За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Општина Аеродром нема да дозволи сепарација за песок и чакал во Долно Лисиче

Советот на Општина Аеродром усвои Иницијатива за укинување на концесиите за експлоатација на минерални суровини во Долно Лисиче. Градоначалникот Тимчо Муцунски ја демантира Владата и порача дека локалната самоуправа не дала позитивно мислење да се копа песок и чакал во близина на куќите на локалните жители. Случајот што го обелодени „ДОМА“ предизвика голем револт меѓу локалното население, но доби и нови димензии откако се отвори сомнеж дали централната ја „заобиколила“ локалната власт кога го потпишала концесискиот договор на 10 години со фирмата „Фивла транспорт“, којашто атрактивното државно земјиште со коешто управува Земјоделскиот факултет при УКИМ го пикирала за своите деловни активности.

Сега, локалната самоуправа има документ со којшто се спротивставува на намерите на централната власт да се копа песок и чакал на локалитетот во Долно Лисиче.

„Општина Аеродром преку надлежното Министерство за економија ќе достави барање за укинување на одлуките за доделување концесија поради неисполнетост на условите од Законот за минерални суровини и тоа: Нема позитивно мисење за бараната концесија од Општина Аеродром – не е донесена одлука на Совет. Не се доставени примероци од договорите за концесија, склучени по конкретните одлуки за доделување концесија. Пристигнати се бројни реакции од жителите на локалитетот Долно Лисиче, како засегната јавност, со барања за заштита на животната средина и спречување на експлоатација на минерални суровини којашто може да биде штетна за квалитетот на животната средина, животот и здравјето на луѓето или емисија од којашто може да произлезе штета за имотот“ се вели во Иницијтивата.

Но, Општината нема да застане тука. Аеродром од Министерството за економија бара податоци за сите одлуки за концесии на територијата на локалната самоуправа зошто од нив треба да има прилив во буџетот на Општината, која досега не е известена за тоа.

Наместо одговори, стари формулации

„ДОМА“ побара одговори зошто Владата за само една година го променила ставот, откако во 2018 година прво го одбила барањето на „Фивла транспорт“ поради негативното мислење од Општина Аеродром за само една година подоцна да се премисли и да даде „зелено светло“ да се копа крај куќите на жителите на Долно Лисиче. Тоа е јасно наведено во записниците од владините седници, одржани на 30 јануари 2018 година и 30 јули 2019 година.

За една година Владата се предомисли околу концесиите

Од Владата побаравме одговори зошто за само една година го променила ставот, која е причината за тоа, дали Владата ја игнорирала Општина Аеродром која дала негативно мислење, каков е јавниот интерес за на ова земјиште, со кое со години управувал УКИМ да се дадат концесии за експлоатација на песок и чакал. Конкретен одговор не добивме. Владата го повтори ставот што го добивме од Министерството за економија дека сите институции, вклучително и Општина Аеродром дале позитивно мислење.

„Министерството за економија по службена должност побара мислења од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, шумарството и водостопанството, земјоделството, како и од локалната самоуправа на чија територија е поднесена иницијативата за вршење на детални геолошки истражувања, односно од Општина Аеродром и истите имаат дадено позитивни мислења по иницијативите по наведените концесии. Концесионерот и покрај доделените концесии за експлоатација на минерална суровина сè уште нема право да врши експлоатација, бидејќи не му е издадена дозвола за експлоатација. “, велат од Владата.

Министерството се повикува на мислење од пред 10 години

„ДОМА“ побара од Министерството за економија да ни достави позитивното мислење од Општина Аеродром. Оттаму ни испратија документи коишто датираат од 2012 година, во кои Општината навела дека локацијата се наоѓа надвор од опфатот на ГУП и не е планирана со ГДУП, туку со општ акт на кој се дефинира дека на земјоделското земјиште може да се градат индустриски капацитети.

 

Но, она што е нејасно е зошто Владата шест години подоцна го одбила барањето на „Фивла транспорт“ и го прифатила негативното мислење од Општина Аеродром коешто е поново, а сега се повикува на документи стари 10 години, занемарувајќи го противењето на локалната самоуправа.

УКИМ не кажува дали некој ги известил за промената

Ниту од Земјоделскиот факултет, ниту од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ не кажуваат дали некој ги известил за промена на владината одлука од 2016 година, ова земјиште да му се даде под закуп на УКИМ со непосредба спогодба на долготрајно користење, на период од 20 години.

 

Оттаму не одговорија дали некој барал од Универзитетот да се откаже од земјиштето коешто денеска се користи како расадник, ниту каков е нивниот став во однос на плановите на тоа место да никне сепарација за песок и чакал. На тоа жестоко се противат локалните жители, коишто се закануваат со протести доколку надлежните не се откажат од намерата да дозволат крај нивните домови да „никне“ сепарација за песок и за чакал. Луѓето стравуваат дека со тоа ќе бидат изложени на непосреден ризик од поплави, бидејќи Вардар е во непосредна близина, а веќе имаат негативни искуства од надоаѓањето на реката.

Која е „Фивла транспорт“?

На интернет има оскудни информации за фирмата „Фивла транспорт“, којашто има добиено концесија за експлоатација на песок и на чакал во Долно Лисиче. Според податоците на Централниот регистар, оваа компанија е основана како друштво коешто се занимава со транспорт и со трговија. Фирмата е основана во 2009 година, а како нејзин сопственик, според податоците на Централниот регистар се јавува извесен Владимир Качаниклиќ.

Надежите на локалните жители сега се во Општина Аеродром, дека со Иницијативата ќе успее да спречи на тоа место да никне сепарација за песок и чакал. Но, порачуваат дека ако централната власт не ја промени одлуката и издаде дозвола за експлоатација на минерални суровини, тие преку протести ќе се борат за правото да живеат во здрава животна средина, ослободени од стравот од поплава.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Александар Миловановски
Монтажа: Ристе Душковски

Сподели

samo-prasaj_gif-3