година е целосно идентична, а со минимални измени е присутна уште од 2014 година.

„Правната рамка е на сила, но законите коишто треба да ги заштитат природните и културните вредности се честопати поткопани од другата легислатива, а и нивната примена е слаба. Неконтролираната и/или илегалната крајбрежја урбанизација продолжува да биде проблем, а загрижува и целокупната ефикасност во менаџирањето поради недостигот од финансиски и човечки ресурси, како и слабата примена на законите“.

i bez potvrda od unesko ohridskiot region e nasledstvo vo opasnost 3

Извор: Извештај на ИУЦН од 2020 година

Невладините бараат итни мерки

Кон крајот на минатата година, неколку невладини организации имаа средба со министерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска, која е на чело на Националната комисија за УНЕСКО. По состанокот, граѓанската иницијатива Охрид СОС до неа достави листа со предлози за справување со најсуштинските и најургентните проблеми.

Списокот е долг: Итно постапување по одлуката на Постојниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа, (тело кое изрази длабока загриженост за влошување на ситуацијата со Охридско езеро и НГ „Галичица“), запирање на секаква урбанизација и легализација на дивоградбите, повлекување и ревизија на Законот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата за да се овозоможи валоризација и заштита на поширокото подрачје со Студенчишки канал, Билјанините извори, Мазија, крајбрежјето долж Блатото и Горица Север, да се затвори комплексот Св. Наум за посетители додека пречистителната станица не се стави во функција, да се забрани лов на сите видови салмониди (пастрмка) додека не се утврди популацијата и се изработат „црвени листи“, да се направи комплетна реформа на процесот на евалуација на влијанието врз животната средина и да се казнуваат локалните власти кога не ги почитуваат, итно да се направи колекторот и целиот крајбрежен појас да се ослободи од објекти.

За секоја од мерките има конкретен временски период до кога треба да се исполни. Но невладините по состанокот не добиле никаков повратен одговор.

Лоцирани се и други слабости кои влијаат врз капацитетот да се преземат одлучни чекори. На пример, се забележува дека во Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион нема буџетски ставки за активностите, што создава сомнеж дека овој своевиден акциски план ќе се реализира стихијно и нема да ги даде посакуваните резултати.

Во Студијата за валоризација на Охридско езеро недостигаат клучни ендемски видови за заштита, па од Охрид СОС бараат да се направи нов и подобрен документ со учество на експерти од Хидробиолошкиот завод.

„Фалинки“ има и прогласувањето на Студенчишко Блато за Парк на природата зашто едвај 34% се зона под примарна заштита, а на другото се дозволуваат земјоделски активности и урбанизација. Каналот е валоризиран ама не е вклучен, ја нема и Мазија, Билјанините извори, крајбрежниот појас долж Студенчишта.

i bez potvrda od unesko ohridskiot region e nasledstvo vo opasnost trpejca

Охридското Езеро е под закана од неконтролирана експлоатација

Дивоградбите, платформите, неконтролираната урбанизација, канализација којашто завршува во Езерото се веќе хронични болки, а екологистите предупредуваат дека и Планот за управување со светското природно и културно наследство е со куп недостатоци кои дозволуваат урбанизација на Галичица во зоната за одржливо користење.

Заканата од губењето на заштитата е реалност

Македонија во 2021 година „за влакно“ ја избегна опасноста, Охридскиот регион  да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО. На 44. седница, неколку држави побараа да добиеме уште една шанса да ги исполниме условите.

Поделени се мислењата за тоа што всушност значи прогласувањето за светско наследство во опасност. Од една страна, тоа не значи целосно губење на статусот на подрачје на УНЕСКО. Има и позитивни примери на држави чиишто локалитети биле ставени на листата на загрозено наследство, а сепак, по преземените мерки успеале да ги вратат на претходниот статус. Но, во дел од земјите, тој процес траел со години.

vladimir trajanovski 300x250 1„Впишувањето на листата на светско наследство во опасност значи стручна помош и асистенција од страна на меѓународните институции за реална заштита на Охридскиот регион. Тоа е нешто што нашите институции не би го сакале, бидејќи така ќе излезат на површина сите слабости од нивното досегашно непостапување и ќе се откријат тие нивни лажни заложби за заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион“, вели Владимир Трајановски од Охрид СОС.

nikola kiselinov 300x250 1„Доколку Охрид беше ставен на таа листа пред 10 години, ние немаше да ја имаме оваа ситуација каква што сега ја имаме. Сега е веќе прелиена чашата, сега е веќе поминато 5 до 12, времето помина, саатот отчукува, дивоградби сѐ уште се градат во националниот парк, во централното градско подрачје, во старото градско заштитено подрачје исто се градат објекти. Крајбрежјето е исто така под удар на урбанизација и на изградба на диви објекти“, вели Никола Киселинов од Коалицијата на граѓански организации за заштита на природното и културното наследство.

На власта не ѝ требаат невладините организации

Две години откако реактивната мисија на УНЕСКО го претстави извештајот на 125 страници за Охридскиот регион, од многумина оценет како исклучително лош, работите едвај да се поместени од мртва точка. Државата крена раце од експресниот пат кон Св. Наум и од ски-центарот Галичица, но никако да се зафати со решавање на проблемите кои секојдневно се таложат.

На 1 февруари истече рокот до кога требаше да биде готов извештајот во којшто земјава ќе извести до каде е исполнувањето на препораките. Аријан Мероли, кој со години учествува во процесот од двете страни на границата како дел од мрежата на здруженија за заштита на природното наследство, вели дека никој од невладините нема видено што содржи документот, ниту бил консултиран. Вели, институциите немаат слух за соработка, ниту волја да ги решат проблемите.

arijan meroli 300x250 1„Никој од нас го нема в рака документот, со никој од нас не беше дискутиран овој документ. Сите експерти кои редовно прават истражувања, имаат  проекти и ја знаат проблематиката на овој регион, немаат контакт од министерствата за животна средина и култура за овој извештај за статусот на Охридско езеро и сливот. Ако ние не стигнеме да ги имаме овие документи, реални, конкретни со детални чекори што треба и кај треба да одиме, јас мислам дека ќе влеземе на оваа листа“, вели Мероли.

„Дома“ побара одговори од Националната комисија што ја предводи министерката за култура Костадиновска – Стојчевска, зошто процесот не е инклузивен и транспарентен и зошто извештајот не е јавно достапен. Оттаму потврдија дека се консултирани само институции, а не и невладиниот сектор. Документот поминал на Влада и заедно со Стратегискиот план и извештајот за сработеното од албанска страна наскоро ќе бидат пратени до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. Разгледувањето ќе биде на сесијата во септември, кога е многу веројатно регионот да биде прогласен за светско наследство во опасност.

Активностите кои се преземаат од страна на Владата се во насока на создавање услови за исполнување на препораките на мисиите и на другите тела на УНЕСКО. Во тој контекст, иако процесите на управувањето со доброто се исклучително комплексни, се вложуваат максимални напори да се реализираат активности кои се насочени кон спречување на најголемите закани по интегритетот и автентичноста на регионот“, ни одговорија од Министерството за култура.

Од Владата, пак, побаравме одговори што е преземено по заклучоците од седницата одржана на 28 декември, кога институциите добија рок од 30 дена да ги избројат дивоградбите во овој регион и да донесат програма за нивно отстранување. Според одговорот што го добивме, тоа не е направено. Единствено е побарано од трите општини да ги ажурираат податоците за дивоградбите за да се изработи програмата за нивно отстранување. Нешто што го бараат веќе три години и не го добиле досега.

„Владата на Република Северна Македонија има оформено и работна група за бесправно изградени градби во Охридскиот регион, која во повеќе наврати во претходниот период од 3 години се има обратено до општините за доставување на овие податоци, но сѐ уште нема добиено ажурирани податоци за сите бесправно изградени објекти кои се од нивна надлежност, со нивно мапирање и со статус на решени предмети (одобрени или одбиени) и статус на нерешени предмети“, се вели меѓудругото во одговорот од Владата.

Кој е кој во заштитата на Охридскиот регион?

Заштитата на Охридскиот регион е комплексна, а своја улога имаат повеќе институции, општини и тела. Од македонска страна, топката е во рацете на две министерства: Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура. Одговорност имаат три општини: Охрид, Струга и Дебрца. Потоа, тука е Заводот за заштита на спомениците на спомениците на културата и Музеј – Охрид за културното наследство, како и НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга за движното наследство. НП Галичица е „главен“ за управувањето со природното наследство во рамките на паркот, но и за културното наследство во паркот. Хидробиолошкиот завод од Охрид е одговорен за мониторингот на екосистемот на Езерото, за истражувања и за грижата за флората и фауната.

i bez potvrda od unesko ohridskiot region e nasledstvo vo opasnost voda

Охрид, Струга и Дебрца три години немаат создадено регистар на дивоградби

Националната комисија за УНЕСКО ја предводи министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, а дел од неа се нејзините колеги Османи, Шаќири, Нуредини, Бочварски, Грковска, Алити. Членови се и првите луѓе на Управата за заштита на културно наследство, на Хидробиолошкиот завод, на НП Галичица, Комисијата за управување со светско природно и културно наследство, првиот човек на Архитектонскиот факултет од Скопје, етнолози, историчари на култура, хидролози. Сè на се, десетици луѓе се одговорни да се грижат за она што УНЕСКО постојано критикува дека се деградира.

„Имајќи ја предвид ранливоста на регионот, поврзана со развојот и влијанието на туризмот, менаџирањето бара зајакнување на капацитети и нови механизми за соработка и управувачки практики. Тоа може да вклучува и реевалуација на постоечките области под заштита, како и соодветни финансиски и човечки ресурси за менаџирање, како и соодветни планови и примена на законите“, предупреди ИКОМОС во извештајот од 2019 година.

Како се менуваат функционерите, така се менуваат и членовите на Комисијата, која по функција беше предводена и од претходната министерка за култура Стефоска. Надлежности имаше и Едмонд Адеми, кога предводеше телото во коешто имаше и неколку чудни кадровски решенија, како на пример Џеладин Ајвази, како заменик-национален координатор за борба против екстремизам и тероризам.

i bez potvrda od unesko ohridskiot region e nasledstvo vo opasnost 6

Членови на Националната комисија за УНЕСКО кога ја предводеше министерот без ресор Адеми / Извор: Влада

„Да не се тие од УНЕСКО овде, ќе поминат години, ако не турнат некоја од црквите за да стават хотел на истото место“. Оваа изјава на активистот Виктор Крстаноски од „Енхелеус Лихнидос“ најдобро ја илустрира „грижата“ на сите досегашни власти за она со кое и самите се фалат како препознатливост за Македонија.

Но, реалноста е дека Охридскиот регион нема многу време и конечно мора работите сериозно да се сфатат и не само да се покаже волја, туку итно да се отстранат болните точки. Во спротивно, ќе го загубиме она што го имаме.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Тони Стојановски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Фотографија: Томислав Георгиев