Мали хидроцентрали, големи тајни
Транспарентност при носење закони, менување уредби, градење и промоција на мали хидроцентрали, а комплетна затвореност во однос на исплатата на парите кои државата им ги исплатува на фирмите. Истражувањето за тоа во кои фирми завршуваат најголемиот дел од државните средства наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија (малите хидроцентрали, фотоволтаичните системи, ветерните централи и централите на биогас) води кон лавиринт од институции, од кои како краен заклучок може да се извлече дека станува збор за доверлива информација, и покрај тоа што станува збор за пари од џебот на граѓаните.
Според член 8 од Законот за класифицирани информации, „класифицираната информација со степен „ДОВЕРЛИВО“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Северна Македонија“.
За каков важен интерес на државата станува збор кога се кријат парите кои се слеваат од државата (во случајов од Националниот оператор на пазар на електрична енергија „МЕМО“ ДООЕЛ) во приватни фирми кои се бават со обновливи извори на енергија, засега останува непознато.
Инаку, овие фирми се на поранешни функционери, на лица блиски до власта, опозиционери и странци – тие се главните инвеститори во бизнисот со струја добиена од обновливи извори на енергија, а меѓу нив се и фирмите кои директно или индиректно се поврзуваат со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Како што веќе објавивме, шест проценти од сите сметки што граѓаните ги плаќаат за струја се наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија. Хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали произведува скромно количество електрична енергија, но сумите што легнуваат на фирмите што ја произведуваат се прилично високи. За 10 години, од 2010 до ноември 2020 се одлеале 91 милиони евра како трошоци за произведена електрична енергија од повластените производители на електрична енергија, во случајов малите хидроелектрани.
Овластените производители коишто користат повластени тарифи учествуваат со само 6,17 проценти во произведената електрична енергија од домашни производители, а еколошките здруженија реагираат дека малите хидроцентрали прават значителни штети врз животната средина во еколошки сензитивни подрачја. Тие се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи, преку АД „МЕПСО“, односно преку фирмата-наследник „МЕМО“ ДООЕЛ, друштво формирано во 2019, кое од Регулаторната комисија за енергетика ја добива лиценцата за организирање и управување со пазарот на електрична енергија.
Во самата лиценца што ја добива „МЕМО“ ДООЕЛ од Регулаторната комисија, на 25 септември 2019 година, стои дека „Националниот оператор е должен да обезбеди и да гарантира доверливост на деловните податоци од склучените договори на учесниците на пазарот на електрична енергија“.
Извадок од лиценцата за работа на „МЕМО“
Од кои причини е направено ова, останува нејасно – на 12 февруари годинава се обративме до „МЕМО“ ДООЕЛ со прашања на оваа тема, а телефонски го контактиравме и директорот на „МЕМО“, Симон Шутиоски, но до моментот на објавувањето на сторијата, не добивме одговори.
Никој не знае кој располага со податоците за одлеаните средства во приватните фирми за мали хидроцентрали
Прашањето колку пари од џебот на граѓаните се слеале одделно во секоја компанија којашто се занимава со производство на електрична енергија преку малите хидроцентали доведува до хаотичен лавиринт меѓу институциите од кои тешко може да се излезе.
Првично, поставивме прашање до АД „МЕПСО“ во јануари 2021, а одговорот беше дека не се во можност да достават финансиски податоци за исплати по основ на производство на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори (поконкретно мали хидроцентрали) поради тоа што „договорите содржат клаузула на доверливост која исклучува можност за објава на бараните податоци“.
Од компанијата се повикуваат на договор којшто е на сила од октомври минатата година, каде што во членот 33, во однос на доверливоста на податоците, стои дека „договорните страни се согласни да обезбедат доверливост на сите податоци и информации кои ги разменуваат и тие информации и податоци да ги користат исклучиво за извршување на нивните обврски коишто произлегуваат од Договорот, како и од Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и соодветните мрежни правила“.
На нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер доставено до АД „МЕПСО“, со кое баравме „листа на десет сопственици/фирми на кои „МЕПСО“ им исплатил најмногу пари во периодот од 2010-2019 година за откуп на струја по повластени тарифи“, добивме одговор дека „барањето ќе се препрати до имателот на информацијата, во случајов, новоформираниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ“.
Принтскрин од барањето испратено од „МЕПСО“ до „МЕМО“
Тука наидовме на уште една пречка во обидот да дознаеме колку пари во која фирма се влеале во сегментот на субвенционирањето на обновливите извори на енергија. Операторот на пазарот на електрична енергија „МЕМО“ ДООЕЛ, според одговорот што го добивме, сè уште не бил регистриран во Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер и во моментот бил во постапка на регистрација. Ова практично би значело дека додека МЕМО ДООЕЛ не се регистрира како имател на информации од јавен карактер, истите информации се тајни, а во вториот дел од дописот, дополнително пишува дека тие поседуваат информации за исплати само за последните три месеци од 2019 година.
Извадок од одговорот што го добивме од „МЕМО“
„Со оглед на фактот дека Националниот оператор на пазар на електрична енергија „МЕМО“ ДООЕЛ Скопје започна со работа од 1 октомври 2019 година, друштвото поседува информации за исплатени средства на централи за производство на електрична енергија само за три месеци и тоа октомври, ноември и декември 2019 година“, се вели во дописот на „МЕМО“. Оттаму додаваат дека сите останати информации ги поседува „МЕПСО“ – истата институција која претходно нè насочи кон фирмата-наследник.
Во сиот овој лавиринт, во неможност да се дојде до бараната информација кога топката се префрла од еден на друг, се обративме до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од каде што ни изјавија дека секоја државна институција е должна да одговори на барањата за слободен пристап до информации, од моментот кога е формирана.
„Листата на иматели на информации е менлива и без разлика дали институцијата се наоѓа на нашата листа или не, таа е должна да одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од моментот кога една државна или јавна институција се формира, таа автоматски станува имател на информации од јавен карактер“, велат од Агенцијата.
Ова практично го фрла во вода известувањето од „МЕМО“ ДООЕЛ дека не може да ни ги достави бараните податоците бидејќи не била регистрирана во Агенцијата, но сепак две прашања остануваат да висат во воздух, а тоа е оправданоста за тоа дали овие информации се доверливи и кој е всушност имателот на истите – „МЕПСО“ или „МЕМО“ ДООЕЛ, како фирма наследник, со оглед на тоа што двете компании си ја префрлаат топката.
Податоците не смее да бидат тајни
Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија (ИДСЦС) кога станува збор за пари на граѓаните, транспаренстност на податоците околу исплатите на таканаречената повластена тарифа мора да има.
„Повластувањето, или субвенциите се резултат на одредена политика и според тоа, доверливоста не може да биде оправдувана како во други димензии на пазарната економија. Во моментот кога се дава повластување, со тоа што дел од трошокот се префрла на товар на корисници или даночни обврзници (во смисла на тоа како се плаќа субвенцијата) тогаш принципите на транспарентност важат како и за другите државни институции. Таквите податоци не можат да бидат тајни“, вели Поповиќ.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата нè упатија за доверливите податоци за јавните пари првично да се обратиме до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и до Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Дополнително, сакаме да ве известиме дека доколку има наоѓање на определени сомневања или наводи во тој случај ДКСК може да постапува“, изјавија од ДКСК.
Отстранета доверливоста за субвенциите на странските инвеститори
Слична ситуција, кога слевањето пари од даночните обврзници на сметките на приватните компании беа обележани како „доверливи“, имаше пред повеќе од 3 години, кога како доверлив податок се сметаа договорите меѓу македонската Влада и странските инвеститори кои добиваа субвенции. Доколку некој се обидеше податок за тоа колку пари давала поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ на странските инвеститори во земјава, како и предвидените вработувања, ќе дојдеше до документи каде сумите се обележани со XXX.
Откако на власт дојде СДСМ, ја тргна доверливоста на овие документи, по што беа обелоденети информации дека Владата давала и субвенции од 11 илјади евра за едно работно место, онаму каде што странските компании се одлучувале да инвестираат во земјава.
За сите овие прашања, како што бевме упатени од ДКСК, се произнесе и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, откако им ги испративме сите документи што ги поседуваме.
„Утврдувањето на тоа дали една информација е од класифициран карактер се врши согласно точно утврдени критериуми содржани во членот 6 став 1, точка 3 од Законот за класифицирани информации, меѓу кои е и критериумот информацијата да се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата. Со оглед дека наведените информации не го исполнуваат наведениот критериум, истите не се сметаат за класифицирани информации“, ни изјавија од Дирекцијата.
Оттаму појаснуваат дека создавачот е оној којшто ја создава/одредува класифицираната природа на информациите/документите. Како создавач може да се јави секоја институција, односно државен орган или правно лице во земјата, а во случајов станува збор за АД „МЕПСО“, односно правниот наследник, „МЕМО“ ДООЕЛ.
„Пред да се бара одговорност или санкции за имателите на информации, потребно е да се спроведе тест на штетност со кој ќе се утврди дали со објавувањето на таквата информација, последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата. При спроведувањето на тестот на штетност, се применуваат одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ако со класифицираната информација се прикрива пречекорување на овластување, злоупотреба на функцијата или некое друго незаконско дејствие, односно казниво дело, таквата информација нема да се смета за класифицирана. Оттука, во случаи кога се работи за сомнеж за корпуција и судир на интереси, Државната комисија за спречување на корупцијата е надлежен орган за постапување по пријави од физички и правни лица“, велат од Дирекцијата.
Во меѓувреме, поднесена е жалба и до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. До Агенцијата се жалиме поради неможноста да се утврди кој е всушност имателот на информациите за одлеаните пари на граѓаните за повластен откуп на струја од мали хидроцентрали.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев меѓу најголемите „играчи“
Во регионалното истражување „Кој плаќа, а кој заработува“, изработено од најголемата мрежа на еколошки организации „Бенквоч“ во текот на 2019 година, а во врска со обновливите извори на енергија, опфатена е и Македонија; насловот на анализата за нашата држава гласи „Мал придонес, голема штета“.
„Листата на производители кои добиваат субвенции е достапна во теорија, но не се наведува кој колку добива и листата не се ажурира редовно“, се констатира во извештајот.
Во анализата стои дека најголем дел од субвенциите преку повластените тарифи ги добива групацијата „Фероинвест“, која поседува над 20 електрани, што е речиси една третина од вкупната бројка на мали хидроелектрани во земјава. „Фероинвест“ е во сопственост на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, неговиот брат Тодор Анѓушев и на Никола Гравчев.
Браќата Тодор и Кочо Анѓушеви меѓу првите во бизнисот со мали хидроцентрали во земјава
На веб-страницата на компанијата стои дека секторот „мали хидроцентрали“е национален лидер во производството на чиста електрична енергија од 25 мали хидроцентрали.
Во 2018 година, токму Анѓушев како вицепремиер беше еден од оние кои го презентирале Предлог-законот за енергетика, кој беше усвоен на владина седница. Тој тогаш изјави дека со законот се овозможува зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија, при што Владата ќе работи да ги искористи сите расположливи потенцијали за производство на електрична енергија од сонце, ветер и вода.
Во ноември 2019 година, Анѓушев ја најави својата оставка со образложение дека не му е место во техничката Влада. Во јануари минатата година тој повторно застана на чело на „Фероинвест“, компанијата ко-сопственик на повеќе од 10 други компании, од кои најголем дел се бават со производство на електрична енергија.
Владата пред Нова година им ги продолжи договорите на неколку концесионери на мали хидроцентрали, меѓу кои и на „Хидроген енерџи груп“, фирмата во која удел има ексвицепремиерот Кочо Анѓушев. Таа поседува концесија за изградба на две МХЕЦ во зона на строга заштита во Националниот парк „Маврово“.
Се работи за двете хидроцентрали над селото Жировница, познати како Жировница 5 и 6, на кои пред две години Општина Маврово-Ростуше им ја укина дозволата за градба по бурните реакции на локалното население, кои протестираа поради опасноста селото да остане без вода за пиење.
Според податоците од АД „МЕПСО“, од 2010 година до ноември 2020 повеќе од 229 милиони евра биле трошоците за произведена електрична енергија од повластените производители на електрична енергија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинарка: Мери Јордановска
Повеќе на темата: Милионери на наша сметка