Мартина Блинкова-Дончевска
Еколог - Институтот за истражувања во животната средина, градежништво и енергетика

Пандемјата со СOVID-19 ја истакна ранливоста на здравствениот систем, економијата и заштитата на животната средина покажувајќи дека нема индивидуални решенија за глобалната криза. Она што се случува на глобално ниво е скриената цена на неодржливиот економски развој и живеењето вон границите на еколошкиот капацитет. Уништувањето на биолошката разновидност и нарушување на природниот баланс, придружени со климатските промени, води кон намножување на одредени поотпорни видови (на пр.глодарите) кои ќе пренесуваат нови болести кај нас луѓето. Колку повеќе ги нарушуваме природните живеалишта, толку во поголема опасност се наоѓаме. Со секоја деградирана шума, загадена река, исчезнат вид ние создаваме "подлога" каде што вирусите се пренесуваат полесно, а потоа се изненадуваме што имаме нови епидемии. Конзумеризмот ги измести сите вредности, кои допрва треба да се преоткријат.

Коронавирусот нè принуди да ја преиспитаме вредноста на природата. Ни покажа дека е потребна промена на антропоцентричниот став и илузијата дека човекот е супериорен во однос на природата. Она што е сигурно е дека повеќе ќе ја цениме природата и ќе се стремиме кон заштита на животната средина. Изминатите два месеци, ја набљудувавме природата како се буди, вегетацијата како се обновува и уживавме во песната на птиците во централното градско подрачје, нешто што беше незамисливо покрај сообраќајната бучава. Многумина се навратија на старите навики да ја истражуваат природата во нивното соседство, локалните паркови и шуми. Интересен податок е дека се зголеми и интересот за градинарство. Google trends покажува двојно зголемување на пребарувањето во светот на интернетот за оваа тематика.

Тековната криза нè исклучи од нормално функционирање, во режим на опстанок. Но, дали претходната состојба всушност беше „нормална“? Кага ќе размислиме, тоа е она што нè доведе до таму каде што сме денес и треба да се промени. Решавањето на тековната пандемија на коронавирус (COVID-19) и заштитата од идните глобални закани, бара подобро управување со биодиверзитетот, јасна заложба за „Building Back Better“, добро управување со отпадот посебно опасниот медицински и хемиски отпад, “зелена” економија преку создавање зелени работни места и олеснување на преминот кон јаглерод-неутрална економија. Човештвото зависи од моменталното дејствување за одржлива иднина.

Не треба да заборавиме дека ние имаме рамка за дејствување - Агенда за одржлив развој до 2030 година, Парискиот договор за климатски промени, Европскиот зелен договор. Програмата за животна средина на Обединетите нации поддржува глобални напори да се заштити биолошката разновидност, да се стави крај на нелегалната трговија со дивиот жив свет, да се подобри ракувањето со хемикалиите и отпадот и да се промовираат плановите за економско закрепнување кои ги земаат предвид природата и климатските акции.

Исто така на национално и локално ниво подготвени се голем број на стретешки и плански документи (НЕАП, Национална стратегија за заштита на природата, Стратегија за животна средина и климатски промени, Национален акциски план за борба против опустинување, Планови за заштита на амбиентниот воздух и за управување со отпад, ЛЕАП-и за општини/градови итн ) кои чекаат на имплементација.

Иднината бара иновативни и холистички начини на планирање и управување. Токму креирањето на нови одржливи практики во локалните самоуправи кои ќе придонесат за развој на ековештини за зелена економија, како и практики за одржлив животен стил е она кон кое сме моментално насочени во Институтот за истражувања во животната средина, градежништво и енергетика- ИЕГЕ со цел да делуваме локално на глобалната биосигурност