За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Борбата за урбаното зеленило се сведе на политички виц

Законот за урбано зеленило којшто предвидува 20 отсто од секоја градежна парцела да биде наменета за зелени површини е неприменлив во повеќето скопски општини кадешто се гради по стари детални урбанистички планови. Инвеститорите коишто побарале одобрение за градење пред 2018 година, кога стапи на сила овој закон не подлежат на обврската за зголемување на процентот на зеленило во рамките на градежните парцели без разлика на тоа дали одобрението им е издадено по усвојувањето на новата законска регулатива.

Дополнително, на градежните компании им се остава простор да го зголемуваат габаритот на објектите, а урбаното зеленило да го компензираат со зелени тераси и кровови. Со тоа станува јасно дека Скопје ќе продолжи да прераснува во бетонска џунгл и покрај декларативните заложби на политичарите за озеленување на градот и борба против загадувањето и нехуманите услови за живот.

Проценти за зеленило од ракав

Дури и најголемите лаици коишто многу малку или воопшто не се запознаени со пропишаните проценти за задолжително урбано зеленило во рамки на градежна парцела, препознаваат примери особено низ главниот град каде што е невозможно да се најде место ниту за некоја обична грмушка или дрвце коешто ќе го оплемени просторот во околината на станбените објекти.

Во Општина Кисела Вода велат дека во постоечкиот ДУП во парцелата каде што објект гради „Атлас Инвест С19“ е предвидено од 5 до 10 отсто да се одвојат за зеленило (трева)

Такви примери има во сите скопски општини без исклучок, а ние регистриравме само неколку. Овие примери се во општините Кисела Вода и Карпош и тоа на прометни локации. Според информациите поставени на градилиштата од страна на инвеститорите, одобренијата за градење се издадени по 2018 година односно откако е усвоен Законот за урбано зеленило во кој јасно е пропишана обврската од 20 отсто на парцела да се остави за зеленило.

Се обидовме да исконтактираме со инвеститорите при што иако ни беше ветено, сепак не добивме одговор од ниту еден и покрај тоа што прашањата беа едноставни – дали постои можност да се исполни законската обврска и кои се опциите да се збогати урбаниот просторот наоколу.

Иако одобрението за градење на објектот на „Диас Констракшн Билд“ во скопски Карпош е одобрено по усвојувањето на Законот за урбано зеленило, инвеститорот нема обврска да ги почитува новите одредби бидејќи барањето за градење било понесено пред да стапи на сила законот

Од Општина Карпош тврдат дека барањето 47-433 на инвеститорот  за издавање на одобрение за градење на станбена зграда на ул. „Никола Парапунов“ бр.7, инвеститор „Диас Констракшн Билд“ е поднесено во 2017 година и дозвола за градење е издадена на 21.06.2021 година.

„Одобрението е издадено согласно позитивните законски и подзаконски акти важечки во тој период, како и посебните и општите одредби кои се составен дел на Деталниот урбанистички план за локалитет Карпош 4 У.М.М1 донесен со одлука на Совет на Општина на 26.08.2013 година. Во општите одредби се предвидува озеленување на градежна парцела од 10% до 20% без понатамошни прецизни укажувања. Во основниот проект е предвидено зеленило во североисточниот дел на градежната парцела. ДУП-от е донесен пред, а и барањето е поднесено пред Законот за урбанистичко зеленило во 2018 година и не подлежи на истиот“, велат во Општината.

Зелената тераса предвидена на објектот на „Гротекс градба“ и „Компанија Велкоски“ не ја исполнува функцијата на урбаното зеленило

Што се однесува до вториот објект кој исто така е во фаза на градба, а се наоѓа во близина на бул„Илинден“ ( КП бр.683/2 КО Карпош), инвеститори „Гротекс Градба“ и „Компанија Велкоски“ од Општината велат дека истиот е одобрен во 2021 година и за прв пат по ДУП кој е усогласен со Законот за урбанистичко зеленило.

Во парцелата во Кисела Вода каде што гради „Спектартермо“ се предвидени минимални 5 отсто за зеленило

Во писмениот став од Општина Кисела Вода велат дека за градбата на улица Есенинова бр.13 со одобрение за градење 13-50, инвеститор „Спектартермо“, по одредбите од Деталниот урбанистички план, потребно е минимум 5% зеленило, а од проектната документација, предвидено е ниско зеленило (трева).

„По завршување на градбата инвеститорот е должен партерно да ја уреди Катастарската Парцела. Додека пак, за градбата во тек на улица Иван Козаров, инвеститор „Атлас Инвест С19“ во Скопје со одобрение за градба 13-481, по одредбите од ДУП-от потребно е 5 до 10% зеленило. И во овој случај станува збор за ниско зеленило (трева)“, велат од Општината.

Оттаму нагласуваат дека инвеститорите се должни да градат согласно одобрената проектна документација. Во спротивно, локалната самоуправа ќе постапува согласно законските одредби.

Префрлање на одговорноста

Иако во член 41 од Законот за урбано зеленило пишува дека обврската за вршење на надзорот над целокупното спроведување на Законот припаѓа на Министерство за животна средина, оттаму сепак велат дека вршат контрола/надзор над спроведување на одредени административни работи, но надлежноста за инспекцискиот надзор ја префрлија на овлaстените комунални инспектори од општините/единиците на локална самоуправа.

Од Министерството за транспорт и врски исто така прстот го вперија во општините (во конкретните случаи Карпош и Кисела Вода), со оглед на тоа што станува збор за станбени згради, односно градби од втора категорија.

Адвокатот Иван Лефков вели дека Законот за урбано зеленило не може да се применува за одобрениејата за градење издадени пред тој да стапи на сила.

„Сите неизградени градби кои имаат дозвола за градба согласно пропишаните детални урбанистички планови според стариот закон, не мораат да ја почитуваат законската обврска за 20% зеленило, ниту пак постои начин како тоа да им биде наложено бидејќи согласно Уставот повратното дејство на законот за нив би било понеповолно“, смета адвокатот Иван Лефков.

Според него, единствено што може да најде примена во насока на почитување на пропишаните 20% урбано зеленило е предвидено во член 20 став 2 од Законот и таму пишува дека на градежните парцели со веќе изградени објекти, каде што не постојат просторни можности за обезбедување на процент за зелена површина, се прави компензација токму со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади.

Сепак, пејзажните архитекти укажуваат дека ваквото решение не може да биде замена за урбаното зеленило.

Суспензија и ревидирање на ДУП-овите

Ана Петровска, поранешната директорката на Државниот инспекторат за животна средина решение гледа во евентуалното суспендирање на сите стари урбанистички планови што не се усогласени со Законот за урбано зеленило и со кои се овозможува натамошно уништување на зеленилото и апелира да се вршат строги инспекциски контроли врз почитувањето на законот од страна на надлежни комунални инспектори.

Профилна фотографија на Ана Петровска

Ана Петровска: Усогласување на ДУП-овите со Законот за урабно зеленило и строги контроли за подобрување на состојбата

Според неа, јасно е дека единствено во новите урбанистички планови се почитува задолжителниот процент од 20% урбано зеленило на градежна парцела, но имајќи предвид дека за поголемиот дел на Град Скопје важат стари планови, дозволите за градење се издаваат според тие планови и на тој начин продлжува да се уништува урбаното зеленило.

Што предвидува Законот за градежно земјиште?

Според овој закон, Министерството за транспорт и врски по барање на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам може да ја одземе надлежноста на овластениот инспектор во општината, но само за предметот по кој инспекторот не постапил соодветно. Со овој закон се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште, уредувањето на градежното земјиште, условите и начинот на располагање со градежното земјиште, како и други прашања од областа на градежното земјиште. Во моментов, во тек е изработка на нов Закон за градење кој најдоцна до крајот на годината ќе биде пред министрите во Влада, а потоа и во Собрание. Една од клучните промени е што општинските инспектори ќе преминат во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, за што надежните тврдат дека ќе донесе и поголема ефикасност во работењето.

Скопје не е интересно за државните инспектори

За Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да реагира, потребно е да ја увидат состојбата на терен. Во Скопје има стотици и стотици примери и во една прошетка може да се забележат повеќе објекти кои што би биле потенцијално „интересни“ за институциите. Но, што е запишано во тефтерите на државните инспектори? На официјалната веб-страница на ДИГУ објавени се шестмесечни извештаи за работата заклучно со крајот на 2020 година. Во скопскиот регион, за цела 2020 година се утврдени 9 неправилности – четири во првата, а четири во втората половина од годината. Направени се вкупно 41 надзори во Скопје и околината.

И додека надлежните бескрајно ја префрлаат одговорноста од една на друга институција и сите пренасочуваат на друга адреса, лопатите и багерите на градежниците продолжуваат да го менуваат изгледот на градот. За тоа соодветно да се регулира, политичарите треба би носењето на новите закони добро да проверат дали се тие применливи односно кои закони и ДУП-ови треба истовремено да се изменат за новите одредби да функционираат во практиката. Во спротивно, борбата за враќање на урбаното зеленило ќе се сведе на фарса.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Петар Догов
Фотограф: Дарко Андоновски

Повеќе на темата: Лажна битка за враќање на урбаното зеленило

Сподели

samo-prasaj_gif-3