За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Парк шума Гази Баба, зеленото срце на Скопје, жртва на колективната (не)свест

Забрзаниот развој на општеството и (не)правилното и (не)одржливото искористување на природните ресурси се голем предизвик за опстанокот на екосистемите на планетата Земја. Под притисок климатските промени, искористување на дрвната маса за градби и греење како и катастрофите предизвикани од човекот ( пред се шумските пожари ), човекот довел до загрозеност и до раб на исчезнување голем број на растителни и животински видови. Со цел заштита на глобалниот еколошки систем како и на целиот жив и нежив свет, сите институции, организации и поединци спроведуваат активности за заштита и конзервација на природата и растителниет и животински видови.

Во Република Македонија заштитата на животната средина е пропишана пред се со Уставот на Република Македонија каде што секој има право на здрава животна средина и е должен да ја штити и унапредува истата. Исто така, со Уставот, природните богатства се определуваат како добра од општи интерес и уживаат посебна заштита. Со спроведување на законите се овозможува носење на стратегии, програми, планови, планирање и уредување на просторот, спроведување на мерките за заштита, мониторинг и евалуација, подигнување на јавната свест, правилно искористување на природното наследство, поттикнување на научно истражувачка работа и др. Во Република Македонија постојат голем број законски одредби кои се важни за зачувување на природата: Закон за заштита на природата, Закон за животна средина, Закон за води, Закон за шуми, Закон за лов, Закон за пасиште, Закон за прогласување на заштитени подрачја како и бројни закони за управување и заштита на заштитени подрачја во Македонија.

Заштитените подрачја во Македонија опфаќаат 2.300,83 км², што претставува 8,97% од територијата на земјата. Од 86 заштитени подрачја, 67 се означени под категоријата споменик за природа, иако најголем дел се под национални паркови (4,5%). Според Секторската студија за заштита на природното наследство, подготвена за Просторниот план на Република Македонија до 2020 година, се предвидува зголемување на процентот на заштитени подрачја со покривање на 11,5% од целата територија.

Park suma Gazi Baba zelenoto srce na Skopje zrtva na kolektivnata nesvest vnatre 1Табела 1: Maja Vasilijević, Sanja Pokrajac, Boris Erg, 2018, Summary of nationalassessments of the state ofnature conservation systems inSouth-Eastern Europe

Park suma Gazi Baba zelenoto srce na Skopje zrtva na kolektivnata nesvest vnatre 1Maja Vasilijević, Sanja Pokrajac, Boris Erg, 2018, Summary of nationalassessments of the state ofnature conservation systems inSouth-Eastern Europe

Парк шума гази баба

Парк шумата Гази Баба е заштитено подрачје на територија на град Скопје ( Заштитен предел, категорија IUCN V ) и е еден од ретките големи површини ( бели дробови ) на градот, како што се Градскиот парк, Водно итн но и е реткост од пошироки размери, едно такво заштитено подрачје во урбана средина. Иако е вештачки подигната, согласно нејзиното значење Градот Скопје шумата на локалитетот Гази Баба ја заштитил како “карактеристичен пејсаж”.  Согласно Законот за прогласување на локалитетот Парк Шума Гази Баба за парк на природата ( Службен весник на РМ, бр.44 од 19.03.2015 ), локалитетот се прогласува за заштитено подрачје – парк-шума и граничи на север со општина Бутел ( населбата Бутел 2 ), на исток со општина Гази Баба ( населбите Железара и Автокоманда ), на запад со општина Чаир и на југ со Природно – Математичкиот факултет, Студентскиот дом „Стив Наумов“, Шумарскиот факултет и Земјоделскиот факултет. Како управител на заштитеното подрачје, согласно усвоениот Закон, се јавува град Скопје а со зеленилото управува ЈП Паркови и зеленило.

Карактеристичнот пејсаж Гази Баба изнесува 102,44 хектари и формиран е во 50тите години на минатиот век за заштита на градот од влијанието на Железара. Со проширување на градот како и намалување на работата на Железара, парк шумата добива и културно-воспитната и туристичко-рекреативната функција.

  • Проблеми / Теренска проценка на студентски здруженија ( Истражувачко здружение на студенти географи „Природник“, Истражувачко Друштво на студенти биолози ИДСБ, Здружение на студенти на Шумарски факултет – ДРЕН Скопје, Интернационална ветеринарна студентска асоцијација – Скопје

Карактеристичниот пејсаж Гази Баба е од големо значење за граѓаните на Скопје. Со цел подобрување на заштитата на парк шумата Гази Баба, на ден 17.03.2019 ИЗСГ Природник, ИДСБ. ИВСА и ДРЕН организираа акција за мапирање на ѓубришта/депонии и постоечка урбана инфраструктура во парк шумата Гази Баба. Учесниците се поделија во 4 тимови со претставници од сите Здруженија и заедно спроведоа активности за обезбедување на координати од местата каде што се можеше да се лоцира ѓубре и оштетувања на инфраструктурата и воедно се фотографираа сите места. Истите податоци потоа се внесоа во интерактивна мапа која ќе помогне во мобилизирање на институциите и граѓаните да се започне со ревитализација на парк шумата Гази Баба.

Сумарни резултати и од проценката

Park suma Gazi Baba zelenoto srce na Skopje zrtva na kolektivnata nesvest vnatre 1Табела 2: ИЗСГ Природник, ИДСБ, ДРЕН, IVSA Македонија, Извештај за спроведено мапирање на локации со отпад и проценка на постоечка урбана опрема во парк шума Гази Баба, 2019

Податоците во овој извештај ( состојба на ѓубре, инфраструктура итн ) се заклучно со денот на проценката 17.03.2019. Мониторингот и континуираните посети на парк шумата од страна на студентите по направената проценка ( заклучно со месец август ) не прикажаа промена во состојбата. Иако по доставениот извештај до општина Гази Баба, од страна на општината беа спроведени активности за чистење и воедно поставување на урбана опрема, истата беше повторно оштетена и повторно по завршување на викендите парк шумата беше за жал полна со отпадоци.

Предлози за понатаму

Согласно теренските активности на студентски здруженија но и согласно одредбите од Законот за прогласување на заштитетното подрачје парк шума Гази Баба, поточно член 6,7 и 8 во кои се специфицирани заштитните мерки и одредби, со цел повторно да се врати во полн сјај потребно е:

Превземање на мерки за заштита на парк шумата

  • Спроведување на долготрајни едукативно – научни програми за подигнување на јавната свест за значењето на заштитеното подрачје ( едукативни прошетки, работилници за таргет групи, проекти, вклучување на деца од основните и средните училишта итн. )
  • Вклучување на здруженија на граѓани и институции во научно истражувачки активности со цел проучување на парк шумата
  • Уредување на парк шумата со цел пристапност до јавноста и посетителите преку поставување на патокази и едукативни табли за биодиверзитетот и геодиверзитетот,
  • Поставување и обновување на урбана опрема за посетителите ( клупи, канти за ѓубре, маси, летниковци итн )
  • Спроведување на активности за чистење на ѓубрето оставено од несовесните посетители
  • Воспоставување на систем за мониторинг ( чуварска-редарска служба ) и еко патроли
  • Кампања за подигнување на свеста за заштита на шумата и животинските видови
  • Разгледување на можност за оградување на парк шумата со цел намалување на можноста за појава на депонии на крајните граници

Подготвил:

Александар Стојаноски, ИЗСГ Природник при ПМФ Скопје

Извор на информации:

  • Maja Vasilijević, Sanja Pokrajac, Boris Erg, 2018, Summary of nationalassessments of the state ofnature conservation systems inSouth-Eastern Europe
  • Димитровска O., 2012, Заштита на животна средина
  • https://www.gazibaba.gov.mk/mk/prirodni-resursi/zhivotna-sredina/prirodni-resursi
  • Закон за прогласување на локалитетот Парк Шума Гази Баба за парк на природата ( Службен весник на РМ, бр.44 од 19.03.2015 )
  • Решение за прогласување на Одлуката за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејсаж ( Службен гласник, број 08 – 3023/1, од 24 ноември 1998 година )
  • ИЗСГ Природник, ИДСБ, ДРЕН, IVSA Македонија, Извештај за спроведено мапирање на локации со отпад и проценка на постоечка урбана опрема во парк шума Гази Баба, 2019
Сподели