Проф. Дејан Мираковски
Факултет за природни и технички науки, УГД-Штип

Оваа пандемија јасно ги покажа недоволните вложувања во науката и научните истражувања, пред се на глобално, но и национално ниво, кои за жал во овие услови останаа без многу одговори неопходни за ефикасна заштита на здравјето на луѓето и нивната животна средина. Истовремено, пандемијата ги засили појавите на изолационизам и протекционизам, оставајќи ги малите и посиромашни земји на листа на чекање за можните решенија. Од тука, приоритет треба да биде засилувањето на националните капацитети во одредени сектори, меѓу кои е и развојот на специјализирани научни центри, а кои би имале витално значење за брз и ефикасен одговор на новите предизвици.

Природата е сé што имаме

Во иднина, дефинитивно повеќе ќе ја цениме здравата животна средина, природната, но и нашата непосредна урбана средина. Дури и релативно краткиот период на ограничување на антропогените активности како резултат на пандемијата, резултираше со ревитализација и подобрување на квалитетот на животна средина, што само по себе говори дека со малку напор од сите нас, но со многу искрен пристап, на природата околу нас можеме трајно да и го вратиме некогашниот сјај, а современиот начин на живот не мора да биде поврзан со нејзина бесмислена деструкција. Посебно имајќи во предвид дека воздухот е медиумот преку кои се пренесуваат вирусите, а загадениот воздух некои истражувања го поврзаа со поголема смртност од вирусната инфекција, верувам дека поимот за чист и здрав воздух во домовите, училиштата, градинките и јавните објекти во целина, ќе добие сосема ново значење.

 Само со интензивно спроведување на дефинираните стратегии и реализација на мерките може да се намалат или целосно решат проблемите во ова сфера. Имајќи во предвид какви се состојбите, значителни вложување во сферата на управување со отпадот, заштита на водите и воздухот се повеќе од неопходни и тоа треба да почне веднаш. Но, реално, тука сум песимист, бидејќи економските проблеми кои настанаа како резултат на пандемијата, многу лесно може да резултираат со драстично намалување инвестициите во оваа сфера на краток и среден рок.

Науката нуди решенија

Дефинитивно ни е потребно повеќе и подобра наука. Потребни се мултидисциплинарни научни истражувања, насочени кон решавање на конкретните проблеми, кој чекор по чекор ќе создадат услови за побезбеден и поздрав свет, глобално и локално.

На пример, истражувања за квалитетот на воздухот во домовите, болниците, градинките и училиштата. Масена и бројна концентрација на аеро-солите во затворен простор, како и детална анализа на нивниот состав, посебно на биоаерсолите (полен, спори, бактерии и вируси). Нивоата на реална персонална изложеност, ефективноста на средствата за заштита, како маските или филтрите. Само со добри информации може да се предвидат и реализираат ефикасни мерки. Драстичните подобрувања на квалитетот на воздухот во урбаните и индустријализирани зони во светот, како резултат на ограничувањето на човековите активности во текот на пандемијата, јасно укажуваат дека современиот живот со далеку помал еколошки отпечаток е возможен и сосема реален. Потребна ни е само подобра организација, примена на нови технолошки решенија во сите сфери, но секако и спремност за учество во тие промени.