Ќе нема снег за новите генерации

Метереолозите очекуваат температурите во текот на февруари, годинава да достигнат и до 20 °C. На вакви промени ќе треба да се навикнеме бидејќи веројатно е дека ќе има постојано зголемување на температурата во периодот помеѓу 2025 и 2100 година. Можно е просечните месечни температури при преодот помеѓу зима и пролет да се израмнат во овој период.
Во перидот 1994-2012 средната годишна температура била постојано повисока од повеќегодишниот просек. Разликите во средната годишна температура во споредба со периодот од 1961 до 1990 година се движат од 0,2°C до 0,5°C. За периодот помеѓу 2025 и 2100 година се предвидува пад во врнежите, во сите годишни времиња и на годишно ниво. Во студениот период од годината се предвидува намалување во врнежите од дури 40% од просечните месечни количества. Врнежите во зима ќе бидат во форма на дожд, а не на снег. Таквите промени во формата и времето на врнежите и истекувањето претставуваат проблем за стопанисување со водата бидејќи влијаат и на наводнувањето на земјоделските култури, снабдувањето со вода во урбаните средини и заштитата од поплави. Водните ресурси во Македонија се чувствителни на климатските промени и во однос на квантитетот и квалитетот. Вкупните просечни врнежи се очекува да се намалат за 8% во 2075 и за 13% во 2100 година. Генералната достапност на водата во Република Македонија се очекува да се намали за 18% во 2100 година. Климата е одлучувачки фактор за многу туристи, кога избираат дестинација за одмор. Голем дел од туристичките активности во една земја зависат од стабилноста на климата. Во Македонија, намалените врнежи на снег можат негативно да влијаат врз зимските туристички капацитети, особено врз тие на пониска надморска висина како што се Маврово и Крушево. Се очекува зимскиот туризам да биде најчувствителен на климатските промени. Функционирањето на зимскиот туризам, во кој главна активност е скијањето, зависи од количината и сигурноста на снежната покривка. Се прогнозира дека зголемување на температурата за 1°C ќе доведе до поместување на снежната линија за 150 метри повисоко. Климатските промени под знак прашање ќе ја доведат исплатливоста на зимскиот туризам. Меѓу главните причини за тоа се намалувањето на сигурноста на снегот поради промените во зимските врнежи, како и на количината и бројот на денови со снежна покривка. Топењето на постојано замрзнатите површини поради зголемување на средните температури и бројот на топли летни денови ќе ја намали безбедноста на инфраструктурата во овие зони и ќе го зголеми ризикот од лизгање на земјиштето и одрони. Екстремните временски настани кои ги носат климатските промени можат да ги уништат домовите, медицинските објекти и другите основни средства кои се потребни за здравствена заштита. Голем дел од населението во ранливите подрачја можеби ќе треба да се пресели, што дополнително го зголемува ризикот од пренесување заразни болести и може да предизвика дополнителни последици врз здравјето. Освен за човекот, климатските промени се сериозна закана за биолошката разновидност бидејќи видовите еволуирале за да живеат на определена клима и честопати не можат да се адаптираат на повисоките температури, почестите суши и поекстремните временски настани. Токму поради овие сложени односи во екосистемите, миграцијата или исчезнувањето на некој вид неизбежно ќе ги изложи на ризик останатите видови.
Фотографија: Доријан
Миловановиќ
Текст: Владо Николовски