Проф. Ивица Милевски
Институт за географија, Природно-математички факултет – УКИМ

Пандемијата која се уште е во тек, а трае веќе со месеци, покрај негативните последици, не натера да размислуваме за поставените вредности на природата и нашиот пристап кон истата. Сведоци сме дека со намалување или ограничување на активностите на човекот, природата постепено се враќа во некаква нормала. Тоа пак значи дека човекот врши огромен притисок врз неа, потиснувајќи ја, деградирајќи ја и намалувајќи го нејзиниот позитивен ефект.
Кога се појави пандемијата, затворени во нашите карантини, се повеќе луѓе почуствуваа потреба да излезат и да прошетаат во блиската шума, планина или да уживаат во некој интересен природен пејзаж. Воедно, на многумина им стана јасно каков силен ефект има чистата природа врз нашето здравје. Неслучајно, токму во минатите два месеца нагло се зголеми интересот за престој во селска средина или во рурален простор, што поблиску до недопрената природа. Состојбата можеби наскоро ќе се врати во нормала, меѓутоа ќе остане потребата и уште поголемата заложба за зачувување, оплеменување и заштита на природната околина, што пак директно или индиректно се одразува на нашето здравје.
Токму затоа, единствен сегмент од туризмот што забележа пораст во минатите два до три месеци беше руралниот туризам. Оние кои што во минатиот период ги почуствуваа сите благодети на природата, веројатно ја сфатија и разбраа потребата од нејзино максимално зачувување и заштита. Се надеваме дека тоа треба да го разберат и сите останати.

Во таа смисла, претераната сеча на шумите, уништувањето на растителните и животинските видови, треба да се сведе на минимум, а доколку е можно да отпочне обратен процес на враќање на шумите, особено на преубавите планини кои ги имаме. Исто така, неопходна е поголема промоција, популаризација и заложба за развој на здраво тело и здрав дух, преку почесто планинарење, и посета на чисти природни предели. При сето тоа, треба да се води сметка за загадување на природата, да не се фрлаат разни отпадоци, да не се предизвикуваат пожари и други негативни ефекти, со кои ќе ја деградираме природата.

Институциите од своја страна преку промотивни кампањи, но и преку казнена политика, треба да овозможат вистинска функционална заштита на нашите, со закон заштитени подрачја, како што се национални паркови, споменици на природата и др. Во овој правец е и очекуваното скорешно прогласување на националниот парк „Шар Планина“.