Вистината за Кокино
- Приказната за Кокино е стара нешто повеќе од 20 години, кога археолозите од музејот во Куманово во 2001 година за првпат стапнуваат на локалитетот.
- Пронајдени се керамички садови, фигуринки, алатки и по некое оружје, па се верува дека карпестиот рид претставувал светилиште.
- Домашни научни истражувања и интерпретации од домашни автори, објавени во регионот сугерираат дека Кокино во минатото било користено и како опсерваторија.
- Странски автори не се согласуваат дека Кокино е мегалитска опсерваторија, а интерпретациите ги отфрлаат како статистички и археолошки непотврдени.
- Номинацијата на Кокино за УНЕСКО заврши без успех, а НАСА никогаш не го рангирала на 4 место на древни опсерватории.
Откако „трагачите по богатство“ останале без очекуваниот плен, само со фрагменти од керамички садови, археолозите од НУ Музеј Куманово есента 2001 година за првпат стапнуваат на локалитетот Кокино и на врвот „Татиќев камен“. Полека се раѓа приказната за археолошкиот локалитет од Бронзено време во општина Старо Нагоричане, на околу 30 километри од Куманово, што се протега на површина од 5 илјади квадратни метри и на височина од 1013 метри. Екипата ја предводел сега покојниот археолог Јовица Станковски. Пронајдени се керамички садови, фигуринки, алатки и по некое оружје, речиси сè што содржела една бронзенодопска куќа, но не и самите основи на куќите и населбата. Ова ги води археолозите до заклучок дека карпестиот рид претставувал светилиште.
„На Кокино никогаш не се живееело. Значи, не било населба туку претставува локалитет на којшто се извршувани ритуали, односно да кажеме светилиште. Под ритуали подразбираме ритуали водени на отворено небо, на планинскиот врв на Кокино, денеска се вика Татиќев камен, тоа е дел од планината Козјак, каде што луѓето кои живееле некаде во близина, на веројатно некои определени денови во годината коишто ние не ги знаеме, се качувале на локалитетот и полагале дарови коишто биле во форма на садови, полни со овошје, со зеленчук или со нешто трето. Никогаш не е извршена хемиска анализа на тие садови. Многу поретко оставале фигуринки, понекогаш оставале и некое оружје или орудие, меѓутоа тоа е многу ретко, да кажеме можеби 0,5% од наодите може да ги класифицираме во таа група. Тоа се случувало некаде 2200 година пред нашата ера, значи тогаш почнало да се користи како светилиште и како такво ќе се користи некаде до 12 век, исто така пред нашата ера за да подоцна активностите се преселат на јужната страна, меѓутоа не како светилиште, туку на јужната страна ќе изникне една помала населба во железното време“, објаснува археологот Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот музеј.
Македонските истражувачи уверени во своите толкувања
Постојат научни истражувања и интерпретации од домашни автори, објавени во регионот, кои сугерираат дека Кокино во минатото било користено и како опсерваторија, каде преку седум маркери се следеле циклусите на сонцето и на месечината, се мерело за време на пролетната и есенската рамноденица, летната долгодневница и зимската краткодневница, се правеле календари. Па така, македонскиот физичар, археоастроном и публицист, Ѓоре Ценев, кој почина во 2018 година, објави труд во којшто се вели дека маркерите се користени за утврдување на позициите и движењето на Сонцето и на Месечината, па дека за време на ритуалите, сончевата светлина го осветлувала тронот. Од извршените мерења се заклучува дека три маркери биле за движењето на Сонцето, а четири за Месечината, што според трудот, сугерира дека се користел календар за да се утврдат деновите за земјоделски активности и за одгледување на стоката, како и за изведување ритуали.
„Истражувањата што се одвиваат на Кокино од 2001 година, потврдија во 2002 година содржини коишто имаат астрономска позадина. Мерењата, археоастрономската анализа покажа дека Кокино е опсерваторија со која што се набљудувале промените не небото, поврзани со сонцето, неговото движење, движењето на месечината итн. Истражувањата од аспект на археоастрономска анализа ги изведувавме сами. Тие наоди се објавувани во меѓународни публикации, гостувано е на меѓународни конгреси и меѓународната јавност е запознаена со со нивната содржина. Досега не сме имале никаков проблем со научната јавност. Исто така, на Кокино гостувале неколку странски експерти од оваа област, меѓутоа, тие тука биле како гости, не за да извршат свои мерења и свои анализи“, вели Ванчо Стојковски од Македонското истражувачко друштво.
Во труд на покојниот археолог Јовица Станковски и на професорката од ПМФ, Олгица Кузмановска за Кокино е наведено дека астрономските анализи покажале дека локалитетот има карактеристики на мегалитска опсерваторија и оти се правеле едноставни календари за периодично движењето на сонцето, месечината и ѕвездите. Според нив – мерењата се премногу точни за да бидат маркерите случајни.
„Тие датуми не се случајни, бидејќи астрономските координати на повеќето маркери се совпаѓаат речиси целосно со важните највисоки позиции на сонцето и на месечината. Фактот што луѓето од Кокино знаеле за овие екстреми на небеските тела пружа доволен доказ дека биле во можност да состават едноставен календар, базиран на сезонските промени на најсветлите објекти на небото. Главна цел било планирањето на земјоделските активности и придружните религиозни практики“, се наведува во трудот.
Анализите за Кокино оставаат простор за сомнеж
Приказната за Кокино низ годините доби и други елементи кои повеќе се засноваа на митови и легенди отколку на факти. Па така, се вели дека НАСА ја рангирала мегалитската опсерваторија Кокино на четврто место на листата на стари опсерватории, веднаш зад Стоунхенџ, Абу Симбел и Ангор Ват. Всушност, сè започнува по еден обичен училишен постер изработен во 2005 година од наставна програма поддржана од НАСА, каде што се нафрлени локалитети по случаен избор. НАСА не се занимава со археологија и нејзини членови никогаш не го посетиле Кокино.
„На листата сончеви опсерватории беше вброено и Кокино, и тоа на високо, престижно, четврто место. И нас нè изненади во тоа време, затоа што Кокино во тоа време беше сепак само четири-пет години познато во науката, а многу постари и поизвикани локалитети беа набројани на списокот, меѓутоа под Кокино“, вели Стојковски.
„На сајтот на НАСА имаше еден постер, на којшто беа наброени опсерватории, може преку 50 локации за коишто се верува дека се опсерватории и таму Кокино, без критериуми некои да кажеме е ставено под точка број четири. Значи, тоа не е четврто место, него четврто наброено. Пред Кокино беа Стоунхенџ во Англија, Абу Симбел во Египет, Ангкор Ват во Камбоџа и тогаш доаѓа Кокино. Значи, тоа не е ниту ранг листа ниту по старост, ниту по прецизност, не знам како е направено, не е ранг листа сакам да кажам ама рекламата продава сè. Така да, некој паметен се најде да рече дека тоа е еве, Кокино е на четврто место според НАСА, кај луѓето проаѓа и доаѓаат и прашуваат. Кокино стана познато баш покрај тој назив, мегалитска опсерваторија, меѓутоа по дефиниција, тешко дека можеме карпите од Кокино да ги кажеме дека се мегалити, затоа што не се донесени, мислам тука се модификувани и направени. А, што се однесува до тоа дали било опсерваторија, значи има и научни текстови и докази дека некои интервенции во карпите имаат и тоа каква поткрепа за тие тврдења“, вели Ѓорѓиевски од музејот во Куманово.
Професорот по астрофизика, Хуан Антонио Белмонте од Институтот за астрофизика во Тенерифе, кој во објавен труд ја доведува во прашање оправданоста на самиот концепт на древни опсерватории, го користи примерот на Кокино како особено проблематичен случај поради тврдењата дека станува збор за мегалитска опсерваторија од голема астрономска вредност, укажувајќи дека недостигаат историскиот и етнографскиот контекст. Со едноставни зборови, Белмонте елаборира дека нема докази дека таму имало високоразвиена цивилизација, која на тој начин би го користела Кокино.
„Лекцијата којашто можеме да ја научиме кога разгледуваме локалитети како Кокино е дека мора да бидеме внимателни кога говориме за древни „опсерватории“ со неверојатна астрономска прецизност“, пишува Белмонте.
„ДОМА“ стапи во контакт со професорот за да добиеме појаснување за неговите ставови.
„Мојата главна грижа е дека не може да се користи археоастрономијата за да се датира локалитет. Треба да биде обратно, локалитетот да се датира врз основа на материјални докази и потоа може да се користи археоастрономија да се прилагодат податоците и да се одговори на социолошките прашања за локалитетот. Мегалитски обсерватори сами по себе не постојат!“, вели Белмонте.
Светски познатата астрофизичарка и специјалист за археоастрономија, Џарита Холбрук тоа едноставно го објаснува – за да се обезбеди непристрасност или да се избегне да се види она што се посакува да се види, мора да се понудат кредибилни докази, да се направат историски истражувања дали локалитетот е користен како светилиште и во астрономски цели, да се даде етнографски контекст. Сонцето уште од Бронзено доба се користи како симбол од луѓето во Европа, па вообичаено е да се наоѓаат артефакти со него, што не значи и дека луѓето одреден локалитет го користеле како опсерваторија. Таа вели дека мора да се има јасна методологија за да се избегне субјективизам, истражувањата да почнат од луѓето и прво да се даде археолошки контекст, а не случајот да се гради од астрономската важност. Во спротивно, лесно се паѓа во замката да се говори за древни опсерватории кога за тоа нема цврста потврда.
„Морате да разгледате што било важно за културата. Кога имате отворено плато какво што имате, една рамна област, може да се оди во различни насоки. Можете да наоѓате маркери како луди. Се разбира, го имате цело небо да си играте. Но, тоа не е корисно. Мора да разберете што било важно за луѓето и потоа оттаму да почнете да проверувате. Морате да ги разберете луѓето, нивната религија, да ги разгледате нивните артефакти, дури и нивните плетени работи, како ги уредувале куќите, сѐ тоа треба да сигнализира колку небото било важно за нив и оттаму да градите случај. Тоа е основата. Не секое свето место е поврзано со небото, апсолутно, може да биде место коешто е крстопат, важно место за ритуали, а да нема никаква врска со небото“, вели Холбрук.
Таа била член на неколку комисии за утврдување на архоастрономски опсерватории. Таа вели дека за сите вакви потврдени локалитети важат 3 правила:
- Локалитетот мора да е на рамна површина со чист поглед кон хоризонтот.
- Мора да е во близина на археолошки познато населено место.
- Поврзаноста меѓу локалитетот и небото да ги сведочиме и денес преку топоними, традиција и обичаи.
Кокино, не ги исполнува овие услови. Површината не е рамна, во близина нема познат археолошки локалитет и не постојат топоними во неговата околина кои се поврзани со астрономијата.
УНЕСКО сè уште не е уверен во астрономската вредност на Кокино
Македонија до ICOMOS поднесе барање Кокино да се впише во листата на светско културно наследство. Во одлуката на Комитетот, на 36 сесија одржана во 2012 година во Санкт Петерсбург е наведено дека земјава подоцна ја повлекла номинацијата.
„ДОМА“ дојде до документ и од професорот Клајв Раглс од Универзитетот во Лестер, кој пишува за неуспешниот обид за номинацијата на Кокино како праисториска обсерваторија, бидејќи УНЕСКО ги отфрлил интерпретациите како статистички и археолошки непотврдени. Самото постоење на астрономски порамнувања на древни локалитети не докажува дека тие се важни за оние кои го користеле локалитетот, а според професорот Раглс, фактот што е зголемен бројот на вакви локалитети на листата на чекање на УНЕСКО покажува дека ова повеќе не е само академско прашање.
„Проблемот беше во тоа што целиот случај за астрономски обсервации беше цврсто базиран на докази за порамнувањa и на бројот на можни точки за обсервација и божемски астрономски маркери, кои лесно можат да се објаснат како случајности, нагласени преку промислена селекција на податоци. Ваквата опасност е добро позната во археоастрономијата уште од почетоците во 70-те и 80-те години. Тврдење дека одреден древен локалитет е силно поврзан со астрономија, ако единствено е базирано на наводни астрономски порамнувања речиси секогаш е проблематично поради проблеми со селекцијата на податоците. Поширок контекст за интерпретација, од археологија до историја е клучен за поддршка на таквите тврдења“, наведува професорот Раглс.
Кокино несомнено е важен локалитет од аспект на неговата археолошка вредност и пронајдените артефакти и претставува предизвик за истражувачите. Тој е важен дел од атрактивниот геопарк којшто би можел да се изгради во овој дел од Македонија и да ги вклучува останатите геолошки атрактивни локалитети од регионот. Но, растегнувањето на неговата важност и развивањето митови и легенди ја нарушува кредибилноста и го загрозува и она што веќе го имаме.
Новинари: Ангела Рајчевска и Мартин Пушевски
Сниматели: Иван Поповиќ и Марјан Петковски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Содржината е изработена од Институтот за комуникациски студии.