д-р Методија Велевски
Орнитолог, Македонско еколошко друштво

Најважната научена лекција од пандемијата е генерална, важечка за сите аспекти на модерното живеење: постојано препроверување на фактите, држење до проверените факти, критичко прифаќање на информациите и проверка на нивниот извор. Понатаму, носење на одлуки од страна на квалификувани поединци, избегнување на популизам и храброст за носење на тешки одлуки, необременети со себичност. Стручната јавност со години наназад предупредуваше на реалниот ризик од пандемија со сериозни последици, укажувајќи на последиците и по здравјето и животите на луѓето, и на негативните економски ефекти. Научниците знаеја дека прашањето не е „дали ќе дојде до опасна пандемија“, туку „кога ќе дојде до опасна пандемија“. За жал, генерално брзиот начин на живот, во кој се е приоритет освен опасностите на кои научниците предупредуваат, резултира со глобалната, а во повеќето држави и локалната слика на која сме сведоци. Пренесено на полето на животна средина, погоре кажаното важи во целост: во 1992 година, 1700 еминентни експерти го објавија првото „Предупредување до Човештвото од Светските научници“. 25 години подоцна, повеќе од 15000 научници од 184 држави се потпишаа под „Второто предупредување до Човештвото“, потенцирајќи дека од деветте клучни проблеми идентификувани во 1992, решен е само еден - проблемот со озонската обвивка, а повеќето проблеми се влошени. Меѓу нив посебно се истакнува проблемот со климатските промени, кој ќе го погоди човештвото многу посериозно од сегашната пандемија Ковид 19. Од преостанатите осум глобални закани, Македонија директно ја засегаат најмалку пет, но ние, како и значаен дел од светот, не инвестираме доволно во борба со овие закани - исто како што не се инвестираше доволно во превениција на ефектите од пандемија.

За жал, сметам дека како нација не сме доволно свесни за вредноста на природата и услугите кои таа ги нуди, а кои ги земаме здраво за готово, како непресушни. Отуука, се сомневам дека навраќањето кон природата на кое сме сведоци за време на пандемијата ќе биде долгорочно. Краткорочните економски интереси и во иднина ќе ни бидат приоритети, а државните стратегии за заштита на природата и за заштита на биолошката разновидност, заедно со планот за борба против климатските промени, и понатаму ќе бидат потиснувани од „поважните“, „поитните“ економски ориентирани стратегии. Како што не научи Ковид-19, економските продобивки и благодети се топат пред налетот на катастрофите кои потекнуваат од неодржливото користење на животната средина, а „заштедените“ финансии кои не ги вложуваме во превенција на ваквите катастрофи не се ни приближно доволни за да се санираат последиците од истите. Затоа, јас би ги следел советите на научиците, би ги предефинирал долгорочните приоритети во насока на зачувување на животната средина и развој на технолошки решенија кои овие процеси ќе олеснат. И секако, едукација, едукација, едукација.