fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
milioneri na nasha smetka featured 1 1

Милионери на наша сметка

Бајка за малкумина

Граѓаните на Македонија, на Србија и на Босна и Херцеговина, освен заедничкото минато во поранешна Југославија, ги врзува уште една приказна. Тие станаа жртви на силното енергетско лоби коешто, на почетокот на 21 век, прошверцува теза дека изградбата на мали хидроцентрали е идеален начин за зголемување на производството на таканаречената чиста или зелена енергија, којашто нема да ја загадува природната средина. Беа поставени високи цели за пораст на производството на струја од обновливи извори на енергија, што се искористи како оправдување за субвенционирање на работата на малите хидроцентрали.

Нашето истражување покажа дека ефектите од ваквите политики се поразителни и дека главни придобивки имаат поединци и компании што се богатат на сметка на граѓаните и притоа, голем број од нив, ја уништуваат животната средина.

Финансираме „машини за пари и за уништување“

Од 2010 година до 2019 година, бројот на малите хидроцентрали во Македонија коишто се субвенционирани пораснал од 5 на 90.

milioneri na nasha smetka vnatre 1

Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Главна причина за зголемување на интересот на инвеститорите за овој бизнис е  таканаречената повластената тарифа, којашто како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија беше претставена во 2007 година, а почна да се применува во 2010 година. Станува збор за регулирана цена за откуп на електрична енергија од повластен производител од страна на операторот на пазарот на електрична енергија (МЕПСО). Операторот на пазарот на електрична енергија ја продава откупената електрична енергија произведена од повластените производители на снабдувачите и трговците со електрична енергија коишто им продаваат електрична енергија на крајните потрошувачи.

Патот на парите

milioneri na nasha smetka blog 1

На повластените производители коишто користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој киловат-час (kWh) произведена електрична енергија по која операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија произведена од повластените производители. Тоа преку сметките за струја го плаќаат крајните потрошувачи, односно граѓаните.

Учеството на учесниците на пазарот во надоместокот што го плаќаат крајните потрошувачи може да се види во следниот пример:

milioneri na nasha smetka blog 2 2Пример 1: Удел на учесниците на пазарот во една просечна фактура за електрична енергија од 3.000 денари за домаќинства. Извор: ЕВН

Струја по повластени тарифи се откупува и од останатите повластени производители на струја, како што се ветерните електрани, фотонапонските системи (сончеви електрани) и биогасните електрани. Но најголеми се исплатите за откуп на струја по повластени тарифи од малите хидроцентрали.

milioneri na nasha smetka vnatre 3

Во целиот период на примена на повластените тарифи, освен во 2015 година, малите хидроелектроцентрали доминираат во поглед на исплатените средства за произведена електрична енергија во однос на другите видови на електроцентрали.

Што е повластена тарифа

Повластената тарифа претставува регулирана цена за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од страна на операторот на пазарот на електрична енергија. На повластените производители кои користат повластена тарифа им е загарантирана тарифата за секој kWh произведена електрична енергија по која операторот на пазар на електрична енергија е должен да ја откупи целата електрична енергија произведена од повластените производители во период од 15 до 20 години, во зависност од видот на електроцентралата. Придобивка за повластените производители кои користат повластена тарифа е и тоа што операторот на пазарот на електрична енергија ја презема балансната одговорност за овие производители.

Со цел да дознаеме повеќе околу распределбата на овие пари, односно кој најмногу заработува од овој бизнис, одговори побаравме од МЕПСО, но оттаму информираа дека компанијата има потпишано договори за доверливост со повластените производители, односно со сопствениците на малите хидроцентрали, и дека не можат да ги откријат овие податоци. Сепак, ги најдовме имињата на компаниите коишто имаат најголеми приходи од оваа дејност, а меѓу сопствениците се јавуваат поранешни политичари и големи мултинационални корпорации.

Речиси идентична состојба со пораст на изградбата на малите хидроцентрали поради државно субвенционирање се случува и во Србија, во Босна и Херцеговина и во останатите земји од поранешните југословенски простори, односно од таканаречниот Западен Балкан.

Прочитај повеќе: Тајна е колку пари им се исплаќаат на сопствениците на мали хидроцентрали

Кога на граѓаните им пристигнува сметката за струја, ретко се случува таа детално да се провери, па дури и кога ќе се направи тоа, тие често и не знаат каде точно се влеваат нивните пари. Малкумина од нив знаат дека шест проценти од сите сметки што граѓаните ги плаќаат за струја се наменети за субвенционирање обновливи извори на енергија – тука влегуваат малите хидроцентрали, фотоволтаичните системи, ветерните централи и централите на биогас.

tajna e kolku im se isplakja na sopstvenicite na malite hidrocentrali featured 2

Истражувањата на мрежата „Бенквоч“ покажаа дека од 2009 до 2018 година се изградени 380 мали хидроцентрали во овој регион. Бројката четирикратно се зголемила, а ваквиот тренд продолжува до денес. Речиси неверојатен е податокот дека 70 % од парите за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори завршиле кај малите хидроцентрали, а нивниот придонес во снабдувањето со струја изнесувал едвај 3,6 %.

„Еден од главните двигатели на деструктивниот раст на малите хидроцентрали на Западен Балкан е достапноста на јавна финансиска поддршка во облик на повластени тарифи. Првично замислени како средство за поттикнување на сите облици на обновлива енергија, вклучувајќи ги и соларната и ветерната, повластените тарифи на Западен Балкан се диспропорционално наменети за малите хидроцентрали“, се наведува во извештај на „Бенквоч“.

Ветерот – многу покорисен извор

Во 2019 година, споредбено со 2018 година, е забележан пораст на производството на електрична енергија од сите видови електроцентрали во Македонија, освен од малите хидроелектроцентрали, чие намалено производство е причинител за надолниот тренд во вкупно произведената електрична енергија од повластени производители.

Според извештаите на Регулаторната комисија за енергетика, причина за намаленото производството на електрична енергија од малите хидроелектроцентрали се неповолните хидролошки услови во земјата во текот на 2019 година.

Во вкупно произведената електрична енергија од повластени производители коишто користат повластена тарифа, малите хидроелектроцентрали во 2019 година учествуваат со 48 %, ветерната електроцентрала ПВЕ „Богданци” учествува со 29 %, термоелектроцентралите на биогас со 16 %, фотонапонските електроцентрали со 7 %, додека незначително е учеството на произведена електрична енергија од термоелектроцентралата на биомаса, која започна со работа во септември 2019 година.

Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Со други зборови, една ветерна електрана во Македонија има многу повеќе придонес во производството на струја од обновливи извори на енергија отколку малите хидроцентрали.

Непроценливи штети

Важна разлика меѓу малите хидроцентрали и останатите капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија е што, според сите досегашни истражувања, малите хидроцентрали во многу случаи предизвикуваат уништување на реките и на живиот свет.

Од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ посочуваат дека „цената“ на малите хидроцентрали ја плаќаме со уништување вредна и автентична природа, бидејќи голем дел од нив се изградени или се планирани во заштитени подрачја, дури и во национални паркови. Оттаму велат дека иако со државните стратегии се препорачува да не се градат мали хидроцентрали во заштитени подрачја, поради заканата од кумулативниот ефект од овие капацитети, во практиката се случува сосема спротивното.

„Ништо од сето ова не се спроведува во пракса – ние сме теоретски освестени, а практично продолжуваме со планови и проекти коишто ја уништуваат природата“, велат од „Фронт 21/42“.

Легенда: Екологистите прецизно ги сецираат големите негативни ефекти од работата на овие мали капацитети: менување на текот на реките што влијае врз сите форми на живот во тие екосистеми, намалени водостои, дури и пресушени реки, особено ако се земе предвид кумулативното влијание на повеќе МХЕЦ на една територија.

Негативното влијание го чувствуваат и локалните заедници, чијшто пристап до вода зависи од реките на коишто се изградени.

Не прекинуваат градбите во заштитени подрачја

Во Програмата за работа на македонската Влада за периодот 2020 – 2024, се наведува дека се воведува забрана за мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови. Но, во исто време, мали хидроцентрали се градат на Шар Планина, во фаза кога е во тек нејзиното прогласување за национален парк. Работата е стигната дотаму што Државниот инспекторат за животна средина најави проверка на сите досега издадени дозволи за четирите мали хидроелектрани во Лешница.

Првичните наоди покажаа дека од изградбата на една од малите хидроцентрали може да дојде до загадување на водата за пиење во Тетово.

Ваквите градби продолжуваат, иако во новата Стратегија за развој на енергетиката се вели дека изградбата на нови мали хидроцентрали треба внимателно да се процени во однос на влијанијата врз животната средина наспроти придобивките од произведената струја.

За оваа проблематика одговори побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Со Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 е препорачано  да не се разгледуваат хидропроекти кои се наоѓаат во заштитени подрачја, додека изградбата на нови мали хидроцентрали внимателно да се проценува за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија. Сите постапки за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија спроведени од Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за економија до 2011 и Министерството за животна средина и просторно планирање од 2014, се планирани и реализирани во согласност со стратешките документи на државата. Последната постапка за доделување концесија е спроведена во 2018 година, додека Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 е донесена од Владата на Република Северна Македонија на 28.12.2019 година  (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 25/2020)“, велат од Министерството.

Оттаму напоменуваат дека во текот на 2019 и 2020 година, не е спроведена ниту една постапка за доделување концесија за користење води за производство на електрична енергија.

„Во однос на прашањето дали во иднина се планира издавање нови концесии за изградба на мали хидроцентрали, укажуваме дека планирањето и изградба на идни мали хидроелектрични централи ќе зависи како од хидролошката состојба на водотеците, заштитата на животната средина и природата, и при нивно планирање ќе се имаат предвид определбите од  Стратегијата за енергетика согласно кои  изградбата на нови мали хидроцентрали внимателно ќе се проценува за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија. Во моментот, согласно новата стратегија,  потребно е преиспитување на можни предложени локации“, додаваат од Министерството.

Во однос на градбите на Шар Планина, оттаму укажуваат дека нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк е изработен врз основа на Студијата за валоризација на природните вредности на Шар Планина и врз основа на социо-економската студија, што значи врз основа на затекнатата состојба на подрачјето.

„Во предложеното подрачје на заштита на Шар Планина склучени се договори за концесија за 20 МХЕ. 11 мали хидроелектрани – изградени и оперативни  (за 5 се предлага воспоставување на заштитни бафер-зони). Од вкупно 9 МХЕ со склучен договор за концесија и прибавено одобрение за градење, 4 МХЕ се наоѓаат во зона на одржливо користење, 1 МХЕ која е лоцирана во зона на одржливо користење, на граница со зона на активно управување (заштитни појаси, бафер-зони), 3 МХЕ се лоцирани во зона за активно управување, а една МХЕЦ Пена со реф.бр. 82  влегува во зона на строга заштита и во зона на активно управување и за неа се започнати преговори за повлекување на инвеститорот“, соопштија од Министерството.

Во Министерството потенцираат дека за споменатите три МХЕ коишто се лоцирани во зоната за активно управување, по поведена постапка од страна на Министерство за економија, се разгледуваат можностите за откажување на концесиите, за што конечна одлука ќе донесе Владата.

„Покрај наведените, во подрачјето на Шар Планина предвидени се уште 5 МХЕ за кои се донесени одлуки за избор на најповолна понуда, но постапувањето по истите ќе зависи од тоа дали ќе се донесе Законот за прогласување на национален парк. Значи, не станува збор за заобиколување, туку за уредување на затекнатата состојба, а со Законот и Планот за управување и зонирањето и идните активности во Шар Планина“, велат од Министерството.

На прашањето дали начинот на финансирање на производството на струја од мали хидроцентрали ја доведува во прашање конкуретноста на пазарот и дали постои опасност од коруптивни моменти, разговаравме со Адријана Рушити, правен советник во „Транспаренси интернешнл – Македонија“.

Промени се можни

Со забревтано темпо се градат мали хидроелектрани во сите земји од Западен Балкан, а нашето истражување во Србија и во Босна и Херцеговина покажа неверојатна експанзија на овие енергетски капацитети.

Според Регистарот на повластени производители на струја на Србија, во оваа земја денес се активни 188 хидроелектрани, а дури на 100 од нив решението за повластен производител им е издадено од 2017 година наваму. На територијата на Босна и Херцеговина и Република Српска активни се 109 мини хидроцентрали, а според податоците на граѓанските организации, во фаза на изградба и планирање се уште 345 вакви енергетски капацитети.

Карактеристично за овие две земји, како и за Македонија, е што изградбата беше поттикната од Европската Унија, односно од Енергетската заедница, преку наметнување нови регулативи и обврска за зголемување на производството на струја од обновливи извори на енергија. Преку европските банки се обезбедија поволни кредитни линии за изградба на мали хидроелектрани на овие простори, а државите воведоа високи повластени тарифи со образложение дека е тоа единствениот начин да се привлечат инвеститори и да се одговори на барањата на ЕУ. Притоа, се подзаборави дека со преземањето на европското законодавство од областа на енергетиката, потребно е да се преслика и регулативата за заштита на животната средина. Тоа не се случи.

Неефикасноста на властите на земјите од Западен Балкан во однос на контролата на изградбата и работењето на малите хидроцентрали резултираше со самоволие на инвеститорите и уништување на реките.

Добар пример за тоа е Сокоља, планинска река во централниот дел на Србија, во околината на Краљево, којашто е дом на поточна пастрмка. Жителите од околните места раскажуваат дека ова место го нарекувале „Долина на здрави води“ поради 22 извори од кои се полнела реката. Денес, местото изгледа поинаку.

И покрај негодувањата на граѓаните и екологистите во Србија за уништувањето на реките, тамошната Влада, на крајот од декември минатата година, одлучи да го зголеми надоместокот за поддршка на повластените производители на струја за петпати. Почнувајќи од годинава, наместо досегашните 0,093 динари за киловат-час, за струја од обновливи извори ќе се плаќаат 0,437 динари за киловат-час, со што сметките за струја ќе се зголемат за околу 150 динари (1,3 евра) или 3,4 отсто.

Неефикасноста на властите на земјите од Западен Балкан во однос на контролата на изградбата и работењето на малите хидроцентрали резултираше со самоволие на инвеститорите и уништување на реките. Добар пример за тоа е Сокоља, планинска река во централниот дел на Србија, во околината на Кралево којашто е дом на поточна пастрмка. Од 2015 година, кога почнала изградбата на мала хидроцентрала, таа е пресечена на половина. Жителите од околните места раскажуваат дека ова место го нарекувале „Долина на здрави води“ поради 22 извори од кои се полнела реката. Денес, местото изгледа поинаку.

За разлика од Србија, каде што очигледно субвенционирањето на малите  хидроцентрали ќе продолжи со засилено темпо, кај власта во Босна и Херцеговина се случува еколошко освестување и се бара начин целосно да се запре изградбата на овие енергетски капацитети.

Тоа го најави, во интервју за „Дома“, министерката за екологија и туризам Едита Ѓапо.

Најавата на министерката се оствари. Федералната Влада на БиХ неодамна одлучи од 1 јануари годинава да ги укине субвенциите за малите хидроцентрали, а предвидените средства да ги пренамени кон другите обновливи извори на енергија. Чекор понатаму најави новата Влада на Црна Гора, којашто планира целосна забрана за изградба на мали хидроцентрали и ревизија на сите издадени концесии, бидејќи се покажало дека единствена корист од нив имале повластени поединци.

Овие два примери покажуваат дека промени се можни и дека зголемување на количеството на произведена струја од обновливи извори на енергија може да се постигне преку вложување во енергетски капацитети коишто нема да ја загрозуваат природната средина.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Уредник: Владимир Николоски
Новинари: Мери Јордановска, Мартин Пушевски, Катерина Топалова, Тихана Бајиќ, Слаѓан Томиќ
Фотографија: Тони Стојановски, Љубомир Домазетов, Иван Поповиќ, Анес Турковиќ
Сниматели: Владимир Димоски, Анес Турковиќ, Милош Милиќ
Монтажери: Костaдин Анастасов, Тихана Бајиќ, Борче Крстевски
Лектура: Татјана Б. Ефтимовска

Сподели