Проф. Емилија Арсов
Продекан на Земјоделски факултет, УГД – Штип

Во изминатиот период, Македонија и целиот свет преминаа на поинаков начин на живот како резултат на малиот невидлив непријател, кој предизвика насочување на мислите, однесувањето и секојдневието во сосема поинаква димензија. Во ваквите услови на пандемијата, движењето на луѓето, на прехранбените и непрехранбените добра, беше ограничено и забавено. Поради ограничените движења, намалените човечки активност и подигање на свеста кај луѓето, од оваа корона криза единствено позитивно е намалувањето на загадувањето ширум светот, односно планетата во моментов „одмара“ од несаканите загадувачи. Вака посветени и дисциплинирани, треба да извлечеме поука дека се што ни е подарено на овој свет треба да го чуваме и негуваме доколку сакаме да ни трае долго и да уживаме во неговите убавини. Периодов секој од нас ја запозна природата одблизу. Не мора сите да сме биолози, агрономи, или да се занимаваме со заштита на растенијата и животната средина, за да знаеме како треба да се однесуваме во природа и како да ги негуваме нејзините убавини и плодовите кои ни ги нуди. Како популација научивме дека можеме да бидеме дисциплинирани и да се придржуваме кон мерките за заштита, да се грижиме за сопственото здравје, а со тоа да го зачуваме и здравјето на нашите најблиски. Научивме дека кога ќе му се одземе слободата на движење на човекот, она по што прво посегнува е тивко, мирно и чисто место во природа.

Сепак, она што е најважно во целата ситуација е доброто земјоделско производство, кое отсекогаш било причина за здрав живот. Овој период го почуствуваме вкусот на добрата македонска произведена храна, период на прекинат увоз и извоз, па затоа треба да го фаворизираме македонскиот производ во однос на се што се увезува, посебно кога станува збор на квалитетна храна која живот значи.

Да се надеваме дека ќе помине оваа корона состојба и би требало посвесно да пристапуваме кон природата и животната средина. Овој период секој од нас сфати дека се она што ни е потребно е чист воздух и природни убавини, кои ги имаме доволно во нашата мала, но земјоделска богата земја. Како што полека се навикнуваме на ковид условите, така треба да ги смениме лошите навики и пристап кон животната средина, доколку сакаме да го сочуваме природниот сјај, зелените површини и чистиот воздух за нас и идните генерации.

Во изминатиот период, како дел од универзитетскиот наставен кадар, активно работевме со нашите студенти во насока на иницирање, промоција и значење на производството на здрава храна за здрав живот. Нашето знаење за односот кон растенијата и животната средина, го пренесуваме на младите, нашите студенти кои понатаму практично го спроведуваат на плодните површини, но и тие самите се промотори па го пренесуваат на помладите и постарите генерации. Само така ќе направиме еден јак и моќен синџир на животот, чии резултати можеме да ги очекуваме во наредните години.

Климатските промени за кои сме генерација која сме сведоци, настануваат како резултат на долгогодишно исцрпување и загадување на природните ресурси, и за сето тоа да се врати во некој баланс, потребно е исто толку долго време кое било потребно за да настане ова нарушување. Но сепак, мора да почнеме некогаш и од некаде, земјоделие, рударство, индустрија, економски активности,треба својот развој да го насочуваат во паралела со животната средина, а не против неа.

Овој период, поради слободното време кое непланирано се создаде, секој длабоко од себе ја извади на површина љубовта кон растенијата, природата, мирот и спокојот со кој се полни душата во една недопрена рурална средина, каква што впрочем треба да биде и нашата градска средина. Од оваа ситуација, единствено заклучивме дека ни е потребна здрава и вкусна храна и одржана природна животна средина.

Македонија има едно одлично земјоделско производство и секогаш треба да се стремиме кон фаворизирање на нашето производство, ценење на маката на македонските земјоделци. Само така ќе успееме да ја зајакнеме нашата економија, и да дадеме стимул на производителите на храна да ги искористуваат ресурсите на плодна почва која што ја имаат. На почетокот на пандемијата, целата популација беше исплашена за своето здравје и секој посегна прво по обезбедување на доволно количина на храна, вклучувајќи многу витамини и зеленчук. Имајќи ја во предвид зголемената потрошувачка на хранливи продукти, поминувајќи низ еден тежок период од грижи за сопственото здравје, за во иднина особено треба многу повеќе да се цени нашето производство и маката на производителот