За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Матка ја откри неспособноста на институциите

Повеќе од две недели ниту една институција во државава не успеа да лоцира одговорност за поставувањето на дивоградби во Кањонот Матка, заштитено подрачје, Споменик на природата.  Под притисок на јавноста, надлежните го прекинаа институционалниот молк и одржаа состаноци, испратија барања и известувања, сепак се прогласија за ненадлежни и одговорноста ја префрлија во друга институција.

Инспекцискиот совет, кој е самостоен орган формиран за да ја координира работата на 30-тината инспекциски служби, на известување од од Градот Скопје од 19.2.2019 за состојбата во Кањонот, ги собра сите надлежни институции на состанок (22.2.2019) на кој присуствуваа претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина, Инспекторатот на град Скопје, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Општина Сарај, Управата за заштита на културното наследство.

Инспекцискиот совет прв се прогласи за ненадлежен наведувајќи дека според член 16а став 5 од Законот за инспекциски служби, нема надлежност над овластените инспекциски служби на Општина Сарај, но и да постапува по претставки кои се однесуваат на работата на овластените општински инспектори. Инспекцискиот совет посочи дека за платформата на Матка се надлежни: Општина Сарај, Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за заштита на културното наследство – исто така дел од состанокот.

Одговор од Инспекциски совет до СамоПрашај на 25.02.2019 г.

И Министерство за животна средина, кое е цитирано и во Законот за заштита на природата со кој Матка е категоризирана како Споменик на природата од III категорија, се прогласи за ненадлежно да утврди одговорност за поставувањето на дивата платформа, оти според  Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата од спроведување постапка за оцена на влијание врз животната средина, тоа не е проект за кој е потребна проценка на влијанието.

Оттаму додаваат дека, Секторот за животна средина при Министерството, нема информација каде точно се наоѓа платформата, односно дали таа навлегува во заштитеното подрачје на Кањон Матка. Останатите прашања за тоа какви стандарди треба да исполнат градбите како платформата и кој треба да постапува во услови кога тие се нелегално поставени нè упатија кон  Државниот инспекторат за животна средина.

И од овој инспекторат не добивме конкретен одговор за надлежноста која тие ја имаат и дали можат да утврдат одговорност за дивото поставување платформи. Иако ветија дека ќе излезат на терен, тоа сè уште не го направија, а останатите одговори нè вратија да ги бараме во Министерството за животна средина.

Од Управата за заштита на културното наследство, како една од институциите присутни на состанокот во Инспекцискиот совет, одговорија дека не добиле известување, ниту евидентирале изградба на објекти во контактната зона на заштитениот манастир Св. Андреа – Матка. Овој манастир е прогласен за културно наследство од особено значење на 3 април 2018.

Одговор од Управата за заштита на културното наследство до СамоПрашај на 26.02.2019 г.

Најповиканите наместо на терен, функционираат под притисок на медиумите и на министерот

Министерството за транспорт и врски минатата недела (25.2.2019) го повика Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да излезе на терен, да подготви извештај со цел Министерството да оцени дали има елементи за одземање на ингеренциите во областа на градежништвото на Општина Сарај. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, повторно го повика Државниот градежен инспекторат (2.3.2019) да постапи согласно член 145 од Законот за градење.

Извор: Сител Телевизија, 02.03.2019 г.

Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам минатата недела (01.03.2019) одговорија дека се прогласиле за ненадлежни на состанокот во Инспекцискиот совет. Истиот одговор го добивме и ние пред одржувањето на состанокот и сега, откако Министерството за транспорт и врски ги повика да излезат на терен. Но Законот за градење предвидува низа ингеренции на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во услови кога општинскиот овластен градежен инспектор не си ја врши работата.

Преземање на работите од страна на градежниот инспектор

Член 145

(1) Доколку градежниот инспектор утврди дека овластениот градежен инспектор не ги врши работите пропишани со овој закон, е должен веднаш да поднесе писмено укажување до градоначалникот на општината за неизвршувањето на работите.

(2) Доколку овластениот градежен инспектор не ги изврши работите за кои е овластен согласно со овој закон во рок од седум дена од денот на доставувањето на укажувањето од ставот (1) на овој член, градежниот инспектор составува записник кој од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се доставува до министерот кој  раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот со предлог за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор по конкретниот предмет за кој е утврдено неизвршување на работите. Записникот заедно со предлогот се доставува и до градоначалникот на општината, односно градоначалникот на општината во градот Скопје.

(3) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот врз основа на предлогот, донесува решение за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор, по конкретниот предмет за кој е утврдено неизвршување на работите кое се доставува до градоначалникот на општината, односно градоначалникот на општината во градот Скопје.

(4) Вршењето на преземените работи од овластениот градежен инспектор, градежниот инспектор го врши до нивно извршување.

(5) Работите од ставот (1) на овој член градежниот инспектор ги врши за сметка на општината и се на товар на буџетот на општината, а за трошоците за извршените работи органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот доставува известување до органот на државната управа надлежен за работите на финансиите.

(6) Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на финансиите по добиеното известување од ставот (5) на овој член, приходите на општината, односно на општините од подрачјето на градот Скопје по основ на надоместок за уредување на градежно земјиште, во висина на направените трошоци, ги пренасочува на сметка на Буџетот на Република Македонија.

Ингеренции на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам според Законот за градба

Сепак Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на 4.3.2019 година до Општина Сарај испратил барање овластено лице од општината да излезе на терен кај дивите платформи, да состави записник и да го извести Инспекторатот како ќе постапи. Рокот кој Сарај го добил е 5 дена.

Истовремено, доставено е известување и до Министерството за транспорт и врски како одговор на нивното барање.

За ненадлежен се прогласи и Инспекторатот за локална самоуправа. Според Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа негова надлежност е да врши надзорот над законитоста на прописите на општините и над постапката за нивно донесување. Поставувањето на платформата, појаснуваат од таму не се уредува со пропис на општината, туку со одобрение.

За непостапување на органите на државната и на локалната власт и други државни органи, по претставка постапува  Државниот управен инспекторат. Од таму велат дека не добиле официјална претставка ниту од граѓанин, ниту од државен орган. Додаваат дека ја следат состојбата и се во контакт со Инспекцискиот совет.

Најнетранспарентна во целата истрага беше и сѐ уште е општина Сарај. Службата за односи со јавност и за слободен пристап до информации од јавен карактер две недели не одговара на ниту едно наше прашање, повикувајќи се тоа дека Раководителот на Секторот за урбанизам веќе дал изјава за медиуми. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, не одговара на нашите повици и пораки со прашања. Во изјава за друг медиум кажа дека платформата, но и други монтажни објекти (уште две платформи) на Кањонот се дивоградби, но ќе бара начин тие да бидат правно регулирани. Ист ваков одговор добивме и ние од извори од општината кои сакаа да останат анонимни.

Град Скопје, односно градоначалникот Петре Шилегов, неколку пати истакна дека први алармирале за дивоградбата, но дека немаат надлежност ниту технички можности да ја урнат платформата, постапка за која единствено е надлежна Општина Сарај.

Судбината на Матка ќе остане во надлежност на овие институции сѐ додека не се подготви Закон за репрогласување на Матка за заштитено подрачје со кој ќе се утврди категоријата на заштита, границите на заштитеното подрачје, зоните на заштита и најважно – субјектот кој ќе управува за заштитеното подрачје. Овој закон, иако се подготвува неколку години, сѐ уште не се знае кога ќе биде донесен.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Марија Севриева

Види повеќе за истата тема: Општина Сарај го игнорира Шилегов и не ја руши дивоградбата на Матка

Сподели