fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
kolku e valkana chistata energija featured

Македонија, Србија, БиХ – колку е валкана „чистата енергија“?

Македонија, Србија, БиХ – колку е валкана „чистата енергија“?

    • Слични политики за замена на фосилните со обновливи извори на енергија веќе извесен период се спроведуваат во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, а како еден од главните извори кои се форсираат во трите земји се ветерните електрани.
    • Политичките елити во трите земји користат исто сценарио за да ја претстават полезноста од инвестициите во ветерници во кое се потенцира дека станува збор за чиста енергија.
    • Нашето регионално истражување покажа дека при тоа се заборава да се потенцираат опасностите што ги носи изградбата на ветерните електрани.
    • Поради недостиг од капацитет на надлежните органи и поради желбата да се задоволат инвеститорите по секоја цена никој реално не мери колку при реализацијата на ваквите инвестиции се уништува природата.
    • Дали воопшто вреди да се субвенционираат капацитети кои чинат многу, а произведуваат релативно малку струја?

Чуден избор

Република Србија добива нешто помалку од три проценти (2,8) од својата електрична енергија од ветерници. Сепак, во последните години се зголемуваат инвестициите во овој тип на обновливи извори на енергија, а просечните инвестиции достигнуваат и до два милиони евра по мегават (MW). Она што може да се види на терен е дека бизнисмени/тајкуни блиски до власта почнаа да инвестираат во ветерната енергија. Во овој бизнис, се чини, како и претходно во малите хидроцентрали, најважен мотив им е профитот.

Срцето на безветерната Бачка

Примери за несоодветен избор на локации се Србобран и Бечеј. Двете општини во центарот на плодната Бачка, без посебен ветерен потенцијал, приватна компанија ги избра како локација за ветерна електрана со 75 ветерници високи околу 270 метри, на површина од околу 450 квадратни километри, во која ќе бидат вложени околу 600 милиони евра. Со моќност од околу 450 MW тоа би требало да биде најголемиот ветерен парк во Србија.

Како што наведува Зоран Јанковиќ, жител и одборник во локалниот парламент во Србобран, наместо да се избере Банат, кој е најветровиот дел на Војводина кадешто земјата не е толку плодна бил избран Србобран. Тој смета дека тоа е пред се‘ поради местоположбата, бидејќи тоа е местото каде што се вкрстуваат автопатите Сомбор-Зрењанин и Суботица-Нови Сад. Проблемите што ќе ги донесе изградбата се од економска природа, бидејќи жителите сметаат дека е безпредметно да се уништува плодното земјоделско земјиште, но и еколошки, бидејќи, како што вели Јанковиќ, никој не може со сигурност да гарантира дека се ќе биде направено согласно закон и пропишаните стандарди за изградба на вакви објекти.

Јанковиќ потсетува оваа општина веќе има проблем со нафтените извори, од кои локалната самоуправа нема ништо.

„Закупнината за минерали е само 3 отсто, а ние како локална самоуправа немаме контрола колку нафта се вади и колку треба да ни платат, туку добиваме колку ќе ни испрати НИС“, наведува тој.

Поради тоа лошо искуство, мештаните се решени да не дозволат изградба на ветерниот парк. Тие, исто така, покренаа петиција што ја доставија до администрацијата на АП Војводина, која е одговорна за проектот.

„Да се бориме, тоа секогаш ни останува, не се плашиме, се додека оваа глава е на рамениците, во нашата општина нема да има ветерници“, ни рече Јанковиќ.

Покрај петицијата, граѓаните поднеле и приговори за нацрт-просторниот план, а тоа го направиле и локалното ловечко друштво, како и еколозите.

Драган Курјачки од еколошкото движење „Србобран“ вели дека не држи вода приказната дека зелената енергија и ветернииците се јавен интерес во Србобран.

„И храната е од јавен интерес за нас. Можете да живеете без струја, но не можете да живеете без храна. Земјиштето е необновлив ресурс“, предупредува Курјачки.

Тој исто така забележува дека за една ветерница се неопходни околу 1.700 камиони материјал и затоа инвеститорите бараат да градат онаму каде што е најевтино. Турбините на ветерниците предизвикуваат бучава, но и топлина.

„Оваа област не е божја дарба за ветерниците бидејќи ако се погледне картата на ветрот, годишниот просек е 3 до 5 метри во секунда, тоа се 10-12 километри на час во просек“, додава Курјачки.

Тој смета дека ветерниците треба да се градат во ненаселени места како Стара планина, но дека таквите локации го поскапуваат производството бидејќи треба да се изгради придружната инфраструктура.

Од милион до два за мегават

Според податоците на Министерството за рударство и енергетика, до октомври 2024 година се изградени 11 ветерни електрани со вкупна моќност од 605 MW и приклучени на електроенергетскиот систем во Република Србија. Бидејќи ветерните електрани работат во просек 2.500 часа годишно, од горенаведените податоци произлегува дека вкупното производство на споменатите ветерници е до 1.500 GWh годишно.

„Според извештајот на Агенцијата за енергетика на Република Србија во 2023 година, вкупното производство од 37.693 GWh е остварено во електрани во Република Србија. Од тоа, ветерните електрани произвеле 2,8 отсто од вкупната произведена електрична енергија“, соопшти Министерството.

kolku e valkana chistata energija veternica 1

Големи инвестиции за релативно малку струја

 

Кога станува збор за инвестициите во ветерници, од Министерството велат дека е тешко да се утврди точно колкав е износот на вложените средства, бидејќи тие зависат од повеќе фактори. Пред се, од големината и капацитетот на самата електрана, од географската локација на проектот, моментот на набавка на опремата, дали е потребно да се изгради нов приклучок за електраната и слично.

„Исто така, вкупните инвестиции варираат во зависност од фазата на развој, т.е. дали електраната е во процес на изградба на инфраструктурата или електраната е изградена и бара само редовно одржување. Просечната сума на инвестиција може да биде од еден милион до два и повеќе милиони евра по мегаватна електрана“, наведуваат од Министерството.

Во досега изградените ветерни електрани доминантни се инвестициите на приватните компании, но од Министерството велат дека во оваа област се во изградба и проекти кои се во сопственост на државниот сектор.

Кога станува збор за стимулации за производство на електрична енергија од обновливи извори, тие се спроведуваат во одреден стимулативен период преку системот на пазарни премии и системот на повластени тарифи и се однесуваат на цената на електричната енергија, преземањето на билансната одговорност, право на приоритетен пристап до системот и други стимулации пропишани со закон.

„Од 2023 година стимулации се доделуваат исклучиво преку аукции. Аукциската постапка е дигитализирана, со што се обезбедува брзо, ефикасно и транспарентно спроведување на процесот во кој учесниците се натпреваруваат на јавен и конкурентен начин без дискриминација да ја пополнат квотата со најниска понуда и да добијат право на стимулативни мерки“, прецизираат од Министерството.

На овој начин, на крајот на минатата година, на првите аукции беа доделени стимулации за 400 MW ветерни електрани со вкупна инсталирана моќност од 685 MW, додека според планот за стимулативен систем за користење на обновливи извори на енергија за периодот од 2023-2025 година се планира да се доделат стимулации за ветерни електрани за вкупно 1.000 MW.

Голем потенцијал

Од Министерството тврдат и дека Србија има значителен потенцијал за изградба на ветерни електрани, наведувајќи дека фактори кои влијаат на овој потенцијал се географските и климатските услови, развиена енергетска мрежа која може да го поддржи поврзувањето на ветерните електрани, како и еколошки и економски фактори.

Во плановите за обновливите извори да сочинуваат значителен дел од производството на енергија до 2030 година, енергијата од ветерот се смета за клучен елемент за постигнување на тие цели.

„Потенцијалот за изградба на ветерни електрани во Србија е висок и оценката за ветерниот потенцијал според Стратегијата за развој на енергијата на Република Србија е 30.152 GWh годишно, но развојот зависи од инвестициите и натамошното подобрување на интеграцијата на ветерната енергија во електроенергетскиот систем“, велат од Министерството за рударство и енергетика.

Еколошки стандарди?

Драган Курјачки вели дека енергијата од ветрот е секако поисплатлива од фосилните горива, но дека е неопходно да се води сметка за еколошките стандарди. Тој додава дека е е важно за конкретен случај да се знае пресметката која покажува колку „валкана“ енергија е потрошена за производство на „чиста“ енергија.

Од еколошка гледна точка, додава тој, работата е проблематична и кога се гледа живиот свет како птиците, дивите животни или пчелите, кои, како што покажа искуството, не одат во близина на ветерници.

„Без пчели нема опрашување, значи нема култури, нема ништо“, предупредува Курјачки.

Тој додава дека во конкретниот случај на Србобрана се‘ уште не е направена студија за влијанието врз животната средина, бидејќи проектот е само во подготвителна фаза, но додава дека тие често се избегнуваат под разни изговори.

kolku e valkana chistata energija veternica 2

Демне опасност за живиот свет

 

Од друга страна, од Министерството за рударство и енергетика посочуваат дека една од задолжителните анализи при издавање енергетска дозвола е анализа на влијанието врз животната средина. Таа анализа, додаваат, содржи оценка за влијанието на реализацијата на проектот врз непосредната животна целина на локацијата или објектот во кој се спроведува проектот.

„Анализата на влијанието врз животната целина особено опфаќа квалитативно и квантитативно прикажување на можните значајни влијанија од реализацијата на инвестицијата врз животната средина, особено во однос на квалитетот на воздухот, водата, почвата, нивото на бучава, интензитетот на вибрациите, топлината и зрачењето; здравјето на населението; метеоролошките параметри и климатските карактеристики; екосистемот; населението, концентрацијата на населениеето и миграцијата; намената и користењето на површината, користењето на земјоделско, шумско и водно земјиште и слично; комуналната инфраструктура; природните добра од посебна вредност и недвижни културни добра и нивната околина и слично; пејзажни карактеристики на просторот“, потенцираат од Министерството.

Исто така, додаваат, се изработува студија за оцена на влијанието врз животната средина за законски пропишани објекти и објекти во смисла на законот со кој се регулира оцената на влијанието врз животната целина.

„Покрај тоа, за да се изгради ветерна електрана потребно е да се креира стратегиска оцена на влијанието врз животната средина при креирање на плански документ, потоа да се создаде проект за студија за оцена на влијанието врз животната средина која вклучува детално следење на сите фактори на животната средина со акцент на птиците и лилјаците, а дополнително, сите големи проекти кои се финансирани од меѓународни финансиски институции мора да изготват студија за влијание не само врз животната средина туку и врз општеството за да се обезбеди финансирање“, велат од Министерството.

Паралели

Од гледна точка на енергетиката, вели Ѕвездан Калмар од Центарот за екологија и одржлив развој (ЦЕКОР), неопходно е да се набљудува целосното кумулативно влијание на технологијата неопходна за изградба на ветерници, нивна инсталација и нивна интеграција во системот. Овде, додава тој, всушност се работи главно за огромните последици од ископувањето на нови минерали кои се неопходни за да се произведе доволно технологија во голем обем, пред се батерии, но и други компоненти неопходни за работа на ветерниците.

„Не можеме да ги гледаме обновливите извори на енергија изолирано од оние што обезбедуваат технологии, како што тоа го правиме со фосилните горива, каде што во технологијата за добивање фосилни горива имаме и последици како што се загадување на водата, загадување на воздухот и почвата, рушење на куќи во близина на рудници, ерозија и климатски промени. Со истиот аналоген процес мораме да го набљудуваме кумулативното влијание на ветерниците“, ни рече Калмар.

kolku e valkana chistata energija veternica 3

Ветерници е најдобро да се градат во веќе уништени средини

 

Друга важна димензија е времето, бидејќи и со обновливи извори имаме амортизација на опремата, тогаш ќе треба да ги менуваме батериите, ќе се случат разни несреќи.

„И ние мора да броиме и за обновливите извори на енергија преку ископ на ретки минерали, преку рециклирање што е проблематично. За бакар, се очекува дека до 2060-2070 година ќе бидат потребни околу 100 милиони тони месечно за да се воспостави глобален систем за обновлива енергија. Сега измисливме даноци за CO2 и очекувам во иднина да се воведат истите даноци како товар за обновливите извори на енергија“, истакна нашиот соговорник.

Кога станува збор за потенцијалот за ветерниците во Србија, Калмар вели дека тој постои, но не мисли на оној на кои сите прво помислуваат – Банат.

Тој, исто така, смета дека ни случајно не треба да се дозволи изградба на ветерни електрани на плодно земјоделско земјиште, што во моментов се прави, а што Законот за земјоделско земјиште не го дозволува. Неговиот став е дека е неопходно да се воведе мораториум за користење на земјоделско земјиште за изградба на ветерни електрани бидејќи тие го уништуваат земјиштето така што и по нивното отстранување нема да може да се направи земјоделско производство.

Според него, локациите каде приоритетно треба да се градат ветерници, односно полиња со ветерници, како и соларни централи, се рудници, пепелници, депонии.

„Само во Костолац може да се вградат повеќе од еден гигават, без да се зборува за Колубара, тој регион е секако уништен за земјоделство. Имате стотици напуштени рудници во Србија и можете да ставите соларни панели и ветерници насекаде“, рече тој. Што се однесува до мерењето на јачината на ветерот и другите услови на животната средина, Калмар вели дека картата на ветерот е направена, но дека најоптималните места не можат да се користат за ветерници бидејќи тие се преселни зони за птиците.

Калмар, исто така, смета дека клучот и столбот на енергетскиот систем на Србија треба да бидат Гердап 3, Бистрица и уште неколку големи хидроцентрали, додека ветерниците и соларните панели можат да бидат само „украс на елката“.

„Тоа не се елки, не се тоа зеленото. Тие не се систем, само додаток на системот“, заклучува Калмар.

Тој посочува дека посебно проблематичен е ставот дека странските компании внесуваат капитал со изградба на ветерни паркови, бидејќи тие прво „на незаконски и противуставен начин“ добиваат градежни дозволи од властите, а потоа врз основа на нив добиваат кредити од банките.

„Значи, тој всушност донел ‚ ташна-машна‘, широка насмевка и поддршката од неговата влада и нула евра капитал“, посочува Калмар.

Загрозена убавина

Кога во декември 2021 година започнаа градежните работи за изградба на ветерната електрана „Ивовик“ на истоименото брдо покрај градот Ливно во Босна и Херцеговина, дел од жителите биле непријатно изненадени. На нивната земја, без никакво известување или согласност, почнаа да никнуваат турбини. Во обид да ја заштитат својата сопственост, тие се обратиле до градските институции, каде што откриле дека во новите евиденции тие воопшто не се наведени како сопственици на спорните парцели.

„Тоа е сложен процес кој трае веќе долго време. Во суштина, земјата на луѓето е одземена незаконски. Првиот дел од оваа приказна се сведува на измами од страна на некои наши сограѓани, кои нашата огромната парцела ја префрилиле на своја сопственост. Тоа беше направено за да се префрлат огромните површини на неколкумина сопственици, кои пак соработуваа со човекот што имаше концесија на Ивовик. Ова беше направено за тој да може да ги добие сите потребни дозволи за проектот да се реализира. На крај се покажа дека тие приватни површини преминаа во сопственост на Град Ливно, односно на Кантонот 10. Сега се одолговлекува со конечната разрешница на имотно-правните односи,“ вели еден од жителите на селото Добро, чие земјиште е узурпирано од ветерната електрана „Ивовик“.

Поради судскиот процес кој го започнал, тој побара неговиот идентитет да не се објавува. Во својата борба не е сам, бидејќи многу негови сограѓани се наоѓаат во слична ситуација.

„Некои имаа потпишано договори со компанијата што ја гради ветерната електрана, но јас немам, ниту останатите што ги познавам. Повеќето луѓе сакаат соодветна компензација; работата на ветерната електрана не може да се запре. Меѓутоа, тие нудат компензација само за делови од парцелите. Што ќе ми е парцела на која во средината има столб од ветерната електрана? Има луѓе кои планираа да градат планински куќички за издавање поради убавиот поглед на Ливањското Поле. Сега тоа е невозможно,“ нагласува тој.

Адвокатот Перица Бабиќ од Ливно е правен застапник на жителите чие земјиште стана дел од ветерната електрана „Ивовик“ без нивно знаење и согласност. Како што објаснува, неговите клиенти во старите евиденции се наведени како сопственици на спорното земјиште, додека во новите евиденции ги нема. Градежните работи на ветерната електрана не можеле да ги запрат.

„Колку што ми е познато, има околу десетина спорни имоти. За еден имот еден клиент се согласи, меѓутоа тие зазедоа и друг имот. На повеќето клиенти што ги застапувам, примарен интерес им е да ја зачуваат дедовината. Тие имоти со години ги прехранувале нивните семејства,“ потсетува адвокатот Бабиќ.

Мештаните тврдат дека ветерните електрани се градени на нивно земјиште без нивна дозвола

Познато по силните ветрови кои дуваат таму во текот на зимата, Ливно и неговата околина претставуваат атрактивно место за изградба на ветерни електрани. Токму тоа доведе до вистинска експанзија на концесии на ридовите и планините околу овој град.

„Имаме просторен план од 1979 година. Во меѓувреме, кантонот (Кантон 10, административен дел на БиХ) додели десетици концесии. Мислам дека повеќе од 25% од просторот на овој кантон веќе е под концесија. Веќе имаме изградени вакви проекти, дури и на приватно земјиште, каде ќе имаме минимални концесиски надоместоци. Ние како локални жители не сме против инвестиции, но не на било кое место, не на највредните земјишта, и не на начин што локалната заедница, ние и нашите идни генерации, од тоа немаме никаква корист,“ предупредува активистот од Ливно, Ивица Брeшиќ.

Тој повикува на итна ревизија на концесиските договори, но и на зголемување на концесиските надоместоци и воведување фиксни надоместоци, за локалното население да има повеќе придобивки од ветерните електрани отколку што има сега.

„Не сме доволно силни за да запреме некои светски трендови, но треба да бидеме паметни за да ги оддалечиме тие објекти, за да не им пречат на луѓето. И треба да бидеме паметни за од тоа да имаме барем некаква корист. На пример, ако ветерната електрана не работи, нема делови или фирмата отишла во стечај, просторот сепак е зафатен. Значи, насекаде во светот се плаќа некој фиксен надоместок, без разлика на производството. Тие договори може да траат 15-20 години, за време на кои ништо не се прави на тој простор, што оди на штета на локалната заедница, а сите тие договори се потпишани за да им се погодува на идните инвеститори. Тие не се оние што ја добиле концесијата, туку само ја препродаваат документацијата на други играчи,“ предупредува Брeшиќ.

Тој потсетува на повеќе случаи каде локалните власти одзеле приватно земјиште од жителите и го предале на инвеститорите. Вистинските сопственици потоа биле доведени во позиција да прифатат многу ниски надоместоци за својата сопственост.

„Имате ситуација во Гламоч (соседен град на Ливно), каде што, не знам според кој закон, е прогласен јавен интерес за изградба на ветерен парк, каде луѓето се принудени да ја продаваат земјата за 30 фенинзи. Слична приказна има и во Ивовик. Само е прашање колку ќе ги принудат луѓето да прифатат цена од 4-6 марки (2-3 евра по квадратен метар),“ вели тој.

Уништување на недопрена убавина

Недалеку од Ливно се протега планината Цинцар, на која живеат околу илјада диви коњи. Ова подрачје, поради својата природна убавина и големиот број диви коњи, е привлечно за туристите. Во околината на Ливно работат туристички агенции кои организираат излети на планината Цинцар и дружење со овие животни.

Сопственикот на една од ваквите агенции, Марин Мамузa, е загрижен за тоа како изградбата на дополнителни ветерни електрани би влијаела на овој прекрасен пејзаж.

„Со самата дополнителна изградба на нови ветерни електрани на тоа подрачје, мислам дека тоа подрачје би се деградирало, односно би ја изгубило својата дивина, што е суштината на ова место и со што сите се гордееме. За мене лично, тоа подрачје треба да остане недопрено, природата да остане како што е. Тоа не значи дека не може да се градат ветерни електрани на други места. Има други полиња и ридови каде ветерот добро дува, а кои не се историски или природно значајни. Таму изградбата нема да загрози други аспекти,“ вели Мамузa.

Се планира изградба на ветерници во недопрена природа која е дом на илјада диви коњи

Надеж му дава новиот закон, кој сè уште не е во сила, а кој им овозможува на општините и градовите сами да прогласуваат заштитени подрачја. Сепак, тоа носи и одговорност од која често се избегнува. Мамузa гледа многу повеќе придобивки за локалната заедница преку туризмот.„За разлика од другите концесии или ветерни паркови, кои влијаат на истите подрачја каде што се развива туризмот, туризмот нуди директна финансиска корист за луѓето. Тие можат да изнајмуваат станови, викендички, да продаваат домашни производи или да нудат туристички услуги. Од друга страна, придобивките од концесиите и ветерните електрани доаѓаат индиректно. Парите, кои се околу 1% од приходите, прво одат во кантонскиот буџет, а потоа нивната распределба зависи од политиката,“ објаснува тој.

Демне еколошка катастрофа

Покрај правните малверзации, ветерниците се поврзани и со негативни влијанија врз животната средина во некои случаи. Иако се работи за производство на струја од обновливи извори, што е многу почисто од, да речеме, термоцентралите, тоа не значи дека со себе не носи некои други опасности. Особено во случаи кога ветерниот парк не е развиен според правилата.

„Ние како Центар за животна средина на ветерните електрани гледаме како на обновлив извор на енергија. Но, сè што правиме има влијание врз животната средина, а тие се навистина обновливи само во случаи кога се прават квалитетни студии за влијанието врз животната средина и кога локалната јавност е нужно вклучена во нивното планирање и позиционирање. Досегашните информации за Ливно се дека многу често, како и во останатиот дел од државата, јавните расправи или отсуствувале или биле водени на начин што биле бесмислени“, предупредува Игор Калаба од невладината организација „Центар за животната средина“, лоциран во Бања Лука.

Според информациите со кои располага Центарот, одреден број концесии не се искористени иако се доделени пред десет години. Овде се поставува прашањето дали се уште важат елаборатите што се правеа во тоа време.

„Генерално, студиите за влијанието врз животната средина низ целата земја многу често се слабо направени за рудници, за хидроцентрали, за ветерни централи. Значи, немаме премногу верба во повеќето студии. Кога станува збор за фармите на ветер, има првенствено влијание врз популацијата на птиците и лилјаците, особено таму каде што има миграциски рути. Од друга страна, тие влијаат и на луѓето што живеат таму. Ако се блиску, ја има таа бучава, која е помала отколку на почетокот на развојот на ветерните централи, но сепак ја има. Тука е и психолошкиот фактор за промена на средината во која сте израснале. Оваа естетска категорија и нејзиното влијание врз менталното здравје на луѓето не смее да се потцени“, предупредува Калаба.

Тој додава дека најчистата енергија е токму енергијата што ја штедиме и за која не мораме да создаваме нови погони.

„Она што ни треба е детална и висококвалитетна енергетска стратегија која би ги земала предвид нашите реални потреби. Ветерните електрани содржат индустриски масла за подмачкување итн. кои се токсични, а бидејќи се работи за карстно подрачје (Ливањско поле) кое е многу порозно, не може да се потцени влијанието врз подземните води и воопшто врз екосистемот во случај на несреќа“, предупредува тој.

Во Босна и Херцеговина моментално работат четири ветерни електрани со околу 55 турбини. Четири се во процес на изградба и добивање дозволи, а изградбата на уште најмалку две е најавена.

Во Република Српска досега се доделени концесии за изградба на три ветерни електрани со вкупна инсталирана моќност од околу 165 MW, но ниту една сè уште не е изградена. За сите електрани се спроведуваат активности за добивање потребни согласности и дозволи. Очекувањата се дека ветерната електрана Гребак (Невесиње) ќе биде изградена во следната година, додека другите две електрани (Берковиќи и Билеќа) се планираат за 2026 година, се вели во одговорот од Министерството за индустрија, енергетика и рударство на РС, од каде додаваат дека истражувањата покажуваат значителен ветерен потенцијал, со просечна брзина на ветерот од 7,7 м/с на висина од 50 метри. Техничкиот потенцијал за ветерни електрани изнесува околу 640 MW на 13 перспективни локации, главно во Херцеговина.

„Бруто-производството на електрична енергија во Босна и Херцеговина во 2023 година изнесува 17.186 GWh, од кои 6.761 GWh или 39,34% се произведени во хидроцентрали, 9.389 GWh или 54,63% во термоелектрани и други (индустриски централи и други соларни централи) произвеле 1.036 GWh, т.е. 6,03 отсто“, се наведува во годишниот извештај на Агенцијата за статистика на БиХ.

На веб-страницата на Сојузното Министерство за енергетика, рударство и индустрија е достапен „Водич за инвеститори во електроенергетскиот сектор во БиХ“, кој објаснува дека надлежното министерство или друго тело на БиХ назначено од Советот на министри на БиХ да концесиите за грантови се одговорни за доделување концесии на ниво на БиХ. Кога станува збор за меѓуентитетски и меѓудржавни проекти, одговорни се надлежните министерства и Државната комисија за концесии.

Во Федерацијата БиХ, која се состои од 10 кантони, јурисдикцијата е поделена меѓу институциите на ФБиХ и кантоните, односно општинските власти, во зависност од видот и големината на енергетската централа. Во РС, јурисдикцијата е поделена помеѓу ентитетско и општинско ниво. Во округот Брчко, округот Брчко има ексклузивно овластување да ги издава сите потребни дозволи. Концесиите на ниво на БиХ се доделуваат на два основни начини, преку тендер и преку самоиницијативна понуда“, објаснува Водичот. Времетраењето на концесијата може да биде подолго од 30 години, во исклучителни околности 50 години.

По секоја цена

Инвестиција вредна 500 милиони долари – ова беше првата најава на премиерот Христијан Мицкоски само неколку дена откако седна во фотелјата во белата зграда на Илинденска број 2. Пред крајот на јуни стигна и објавата на компанијата „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург дека изградбата на паркот со 55 ветерници меѓу Карбинци, Штип и Радовиш треба да стартува на почетокот на 2026 година. Капацитетот е предвиден на 400 мегават часови.

Се проценува дека проектот ќе создаде повеќе од 630 работни места во градежништвото и штом биде оперативен, ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на над 100.000 домаќинства годишно, притоа избегнувајќи ослободување на преку 670.000 тони CO2 годишно“, стои во соопштението на компанијата.

И основачите на „Алказар“ и премиерот Мицкоски сметаат дека е ова голем чекор напред.

Возбудени сме што ќе започнеме голем проект на ветерна фарма во Западен Балкан, обезбедувајќи ѝ на Северна Македонија чиста и достапна електрична енергија, како и создавање локални работни места“, рече косопственикот на „Алказар енерџи“, Даниел Калдерон.

„Стоиме на прагот на најголемата инвестиција во обновливите извори на енергија што некогаш сме ја имале“, се пофали премиерот Мицкоски.

Два ветерни парка активни, уште два се спремаат да вртат

Во моментов во Македонија се активни два ветерни парка – еден на државната ЕСМ и еден на приватна компанија.

Паркот на ветерни електрани „Богданци“ е под капата на ЕСМ. Таму во моментов е реализирана само првата фаза со инсталирана моќност од 36,8 MW. Инвестицијата е околу 50 милиони евра. Втората фаза треба да донесе дополнителен број ветерници со што вкупната инсталирана моќност би достигнала 50 MW. Изградбата на првата фаза од овој парк заврши во февруари 2014 година, а во март веќе беше приклучен на мрежа преку трафостаницата во Валандово. Во втората фаза треба да се постават од 4 до 6 турбини.

„Во тек се подготвителни активности за втората фаза, но повеќе детали би имале во почетокот на следната година“, велат од ЕСМ.

kolku e valkana chistata energija veternica bogdanci

Ветерниците коишто во моментов работат користат повластени тарифи, а откупот им е загарантиран во период од 20 години

Секоја турбина во Богданци е со моќност од 2.3 MW. Ветерниот парк во моментов испорачува околу 100 GWh струја, доволно за снабдување на 60.000 граѓани на годишно ниво.

Вториот ветерен парк „Богословец“, пак, е на приватната компанија „ТХОР ИМПЕКС“ од Скопје и се наоѓа кај Свети Николе и Штип, со инсталирана моќност 36 MW. Овој парк со работа почна во јуни 2024. Инвестиција изнесува околу 60 милиони евра.

Податоците на надлежните покажуваат дека за девет месеци, „Богданци“ и „Богословец“ произвеле вкупно 103 GWh.

Освен овие два парка, уште еден ветерен парк на компанијата „Калтун“ во декември 2024 година почна со пробна работа. Се гради и уште еден ветерен парк на словенечката „Интеренерго“ на потегот меѓу Стојаково и Селемлии во Богданци што треба да произведува 72 гигават часови електрична енергија и да ги покрие потребите на 18 илјади домаќинства.

Учеството на ветерниците скромно, повеќе нема повластени тарифи

Ветерниците коишто во моментов работат користат повластени тарифи, а откупот им е загарантиран во период од 20 години. Сепак, учеството на ветерниците во вкупното производство на струја е скромно.

„За наведените ветерници има повластени тарифи во износ од 89€/MWh и загарантиран откуп на целото производство на електрична енергија во период од 20 години. Во 2023 година, двете ветерни електроцентрали (АД ЕСМ Скопје и ТХОР)  произвеле вкупно 164 GWh електрична енергија и истото изнесува 2,51 % од вкупното производство“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објаснуваат дека повластениот производител кој користи повластена тарифа, врз основа на мерењата од страна на операторот на електропреносниот, односно електродистрибутивниот систем на кој е приклучена електроцентралата, доставува фактура за испорачаната електрична енергија за календарски месец до операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО), кој е должен да ја откупи целокупната произведена електрична енергија од повластени производители кои користат повластена тарифа.

Сепак, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски вели дека со последниот Закон за енергетика од 2018 година, повеќе нема можност да се користат повластени тарифи за ветерници.

„Во Македонија ветерници коишто ќе користат повластени тарифи, максимумот е 160 MW, од коишто две се веќе направени. Едната е во Богданци којашто користи 37 MW, другата е во Свети Николе („ТХОР“) којашто е 36 MW и во фаза на градба се уште две ветерни електрани. Едната е на „Интеренерго“, а другата е на „Калтун“. Така што, повеќе нема да користат повластени тарифи. Освен овие, сите останати коишто ќе се градат во државата ќе си продаваат електрична енергија на слободниот пазар по пазарни цени “, објаснува Бислимоски.

Инаку, надлежните го проценуваат потенцијалот за изградба на ветерни електроцентрали на 750 MW.

Колку е чиста „чистата енергија“?

Енергетската криза ја откри ранливоста на Македонија која дотогаш се потпираше на стари капацитети за производство на струја од јаглен и мазут. Тоа значеше забрзување на процесот на енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија. Значително порасна бројот на капацитети за производство на струја од сонце, ветер и вода. Тоа придонесе за поголема енергетска независност, но во исто време ги откри и ризиците по животната средина.

Малите хидроцентрали почнаа да ги убиваат македонските реки, а фотоволтаици се поставуваа и на плодно земјоделско земјиште. И ветерниците не се „невини“ – ризик има и во градежната и во оперативната фаза.  За време на изградбата се пробиваат патишта, тешка механизација влегува на чувствителни терени, присутна е и потенцијалната опасност од хаварија. Дополнително, се менуваат пејсажните вредности, се нарушува животната средина, има опасност по подземните води поради опасноста од истекување масла.

Оперативната фаза, пак, е кога ветерниците ќе почнат со работа и носи ризици по фауната. Вртењето на турбините има негативно влијание врз птиците, лилјаците и другиот жив свет.

Универзитетскиот професор од Институтот за географија при ПМФ, Ивица Милевски за „ДОМА“ одамна предупреди дека ветерници не треба да се поставуваат во близина на заштитени подрачја и национални паркови, или во вископланинските делови, на надморска височина од над 1.800 метри. Тој смета дека освен погодностите, мора предвид да се земат сите ограничувања и ризици.

„Не смее да се експериментира дури и со вакви „зелени“ извори на енергија. Кај нас, единствено се зема предвид студијата за тоа колку поволни ветрови има, и сега, одиме има погоден ветер на Јабланица на 2.200 метри, на Бистра, на Јакупица, на Беласица. Навистина, на крај можеме да завршиме со комплетно руинирани, уништени планински предели над 2 илјади метри“, предупреди Милевски.

Ресорното министерство, пак, потсетува на законските обврски.

„Согласно Законот за градење и Законот за животна средина, при издавањето на дозвола за градба, инвеститорот е должен да изработи Студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, односно елаборат за заштита на животната средина, одобрени од надлежен орган“, велат од Министерството.

Од друга страна, професорот Константин Димитров од МАЦЕФ смета дека иако потенцијалот треба да се искористи, сепак, преносната мрежа се презаситува, а и треба да се води сметка за ризиците.

 „И овој вид на енергија не е толку „невин“ во однос на природата, има доста студии кои ги покажуваат штетните влијанија на овие постројки “, вели Димитров.

Очигледно е дека расте интересот за производство на струја од обновливи извори на енергија, вклучително и од ветерни паркови. Сепак, евидентно е дека треба предвид да се земат и предностите и опасностите и да не се дозволи, енергетски спас да се бара на сметка на животната средина.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Мартин Пушевски, Далибор Ступар (Србија), Вања Стокиќ и Ајдин Камбер (БиХ)

Сниматели: Наке Батев и Ајдин Камбер

Фото: Дарко Андоновски и Ајдин Камбер

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Сподели